По речиси три месеци неодење на терен споивме успешно два викенда со одење на терен, што резултираше со две вечери на многу набљудувани објекти, но исто така и со добри фотографии.
Во оваа прилика не би ја набројувал листата на набљудувани објекти, туку разни техники на набљудување. Оваа вечер менувавме разни окулари и филтри за да истакнеме што е можно повеќе детали на некој од објектите. Па така, долго време од набљудувањето ни одзема и окуларот од 50mm и ОIII и UHC-S филтрите. Лагуна и Трифид, како и Веил имаат сосема поинаков изглед кога ќе ги набљудување со овие комбинации.
Фотографите, од друга страна пак, се обидоа да фотографираат нови или да ги подобрат старите фотографии. На Целестронот прво се сликаше М16 или маглината Орел во соѕвездието Стрелец како и минатиот пат со цел да се добијат што е можно повеќе податоци за обработка. Но овој пат со обработка се отиде малку понатаму, при што своја обработка направи Иван, наш пријател од Крагујевац. Разликата во обработката можете да ја видите на сликите.
По М16 се сликаше маглината Ирис во соѕвездието Кефеј. Оваа маглина е всушност многу поголема, но на сликата можете да го видите само јадрото на маглината со централната ѕвезда која ја осветлува.
На CG5 монтажа прво е сликана кометата С2012 К1 Панстарс, но за жал немавме многу фотографии за подобра обработка. Сепак може убаво да се забележи зелена кома и опашка на кометата.
По кометата сликан е регион во соѕвездието Стрелец каде се наоѓаат М8 и М20 или попознати како Трифид и Лагуна. Исто кaко и кометата, тие се сликани со телеобјектив од 200mm и немодификуван Никон фотоапарт.
Колку вечерта беше добра можете да видите и од групните фотографии кои јасно го покажуваат расположението на членовите на друштвото. Успеавме да направиме мала пауза за да си поиграме и со ласерите. Се надевам дека овие фотографии ќе ви бидат повик за да ни е придружите следниот пат.
Текст: Радан Митровиќ