Астероид именуван Нимој во чест на најомилениот Вулканец на сите времиња

0

Вселената: работ на познатото. Ова се патувањата на вселенскиот брод Ентерпрајс. Неговата пет-годишна мисија: Да истражи необични нови светови, да бара нови цивилизации и видови, да оди храбро каде што ниту еден човек не отишол претходно.

Зборови кои значат многу повеќе за вистинските обожаватели на серијата Ѕвездени патеки. Токму поради оваа серија, астероидот 4864 веќе не е само обичен астероид.

Со големина од 9.6 километри и орбита сместена во главниот астероиден појас помеѓу Марс и Јупитер, Центарот за мали тела (The Minor Planet Center) на овој астероид му даде официјално име „Нимој“. Со тоа му оддаваат почит на легендарниот, најомилениот Вулканец на сите времиња, Леонард Нимој.

spock-doing-the-vulcan-salute

Астероидот, оригинално категоризиран како 1988 RA5, беше откриен на 2-ри септември 1988 година од страна на белгискиот астроном-аматер Хенри Дебехогн (Henri Debehogne). Според текст во списанието Universe Today, аматери-астрономи со 14-инчен, или поголем телескоп, би можеле да го видат астероидот Нимој некаде во средината на јули, кога тој ќе се осветли до магнитуда 15.

Колку за информација, Центарот за мали тела (ЦМТ) е единствена локација во светот за прием и дистрибуција на позициони мерења на мали планети (планетоиди), комети и останати неправилни природни сателити на поголемите планети. ЦМТ е дел од Смитсоновата опсерваторијата во Кембриџ, под покровителство на Девизија Ф од Меѓународната астрономска унија – МАУ (International Astronomical Union – IAU).

Интересен е и податокот дека постои уште еден астероид кој го носи името на овој легендарен Вулканец- неговото име од серијалот Ѕвездени патеки, г. Спок. Астероидот е откриен во 1971 г. од страна на Џејмс Гибсон кој го именувал, верувале или не, по неговата мачка со шилести уши која тој ја викал г. Спок. Гибсон инсистирал да го нарече астероидот г. Спок, затоа што неговата мачка му правела друштво цело време додека тој набљудувал и оттука таа има дел од заслугите. Мислам дека г. Спок (од сериите) тука би забележал дека ова е едноставно логично. Сепак, ова именување покрена голема дебата во МАУ, што резултираше со правилото повеќе да не се именуваат астероиди по имиња на миленици.

Ако се земе предвид влијанието на Леонард Нимој, чие што портретирање на Спок несомнено фасцинираше голем број на идни научници, како и фактот дека самиот Нимој беше вљубеник во вселенската наука и земаше активно учество во неа, логиката диктира дека оваа чест што му е оддадена е сосема оправдана. A г. Спок и Ѕвездени патеки несомнено ќе живеат уште многу долго и успешно во срцата на многумина!

Текст: Марија Стојановска

Сподели.