Православен верски календар
Поделбата во Христијанската црква се случува во 1054 година, кога црквата се дели на Источна (православна) и Западна (римокатоличка). Сите светци кои биле востановени до тој период постојат и во двете цркви, а од поделбата па до денес двете цркви посебно си одредуваат свои светци. Пример за тоа се светците Свети Климент и Наум, кои како свети личности не постојат во католичкиот свет.
Но, најголемиот празник кој го прославуваат и двете цркви е празникот Велигден. Велигден се прославува од најстаро време кај целиот христијански свет. Како религиозен празник не се прославуваше само за време на комунизмот во социјалистичките земји. Во тој период не се одредуваше неработен ден, но и самата држава не го попречуваше јавното собирање кај народот. Истото се однесуваше и за празникот на Христовото раѓање – Божиќ.
Велигден различно се прославува во двете поделени цркви. Во Македонија, Србија, Црна Гора и Русија, овој празник се прославува по стариот Јулијански календар, додека останатите православни држави го прославуваат по новиот Грегоријански календар. За определување на датумот кога се прославува Велигден во православниот свет, се земаат предвид неколку работи. Прво, датумот треба да биде после пролетната рамноденица (21 март), после Еврејскиот празник Пасха (Paschal – 14 Нисан по Еврејскиот календар) и во првиот ден недела после полната Месечина. За главен меридијан се зема меридијанот што поминува низ Ерусалим, поточно низ гробот на Исус Христос (околу 35 степени и 15 минути источно од Гринич).
На самиот празник се прославува Христовото воскреснување и празникот секогаш се прославува во недела. Според Евангелието на Матеј, Исус Христос е роден за време на владеењето на Јудејскиот цар Ирод, кој умрел во 4-та година п.н.е. Се претпоставува дека Исус Христос е роден некаде помеѓу 4-та и 7-та година п.н.е. Не е одреден датумот на неговото раѓање, но според некои документи се спомнува 23 октомври. Неговото распнување се случило на 13 Нисан според Еврејскиот календар, еден ден пред големиот Еврејски празник Пасха (празникот Пасха е најголем Еврејски празник, кога се прославува преминувањето на Мојсеј и Евреите преку Црвеното море; тоа се случило во 3761 година п.н.е; во Израел, празникот се прославува седум дена). Воскреснувањето се случило на 15 Нисан според Еврејскиот календар.
За долгорочно одредување на денот кога се прославува Велигден, во православната црква се користи Гаусовата формула. Неа ја има добиено Карл Фридрих Гаус (Carl Friedrich Gaus 1777-1855), еден од најголемите светски математичари. Докторирал на 22 години и бил директор и професор по астрономија во Готингем. Ја има одредено патеката на астероидот Церес, го пронашол магнометарот и извршил мерења на магнетното поле на Земјата. Мерката за магнетна индукција го носи неговото име. Неговиот лик беше на банкнотата од 10 германски марки.
Формулата е формирана на следниот начин :
R1 = година мод 19
R2 = година мод 4
R3 = година мод 7
RA = 19 х R1 + 16
R4 = RA мод 30
RB = (2 x R2) + (4 x R3) + (6 x R4)
R5 = RB мод 7
RC = (R4+R5) + 13 Јулијански денови
RC1 | 22 март | RC 12 | 02 април | RC 23 | 13 април | RC 34 | 24 април | RC 45 | 05 мај |
RC2 | 23 март | RC 13 | 03 април | RC 24 | 14 април | RC 35 | 25 април | RC 46 | 06 мај |
RC3 | 24 март | RC 14 | 04 април | RC 25 | 15 април | RC 36 | 26 април | RC 47 | 07 мај |
RC4 | 25 март | RC 15 | 05 април | RC 26 | 16 април | RC 37 | 27 април | RC 48 | 08 мај |
RC5 | 26 март | RC 16 | 06 април | RC 27 | 17 април | RC 38 | 28 април | RC 49 | 09 мај |
RC6 | 27 март | RC 17 | 07 април | RC 28 | 18 април | RC 39 | 29 април | ||
RC7 | 28 март | RC 18 | 08 април | RC 29 | 19 април | RC 40 | 30 април | ||
RC8 | 29 март | RC 19 | 09 април | RC 30 | 20 април | RC 41 | 01 мај | ||
RC9 | 30 март | RC 20 | 10 април | RC 31 | 21 април | RC 42 | 02 мај | ||
RC10 | 31 март | RC 21 | 11 април | RC 32 | 22 април | RC 43 | 03 мај | ||
RC11 | 01 април | RC 22 | 12 април | RC 33 | 23 април | RC 44 | 04 мај |
За пример, ќе го земеме одредувањето на Велигден за 2005 година.
R1 = 2005 / 19 = 105,526 – 105 = 0,526 x 19 = 9,999 = 10
R2 = 2005 / 4 = 501,25 – 501 = 0,25 x 4 = 1
R3 = 2005 / 7 = 286,428 – 286 = 0,428 x 7 = 2,999 = 3
RA = 19 x 10 + 16 = 206
R4 = 206 / 30 = 6,866 – 6 = 0,866 x 30 = 25,999 = 26
RB = (2 x 1) + (4 x 7) + (6 x 26) = 170
R5 = 170 / 7 = 24,285 – 24 = 0,285 x 7 = 1,999 = 2
RC = (26 + 2) + 13 јулијански денови = 28 + 13 = 41
RC = 41 или 1 мај по Грегоријанскиот календар (види ја горната табела)
Празникот Велигден секогаш го менува датумот, но денот секогаш мора да се падне во недела. Затоа доаѓа до поместување и на други верски празници во текот на годината. На пример, постот за празникот Велигден започнува 7 седмици пред самиот празникот и за 2005 година почна на 14 март. Претходниот ден е празникот Прочка (простување на гревовите) и овој празник секогаш го менува датумот во сооднос со Велигден, но и тој секогаш се паѓа во ден недела. 40 дена по Велигден е празникот Спасовден, и овој празник секогаш се паѓа во четврток. Десет дена по овој празник, или 50 дена по Велигден е празникот Духови (Света Тројца) – ден на мртвите, и овој празник секогаш се паѓа во ден недела. Пред празникот Велигден се т.н. посни денови. Постот во православието е воздржување од мрсна и изобилна исхрана и од сите грешни задоволства, наслади и уживања. И самиот Исус Христос постел 40 дена пред да ја започне својата јавна проповед и да биде искушуван. Покајанието е врвен добродетел во животот на христијаните. Тоа е воскресение на душата и победа на гревот. Преку покајанието и исповеста душата се раѓа за нов и свет евангелиски живот.
Останатите поголеми верски православни празници се:
7 јануари Божиќ (Христово раѓање);
9 јануари Свети Стефан;
19 јануари Богојавление Водици;
31 јануари Свети Атанас;
15 февруари Сретение Господово;
22 март Младенци;
7 април Свето Благовештение;
24 април влегувањето на Исус Христос во Ерусалим – Цветници;
6 мај Свети Ѓорѓиј – Ѓурѓовден;
24 мај Свети Кирил и Методиј;
3 јули Наум Охридски чудотворец;
7 јули раѓањето на Свети Јован Крстител – Иванден;
12 јули Свети Петар и Павле;
2 август Свети Илија – Илинден;
9 август Свети Климент;
19 август Преображение на Исус Христос;
28 август Голема Богородица;
21 септември Мала Богородица;
27 септември Крстовден;
27 октомври Петковден;
8 ноември Митровден;
19 декември Свети Никола.
Посни денови во годината се секоја среда и петок (освен т.н. редовни седмици), водокрст 18 јануари, Свети Јован Крстител 11 септември, Крстовден 27 септември.
Повеќедневни пости се:
Велики пости од 14.03 до 30.04;
Петрови пости од 27.06 до 11.07;
Богородични пости од 14.08 до 27.08;
Божиќни пости од 28.11 до 06.01.
Во среда и петок не се пости во следниве седмици:
-седмица на митарот и фарисејот од 20.02 до 26.02;
-месопусна седмица од 06.03 до 12.03;
-светла седмица од 01.05 до 07.05;
-недела Духовденска од 19.06 до 25.06 и
-недела од Божиќ до Водосвет од 07.01 до 17.01.
Одредени празнични постови го поместуваат датумот во согласност со Велигденските пости.
Во наредните години Велигден се паѓа во следните денови:
2006 година – 23 април;
2007 година – 8 април (се поклопува со католичкиот Велигден);
2008 година – 27 април;
2009 година – 19 април;
2010 година – 4 април (се поклопува со католичкиот Велигден);
2011 година – 24 април (се поклопува со католичкиот Велигден) и.т.н.
За другите години погледнете ја следнава табела.
2006 | 23апр | 2046 | 29 апр | 2086 | 07апр | 2126 | 14апр |
2007 | 08апр | 2047 | 21апр | 2087 | 27апр | 2127 | 04мај |
2008 | 27апр | 2048 | 05апр | 2088 | 18апр | 2128 | 25апр |
2009 | 19апр | 2049 | 25апр | 2089 | 01мај | 2129 | 10апр |
2010 | 04апр | 2050 | 17апр | 2090 | 23апр | 2130 | 30апр |
2011 | 24апр | 2051 | 07мај | 2091 | 08апр | 2131 | 22апр |
2012 | 15апр | 2052 | 21апр | 2092 | 27апр | 2132 | 06апр |
2013 | 05мај | 2053 | 13апр | 2093 | 19апр | 2133 | 26апр |
2014 | 20апр | 2054 | 03мај | 2094 | 11апр | 2134 | 18апр |
2015 | 12апр | 2055 | 18апр | 2095 | 24апр | ||
2016 | 01мај | 2056 | 09апр | 2096 | 15апр | ||
2017 | 16апр | 2057 | 29апр | 2097 | 05мај | 3000 | 20апр |
2018 | 08апр | 2058 | 14апр | 2098 | 27апр | 4000 | 14мај |
2019 | 28апр | 2059 | 04мај | 2099 | 12апр | 5000 | 11мај |
2020 | 19апр | 2060 | 25апр | 2100 | 02мај | 6000 | 07мај |
2021 | 02мај | 2061 | 10апр | 2101 | 24апр | 7000 | 02јун |
2022 | 24апр | 2062 | 30апр | 2102 | 09апр | 8000 | 29мај |
2023 | 16апр | 2063 | 22апр | 2103 | 29апр | 9000 | 23јун |
2024 | 21апр | 2064 | 13апр | 2104 | 20апр | 10000 | 19јун |
2025 | 20апр | 2065 | 26апр | 2105 | 05апр | 10100 | 21јун |
2026 | 12апр | 2066 | 18апр | 2106 | 25апр | 14000 | 24јул |
2027 | 02мај | 2067 | 10апр | 2107 | 17апр | 15000 | 21јул |
2028 | 16апр | 2068 | 29апр | 2108 | 06мај | 20000 | 21авг |
2029 | 08апр | 2069 | 14апр | 2109 | 21апр | 30000 | 04ное |
2030 | 28апр | 2070 | 04мај | 2110 | 13апр | 40000 | 15фев |
2031 | 13апр | 2071 | 19 апр | 2111 | 03мај | 50000 | 25апр |
2032 | 02мај | 2072 | 10апр | 2112 | 17апр | ||
2033 | 24апр | 2073 | 30апр | 2113 | 09апр | ||
2034 | 09апр | 2074 | 22апр | 2114 | 29апр | ||
2035 | 29апр | 2075 | 07апр | 2115 | 14апр | ||
2036 | 20апр | 2076 | 26апр | 2116 | 03мај | ||
2037 | 05апр | 2077 | 18апр | 2117 | 25апр | ||
2038 | 25апр | 2078 | 08мај | 2118 | 17апр | ||
2039 | 17апр | 2079 | 23апр | 2119 | 30апр | ||
2040 | 06мај | 2080 | 14апр | 2120 | 21апр | ||
2041 | 21апр | 2081 | 04мај | 2121 | 13апр | ||
2042 | 13апр | 2082 | 19апр | 2122 | 03мај | ||
2043 | 03мај | 2083 | 11апр | 2123 | 18апр | ||
2044 | 24апр | 2084 | 30апр | 2124 | 09апр | ||
2045 | 09апр | 2085 | 15апр | 2125 | 29апр |
Напомена: Гаусовата формула важи за периодот од 28 февруари 1900 година до 1 март 2100 година. После тоа, наместо RC = (R4 + R5) + 13 Јулијански денови ќе се пресметува RC = (R4 + R5) + 14 Јулијански денови, поради тоа што 2100-та Јулијанска година ќе биде престапна година, а во Грегоријанскиот календар таа ќе биде проста година. Истото се однесува и за периодот пред 1900 година, кога разликата изнесувала 12 дена.
Текст: Зоран Милчевски