Во февруари минатата година астрономите проучуваа една млада ѕвезда лоцирана на 355 светлосни години од Земјата и прогласија дека најверојатно имаат снимка на која е прикажан процесот на формација на планета. Доколку се утврдеше како вистина, ова ќе беше првиот случај на директно набљудување на раѓањето на една планета. Сега, благодарение на телескопите на ЕСО и опсерваторијата Гемини научниците собраа нови докази со кои се потврдува дека биле во право.
Сегашните теории за формација на планетите се мошне развиени, но сите се базираат на компјутерски симулации, а не на директни опсервации и поради тоа ваквите откритија се од голема важност за науката.
Ѕвездата HD 100546 е 2.5 пати поголема и 30 пати посјајна од Сонцето и е опколена со протопланетарен диск. Уште во 2003 научниците имаа сомнежи за пронаоѓањето на кандидат планета во овој диск. Новиот кандидат за планета која сеуште се формира во дискот, се смета дека е гасовита планета џин 3 пати поголема од Јупитер на оддалеченост од ѕвездата колку од Сатурн до Сонцето. Планетата била забележана со комбинација на спектроскопија и астрометрија со што се измериле малите разлики во емисиите на јаглерод моноксид.
Пронашле извор на CO кој варира со својата брзина и позиција орбитира околу HD 100546.Истражувачите сметаат дека оваа CO емисија доаѓа од гаста која кружи околу гасовитиот џин при фазата на формирање. Веќе долго време се претпоставуваше дека околу гасовитите џинови кружат дискови прашина при нивната формација, но ова е првиот случај на директно набљудување на оваа појава. Исто така, се претпоставува дека тие се местата каде се раѓаат планетарните месечини.
Засега, ова е втор кандидат за планета околу HD 100546 и се очекува оваа бројка да се зголемува и понатаму.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFLS