Месечината некогаш била многу поблиску до Земјата [I дел]

0

Марко Теренцие Варон, голем римски научник, кој живеел во вториот и првиот век п.н.е бил првиот кој за датирање на изминатите настани ги користел датумите на затемнување на Сонцето и Месечината. По него, ова станало вообичаена пракса за одредување на датумот на некое случување за кое не постоеле други податоци, а се спомнувало некакво затемнување, и астрономијата во оваа смисла допринела многу за историската наука. Овој метод за одредување на датумот се сметал за особено важен и релевантен аргумент, особено после Њутновото откритие на Законот за општа гравитација, кога е изведен математичкиот модел за движењето на Месечината. Овој модел овозможил многу прецизно да се одредат моментите на затемнување и местата од кои тоа може да се види, за многу векови напред и наназад. Така, денес можеме да го одредиме точниот датум на склучување примирје во битката помеѓу Медијанците и Лидијаните пред две и пол илјади години, бидејќи тоа се случило во моменти на паника  кај двете војски поради неочекуваното затемнување на Сонцето (ова било познатото затемнување на Талес од 28.5.585 год. п.н.е.).

Но, датирањето на затемнувањата од далечното минато (и далечната иднина) не е едноставно. Овие први години од откритието на Законот за гравитација, и кога е конечно прецизно утврдено движењето на нашиот сателит, се покажало дека датумите на затемнувањата од античка доба, добиени по математички пат, не се согласуваат со датумите коишто се пронајдени во историски документи. Едмонд Халеј (Edmond Halley, 1656-1742), англиски астроном, анализирајќи ги податоците од античките затемнувања, пронашол дека оваа дискрепанца се јавува или поради побавното движење на Месечината во минатото, или поради нејзиниот забрзано движење во поново време. Ова значело дека нашиот сателит постепено го забрзува своето движење.

Следеле напори ова забрзување да се измери, потоа биле понудени се попрецизни вредности, појавата е наречена секуларна акцелерација, итн… и сето ова е во ред, меѓутоа прашањето за причините на ова забрзување остануваат отворени. И тоа повеќе од век и половина.

Впрочем, идејата за решението на овој проблем ја дал уште Имануел Кант. Но тој бил филозоф. Со својот филозофски ум, тој ја насетил причината на овој феномен, што не било доволно. Идејата требало математички да се пресмета, претпоставката да се докаже, а тоа му успеало само на Шарл Делоне (Charles-Eugène Delaunay, 1816-1872), француски астроном и математичар, експерт за движењето на Месечината, во половината од деветнаесеттиот век.

Подоцна се увидело дека откритието за оваа причина претставувало почеток за многу подлабоко разбирање.

Англискиот професор по астрономија, Џорџ Хауард Дарвин (1845-1912, втор син на Чарлс Дарвин), истражувајќи ги не толку причините, колку последиците, создал една чудна теорија која на луциден начин се обидува да ги расветли не само замрзнатите моменти во сегашноста, туку и случувањата во времето.

Се работи за следното. Со својата привлечна сила нашиот сателит создава плимско испакнување на Земјата. Испакнувањето е во однос на Месечината (но не и во однос на дадена точка на Земјата), а бидејќи Месечината околку нашата планета се движи скоро 30 пати побавно од Земјиното ротирање околку сопствената оска, излегува дека ова испакнување се движи спротивно од насоката на Земјината ротација, поради што се јавува сила на триење.

Месечината некогаш била многу поблиску до Земјата

Триењето предизвикува низа последици. Земјината ротација се забавува и со тоа денот на Земјата се зголемува. Продолжувањето на денот е многу мало, но сепак мерливо. Тоа изнесува околку двамилионити дел од секундата (0,0000002) на ден. Меѓутоа, во природата, кај механичките закони, не може нешто да дејствува, а и самото да не трпи некое противдејство. Од една страна Месечината влијае врз забавување на Земјината ротација, но од друга страна, ова забавување влијае врз забрзување на Месечевото движење околку Земјата. Ова забрзано движење ја зголемува центрифугалната сила, поради која Месечината се оддалечува од Земјата (3,8 сm годишно). Со тоа се зголемува патеката на Месечината околу планетата, па на истата и треба повеќе време да ја заобиколи, што има за последица продолжување на должината на месецот (се мисли на времето за кое Месечината ја заобиколува Земјата, значи се мисли на временска категорија).

Дарвин забележал дека во денешно доба, земскиот ден се продолжува значително побрзо од месецот. Со други зборови, месецот е сè подолг, но тој содржи сè помалку денови, бидејќи деновите се продолжуваат со сè поголема брзина. Според пресметките на Дарвин, кога месецот ќе трае 37 сегашни денови, аголната брзина на ротацијата на Земјата ќе биде два пати помала од сегашната (Земјата ќе ротира околку сопствената оска два пати побавно), па денот тогаш ќе трае дупло подолго, а месецот ќе има 18 денови (тие 18 денови ќе траат отприлика колку и денешните 37 [1]). Ова продолжување на месецот и уште поголемо продолжување на денот ќе продолжи сè додека месецот и денот не се изедначат. Тогаш и месецот и денот, мерено во денешни денови, ќе траат 55 денови.

Поради големата брзина на движење, Месечината ќе се најде на орбита многу оддалечена од Земјата, а двете тела, Месечината и Земјата, ќе се движат како едно круто тело и ќе бидат свртени едно наспроти друго со иста страна.

Но, ако наместо кон иднината, се свртиме кон минатото, имаме обратен редослед на настаните. Ротацијата на Земјата се забрзува, а деновите се скратуваат во нивното траење. Брзината на нашиот сателит се намалува и неговото патување е се помало, бидејќи ќе се доближи до својата планета. Бидеќи патеката на Месечината сега ќе биде покуса, таа, и покрај намалената брзина, побрзо ќе прави обиколки, па со тоа и месецот ќе биде пократок. Во прво време земските денови ќе се скратуваат побрзо од месецот, па така во месецот ќе има се повеќе денови. Денес Земјата прави 27,3 ротации за време на една ѕвездена револуција на Месечината (сидерален месец), а во некое далечно минато поради поголемото скратување на денот (поради побрза ротација на Земјата) од скратувањето на месецот, Земјата правела 29 ротации. Таа епоха е револуционерна бидејќи уште во далечното минато настанала промена во однос на денот и месецот. И двата се скратуваат,  но сега скратувањето на месецот е поголемо и во него има помалку денови. Стигнавме во доба кога траењето на денот и месецот е изедначено и еден месец трае еден ден, три до пет денешни часа.

(продолжува)

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.