Како да го исчистите огледалото на вашиот телескоп

0

Огледалото на вашиот телескоп рефлектор е најважниот дел од инструментот. Од состојбата во која се наоѓа огледалото во голема мера зависи квалитетот на сликата што ја гледате во окуларот. Еве неколку практични совети за тоа како правилно да го исчистите огледалото по долга употреба. 🙂

Потребни материјали:

  • 1 пакетче стерилна газа;
  • 2,5 до 3 литри дестилирана вода;
  • 200 ml (изопропил – Isopropyl) алкохол;
  • Неалкален детергент (aко не може да најдете ваков детергент, прескокнете го него. Но, никако не користете обичен детегент за перење алишта или за садови.)
Огледало на телескоп пред чистење

Огледало на телескоп пред чистење

Прво исчистете го лавабото каде што ќе го чистите огледалото. Исчистете го темелно.

Подгответе го растворот од половина лажичка детергент и 200 ml вода.

Ставете го огледалото, свртено нагоре, на крпа во лавабото. Пуштете ладна вода од чешмата. Млазот треба да биде слаб, но константен врз алуминиската површина. Со ова ќе се исчисти прашината од огледалото, или, пак, ќе се омекнат разните дамки и нечистотии. Со млазот исчистете колку што можете од нечистотијата на огледалото. Доколку огледалото е многу валкано, може да го потопите во вода во лавабото и да го оставите да постои неколку минути. Потоа, извадете го и продолжете со слабиот млаз од вода. Никако немојте да оставите огледалото да се исуши.

Потоа, полијте ја површината со слаб млаз од дестилирана вода. Натопете ја памучната газа во веќе подготвениот раствор од половина кафена лажичка детергент и 200 ml вода, и многу нажно протријте ја алуминиската површина. Држете мал млаз од вода константно како што ја чистите површината, со цел да се отстранува детергентот. Не дозволувајте површината на огледалото да се исуши, затоа што ќе се формираат водени дамки. Држете го огледалото постојано под константен млаз од вода.

Ако е потребно, повторете ја постапката на чистење со растворот од детергент и вода, како што е прикажано погоре. Откако ќе завршите со чистењето, полијте го огледалото со млаз од дестилирана вода. Повторно внимавајте огледалото да не ви се исуши.

Потоа, нежно протријте ја површината на огледалото со памучна газа потопена во (изопропил) алкохол. Потоа со уште една чиста газа, па по втор пат поминете ја површината со (изопропил) алкохол.

Свртете го огледалото скоро исправено на неговиот раб и на целата површина полијте го со млаз од (изопропил) алкохол.

На крајот, повторно исплакнете ја површината на огледалото со дестилирана вода. Држете го огледалото исправено за водата да може да се цеди, оставајќи само мали капки.

Сега огледалото би требало да биде исчистено од сите нечистотии. Доколку е така, со чиста сува памучна газа нежно поминете ја површината, со цел да се отстранат преостанатите капки. Менувајте ги постојано сувите гази се додека површината не е комплетно сува, но сепак, ова чистење да биде што поминимално.

Огледало на телескоп после чистење

Огледало на телескоп после чистење

Никогаш не ја чистете површината на огледалото, сè додека не се отстранат најголемиот дел од нечистотиите со предложениот метод.

Не ја допирајте површината на огледалото со прсти. Држете го телескопот затворен кога не се користи и чувајте го во сува околина. По можност, пуштете 4-ватна ноќна светилка константно да свети под огледалото. Ако се формира влага на леќата, оставете ја комплетно да се исуши пред да ја исчистите.

Текст: Мартин Стојановски

Сподели.