Може ли Тау Цети да биде следниот дом на човештвото?

0
 Уметнички приказ на системот Тау Цети. Извор:University of Hertfordshire, 2012.

Уметнички приказ на системот Тау Цети. Извор: University of Hertfordshire, 2012.

Научниците од Државниот Универзитет во Аризона, користејќи ги геофизиката и астрономијата, се обидуваат да дознаат дали постојат други планети кои може да поддржуваат живот. Откако се фокусираа кон истражување на Тау Цети (Tau Ceti), систем популарен во научно-фантастичниот свет поради неговите сличности со нашиот, открија дека ова сепак нема да биде нашиот следен дом.

Како прв услов за живот кој се проверува при ваквите истражувања е присуството на планети во рамките на зоната поволна за живот, односно со услови за постоење на вода во течна состојба. Во овој дел од орбитата околу Тау Цети се наоѓаат две планети со прилично неинвентивни имиња – Планетата ф и Планетата е.

Планетата ф (Planet f), која има подобра положба од другата планета, се наоѓа во рамките на поволната зона само околу 1 милијарда години. Ова е релативно мал период и станува збор за прерана фаза. Како за споредба, Земјата била во орбитата околу Сонцето во зоната поволна за живот околу 2 милијарди години пред животот да почне да предизвикува значајни промени во биосферата.

Добар метод за предвидување на геологијата на една планета е проучувањето на карактеристиките на нејзината ѕвезда. Магнезиумот и силициумот се најважните минерали за формирањето на карпите на Земјата. Застапеноста на овие минерали во Сонцето ни го открива и нивното количество на Земјата. Соодносот на магнезиум со силициум во Тау Цети е околу 70% повисок од оној кај Сонцето. Ова значи дека геологијата на Планетата ф е многу поразлична од нашата планета. Како за пример, една од клучните разлики може да биде изобилието на соединението наречено феропериклас во подолните слоеви на планетата. Со ова внатрешноста се загрева и е многу нестабилна. Во вакви услови се ствараат динамични тектонски движења кои се далеку од поволни за развој на животот. Секако, сите овие теории се шпекулативни и базирани на претпоставки. Тау Цети најверојатно нема да биде следниот дом на човештвото, но ваквите истражувања помагаат за подобро разбирање на нашата планета, како и условите за живот на далечните планети кои не можеме да ги видиме со голо око.

Животот во Тау Цети можеби веќе постои и е во своите почетни фази, но ние немаме можност да го детектираме. Можеби ќе успееме да видиме некои промени за 1 милијарда години, но дотогаш потрагата за следниот дом на човештвото продолжува.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.