„Бабушки“ составени од три блиски супернови

0

Тим од астрономи под водство на истражувачите од Институтот за астрофизика од Канарските острови (Instituto de Astrofisica de Canarias, IAC) го пронајдоа првиот случај на три супернови содржани една во друга.

„Бабушки“ составени од три блиски супернови

Уметнички приказ на три ширечки концентрични прстени од експлодирани ѕвезди. Извор: Instituto de Astrofisica de Canarias

Експлозијата на ѕвездите претставува катастрофално случување од космички размери. Човековиот ум не е во состојба да ја сфати таа колосалност, бидејќи количината на енергија којашто се ослободува во експлозијата е еднаква на Сончевата во текот на цел еден животен век.

Секако, прашањето „Дали би сакале да бидете во непосредна близина на супернова?“ е излишно бидејќи се разбира дека тоа не би го сакале. Но, што би рекле кога некој би ви предложил да престојувате во близина на тројна супернова?

Доколку вонземјани би го истражувале просторот во непосредна близина на галаксијата М33, би имале можност да ги истражат подоцнежните случувања од претходните две прашања. Имено, астрономите откриле остаток од супернова, но не од една, туку вкупно три екплозии непознати до тој момент. Поточно кажано: сферните обвивки од исфрлениот гас се шират во облик на три концентрични сфери со центар во иста точка. Тоа значи дека сите три ѕвезди кои постанале супернови се наоѓале многу блиску една до друга.

Чудното трио од супернови е откриено со користење на техники за специфични истражувања на брзи гасови во движење. Техниката вклучува специјален вид на спектрограф со особина да ја разложува светлината којашто доаѓа од астрономскиот објект на многу тесни линии боја. Вкупниот спектар открива мноштво информации за објектите како што се, помеѓу останатото, составот и брзината на објектот во просторот.

Опишаниот специјален спектрограф е способен да направи спектар за било која точка во видното поле на телескопот. Во случаите на остатоци од супернова, односно поради ширењето на гасот за време на експлозијата, еден дел од материјата се движи кон нас (поблискиот дел од остатокот за нас) и од нас (оддалечениот дел од остатокот). Спектарот од гас којшто се движи кон нас е поместен кон пократките бранови должини (т.н. сино поместување) додека гасот којшто се движи во спротивен правец, односно, се оддалечува, има спектар поместен кон подолгите бранови должини (црвено поместување).

Со исцртување на мапа со сини и црвени поместувања, астрономите имаат увид во положбата на гасот кој се шири и неговата брзина. На нивно изненадување, со анализа на мапите, откриле три прстени со гас чии центри се поклопуваат во иста точка. Сите три прстени имаат различен пречник и брзина.

Заклучокот е дека во М33 мора да се наоѓа ѕвездено јато во чиј состав се наоѓале три ѕвезди со приближно иста старост и маса. Врз основа на измерените брзини на ширење и големината на сите прстени направена е проценка дека наведените ѕвезди експлодирале, по ред, пред 114.000, 40.000 и 21.000 години. Меурите на гас настанати со екплозиите се со пречник од 140, 52 и 41 светлински години, соодветно. За потсетување, масивните ѕвезди живеат неколку милиони години што значи дека трите ѕвезди експлодирале практичо во исто време споредено со животниот век и заклучокот е дека практично се родени во исто време и со иста почетна маса.

Секој меур од ширечки гас издувувал меѓуѕвезден гас и прашина пред себе, зголемувајќи ја сопствената маса притоа потсетувајќи на снег којшто се насобира на лопата во текот на чистењето. Со оглед на изнесениот факт, чудно е тоа што и најмладата од трите експлозии била во состојба сè уште да чисти некаков материјал пред себе бидјеќи веќе после првата експлозија практично се било исчистено. Не можело да остане толку материјал којшто наредните две експлозии го чистеле пред себе и спротивено е на наодите од истражувањата во случајот на трите блиски супернови во М33.

Астрономите чиишто набљудувања се користени за истражување го искажуваат истото чудење. Нивната претпоставка е дека ладниот гас згуснува, вообичаенo за регионите со активни ѕвезди, се „крши“ и врие во текот на првата и втората експлозија, односно, се нашол во облик на пареа во акумулираниот гас. Така формираниот материјал потоа е исчистен во наредната експлозија.

Галаксијата М33 е оддалечена помалку од 3 милиони светлински години од нас, практично е во нашиот галактички двор и претставува мала спирална галаксија во она што ние го рекекуваме Локална галактичка група и која ја сочинува прилично сиромашна група галаксии вклучително и нашата галаксија, галаксијата Андромеда и група џуџести галаксии. Тоа значи дека оваа мистериозна бабушка составена од остатокот од суперновите може детално да се истражи, што секако претставува добра вест.

Постои уште еден интересен момент поврзан за трите концентрични супернови: доколку ние воочуваме вакви феномени во блиската галаксија тоа може да значи дека станува збор за вообичаен феномен. Надежта е дека и наредните истражувања ќе доведат до пронаоѓање на уште вакви објекти. Универзумот во исто време е и чудно и прекрасно место и секое пронаоѓање на нов тип астрономски објекти ги воодушевува астрономите дури и во случаите кога се резултат на најнасилните можни случувања во целиот Универзум.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.