Да ја продолжиме приказната за оддалеченоста на нашата Месечина (првиот дел прочитајте го овде). Стигнавме до оваа точка во минатото:
Земјата и Месечината имаат иста брзина и свртени се една кон друга со иста страна. И се движат како едно тело, како да се поврзани со некаква ригидна спрега.
Тоа беше фантастична глетка, бидејќи Месечината толку се доближи до Земјата, скоро да ја допре. Сликата недоволно потсетува на старите приказни во кои некогаш Месечината била толку ниско што кучето ѝ одгризало парче, а девојка се фрлила во нејзината кал.
Можеби сепак ова е претерано. Според некои пресметки, Месечината во тој период била оддалечена од Земјата 22,530 километри. Сепак глетката имала свој шарм. Месечината изгледала 16,5 пати поголема околку денес и покривала голем дел од небесниот свод. Светлината од Месечината била силна, ноќта скоро и да не постоела. Затемнувањата на Сонцето биле чести и долго траеле.
Но, движењето на Месечината во такви услови не било стабилно. Доволно било Месечината и незначајно да се помести од почетната положба и да се наруши рамнотежата во силите кои ја држеле во таа орбита. Причини за поместување постоеле. На Земјата се одвивале бурни геолошки процеси и Месечината можела да падне или да се оддалечи од Земјата. Порано или подоцна нешто од тоа морало да се случи.
Но, ниту во далечната иднина, движењето на Месечината во најдалечната орбита од Земјата, изгледа дека нема да биде стабилно. Ако поради ништо друго, тогаш поради Сонцето. Поради синхронизираното движење на Месечината и Земјата, плимата која потекнува од Месечината ќе биде неподвижна во однос на двете тела. Меѓутоа, Сончевите плими и понатаму ќе се движат, и без разлика колку ќе бидат мали, ќе ја забавуваат Земјината ротација бидејќи ќе се поместуваат во спротивен правец. Со ова денот ќе се продолжи и движењата на Месечината и Земјата повеќе нема да бидат синхронизирани. Денот ќе стане подолг од месецот и Месечинта ќе почне да се движи од запад кон исток. Лунарното плимско испапчување на Земјата повторно ќе се крене бидејќи ќе ја следи Месечината. Ќе се обиде да ја забрза ротацијата на Земјата. Но Месечината сега е далеку од Земјата и нејзината гравитација повеќе не е толку силна. Силите на триење ја трошат механичката енергија (ја трансформираат во топлинска) и таа не може да остане во својата орбита. Ќе почне да се приближува до Земјата, сè поблиску и поблиску, и конечно ќе падне на неа. И тоа ќе биде крај на приказната и изучување на Месечината.
Секако, ова е само теорија и дали сè ќе биде токму така не знаеме. Според некои пресметки веќе има отстапувања од оваа теорија, бидејќи денот во денешно време, земајќи го предвид плимското триење, требало да биде подолг од 24 часа – би требало да трае 26 часа. Значи нешто го спречува забавувањето на ротацијата на Земјата.
Според мислењето на ерменскиот научник А. Асланјан, причината лежи во контракцијата на Земјината топка. Пречникот на Земјата се намалува 6,37 cm за еден век и тоа негово скратување, односно контракцијата на Земјата, ја забрзува нејзината ротација со што се компензира плимското кочење.
Сепак, од друга страна, утврдена е секуларна акцелерација. Месечината навистина го забрзува своето кружење околку планетата и таа изгледа навистина ќе отиде на далечно патување во далечната иднина, и човештвото, ако биде доволно интелигентно да преживее до тоа време, ќе може само да прераскажува како некогаш постоела Месечина ниско над Земјата, толку силна што среде ноќ правела сенка.
Сепак, дали е теоријата на Дарвин точна? Дали некогаш во минатато месецот навистина имал помалку денови од денес? Или е во прашање само една обична теорија заснована на пресметки и логика создадена во некаков мрачен кабинет, на хартија, а без можност емпириски да се провери и докаже? Бидејќи никакви записи од таа доба не постојат. Homo sapiens се појавил пред околку 400 илјади години, а ни требаат сведоци од пораната доба, од пред барем десетина милиони години.
Сепак можеби еден таков сведок постои. Во водите на Индискиот океан живее едно симпатично животинче, цефалопод, со убава спирална школка којашто може да се најде во колекциите на колекционерите на школки и морски полжави. Наречена е Наутилус, а повеќе е позната по нејзиното латинско име Nautilus Pompilius.
По неа Жил Верн ја именувал познатата подморница на капетан Немо во романот „Дваесет илјади милји под морето“, а и цела серија на американски подморници го носела истото име, Наутилус. Од сите нив, најславна е можеби онаа којашто во 1954-та година успеала под вода да стигне до Северниот пол. Воедно тоа била и првата подморница на нуклеарен погон.
Школката Наутилус има дијаметар нешто помалку од 30 cm, свиена е во спирала, а се состои од низа комори одделени со прегради. Коморите се исполнети со гас, најмногу водород, а домаќинот живее во надворешната и најголема комора. Неговиот живот е едноличен според наше поимање. Денот го поминува на дното од океанот, 400 до 600 метри под водата, а ноќно време се издигнува на површина. Потоа повторно потонува до следната ноќ. Постојано ја надоградува својата школка. Излачува супстанца со која го гради ѕидот на својата варовничка школка. После месец дена, кога ѕидот ќе нарасне, гради преграда и со тоа е завршена една комора. Поради кревање на површината и нуркање во водата материјалот од ѕидот се стврднува со различна брзина, па на ѕидот од школката се формираат многу фини, тенки бразди. Помеѓу две комори има 29 или 30 бразди. Секогаш толку. А синодичкиот месец трае 29 и пол денови.
Сидерален месец е времето потребно Месечината да направи една револуција околку Земјата. Бидејќи Земјата постојано се движи по својата орбита околу Сонцето, Месечината треба да заокружи нешто повеќе од 360° за да ги исполни сите месечеви мени. Затоа синодичкиот месец, кој уште се нарекува и лунарен месец, трае подолго од сидералниот месец. Сидералниот месец трае 27.322 денови, а синодичкиот месец трае 29.531 денови.
Што влијае за ова суштество да прави прегради точно на 29 или 30 денови? Тешко е да се поверува дека Месечината директно влијае, но некоја појава на Земјата којашто е поврзана со Месечианта, звучи убедливо. Можеби на некој начин морските мени кои се производ на силите од Месечината.
Има нешто друго интересно околку ова суштество. Тоа е многу старо животинче, настанато пред 500 милиони години. И за цело ова време останало скоро непроменето. На фосилните остатоци не се воочуваат големи траги на еволуција и начинот на живот од минатото не се разликувал многу од денешниот. Тоа и пред 100 милиони години секоја ноќ се појавувало на површината, а дење се спуштало во длабочините. И секој ден правело по една бразда на својата школка. Пронајдени се доста стари фосили на Наутилус. Кај оние коишто живееле пред 30 милиони години можат да се избројат само 25 бразди помеѓу две прегради. На фосилите кои се стари помеѓу 150 и 300 милиони години бројот на бразди е 17, а на уште постарите, од пред 400 милиони години, бројот на бразди е само 9!
Превод: Александра Бошкова
Извор: Astronomski Magazin