Без Русија не се може во Вселената

0

Прекин на соработката со Русија на Меѓународната вселенска станица (МВС) како реакција на кризата во Украина би имало големи последици како за Европа, така и за САД.

Во моментот, на МВС се наоѓаат тројца Руси, еден Јапонец и двајца Американци. На станицата пристигнаа со руското вселенско летало Сојуз, лансирано од ракетодромот во Бајконур. Тоа е и единствената можност едно летало да дојде до МВС. Така, откако САД пред три години своите спејс шатли ги испратија во музеј, во моментот единствено руските летала Сојуз се технички оспособени за возење до 400 км. оддалечени цели од нашата планета и назад. И така ќе остане, барем до 2017 г. Дури потоа НАСА би можела во сообраќај да пушти нови летала, со кои астрономите би можеле сигурно да стигнат до вселенската станица.

Со други зборови, прекин на соработката со Русија би значело и крај на проектот со Меѓународната вселенска станица. НАСА за секој лет со еден американски астронаут со руските летала плаќа 70 милиони американски долари, а тие летови Американците ги користат и за тестирање на материјали за идни летови на Месечината, па дури и за Марс, но и за собирање на нови, важни медицински искуства.

Освен соработката со МВС, помеѓу САД и Русија речиси и да нема друга соработка во Вселената: не постојат заеднички проекти во врска со летовите на Месечината или сл. Но, САД и при лансирањето на своите сателити се речиси целосно зависни од руската техника. Така, во ракетата Атлас – 5, една од најважните американски вселенски летала, е вграден руски погон. Во случај на бојкот на Русија поради кризата во Украина, НАСА би морала да прекине со сообраќајот со ракетата Атлас – 5, која се лансира од Кејп Канаверал. Празнината која би се појавила без руската техника, Европа не би можела да ја пополни.

Што се однесува со превозот на астронаутите во вселената, само Кина би можела да им биде алтернатива. Но, иако располага со вселенски бродови од таков тип, Кина не е партнер во програмата на МВС. Во случај Русија навистина да не може да биде партнер, нејзиното место евентуално би можела да го заземе Кина, кое за САД и не е толку омилено решение.

За сега, соработката помеѓу астронаутите на САД и Русија тече беспрекорно. Проблемите и судирите кое се актуелни на Земјата, како воопшто да не им влијаат на „оние горе”.

Според астронаутот Рајд Вајземан од НАСА, националноста воопшто не игра никаква улога во заедничките мисии. Во вселената сите мораат да се поддржуваат едни со други и дека тие како колеги, меѓусебно се и големи пријатели.

Извор: Б92

Превод: Петар Ивановски

Сподели.