Обединетите нации тргнуваат во својата прва мисија во Вселената

0

Леталото Дрим Чејсер (Dream Chaser). Извор: UNOOSA; Space.com

За да им овозможат на земјите во развој истражувања во услови на микрогравитација, Обединетите нации (ОН) потврдија дека тргнуваат во својата прва, историска мисија во Вселената. Лансирањето е најавено за 2021-та година, а ОН ќе ја искористат Дрим Чејсер (Dream Chaser), леталото на американската „Корпорација Сиера Невада“ (Sierra Nevada Corporation – SNC).

Информацијата неодамна е објавена од Бирото за вселенски работи при ОН (UNOOSA), и тоа во текот на одржувањето на Меѓународниот астронаутички конгрес во Гвадалахара. Станува збор за собир на кој и познатиот Елон Маск ги објави своите планови за колонизација на Марс, и тоа преку илјадници летови со своите SpaceX бродови. И додека ОН очигледно немаат чувство за мегаломанија, сепак станува збор за одлична мисија, која би можела да им даде нови можности за истражување на Вселената на бројни земји кои немаат можност за лансирање на сопствени истражувачки сателити.

„Една од главните задачи на UNOOSA е засновање на меѓународна соработка на полето на мирољубиво истражување на Вселената“ – во стилот на „Ѕвездени патеки“ изјавила директорката на организацијата, Симонета Ди Пипо (Simonetta Di Pippo). „Со целосно задоволство можам да кажам дека UNOOSA во соработка со нашите партнери од Корпорацијата Сиера Невада ќе ги постигне наведените цели преку отворање на целокупен микрогравитациски програм на сите држави-членки на ОН, а од кои голем број немаат инфраструктура и финансиски средства неопходни за сопствен вселенски програм“- открила Ди Пипо.

За потсетување, иако Дрим Чејсер сè уште е во фаза на развој, од SNC претходно е потврдено дека првиот пробен лет се планира до крајот на оваа година, додека на своето прво патување кон Меѓународната Вселенска Станица би требало да полета во 2019 година. Бидејќи станува збор за мултифункционално летало, кое може да пренесе околу 5,5 тони терет, односно седум астронаути, интересот на ОН за соработка е очекуван.

Сепак, ваквата услуга нема да биде целосно бесплатна за земјите кои ќе сакаат да се вклучат во истражувањето на Вселената, што е и логично, земајќи ги предвид високите трошоци за вселенските мисии. За среќа, се чини дека земјите-учеснички во мисиите ќе учествуваат во трошоците со мал процент.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.