Зачудувачки широк опсег на маси на суперновите од тип Ia

0

Теоретски модели ја бараат причина за разликите помеѓу суперновите – графикот покажува дека кога ќе се земе предвид најголемото достигнато осветлување, подоцнежното однесување на светлите и бледите супернови даваат цврсти докази за различните маси на белите џуџиња кои ги предизвикале експлозиите, и покрај тоа што сите завршуваат како „стандардни светилки“.

Пред шеснаесет години два тима – ловци на супернови изјавија дека ширењето на Универзумот се забрзува. Ваквото откритие, рамо до рамо со откривањето на темната материја, заслужи Нобелова награда. Двата тима ја мереле брзината на ширење на Универзумот во различни периоди од неговото постоење преку споредба на светлината и црвеното поместување на суперновите од тип Ia, најдобрите космички „стандардни светилки“.

Овие заслепувачки супернови имаат забележително слична јачина на светлина, со оглед на тоа дека претставуваат масивни термонуклеарни експлозии на ѕвезди од типот бели џуџиња, кои практично се ѕвезди со големина на Сонцето спакувани во топка со големина на Земјата. До неодамна, научниците сметаа дека C-O белите џуџиња, претходници на суперновите, доаѓаат до додатна маса преку привлекување на истата од друга ѕвезда или спојување со друго бело џуџе, па кога ќе се доближат до одредена точка – Чандрасекарова граница (40 проценти поголеми од Сонцето), пребегнуваат во термонуклеарна експлозија. Светлината помеѓу тип Ia суперновите е толку слична, сметаа тие, бидејќи количеството на гориво и механизмите на експлозија секогаш се исти. Сепак, ова се покажа како погрешна претпоставка, бидејќи новите анализи укажуваат на широк опсег на маси: повеќето се во близина или нешто под Чандрасекаровата маса, а еден процент некако успеал да ја надмине.

Додека белите џуџиња се чести, достигнувањето на Чандрасекаровата маса од материјал на природен начин е навистина тешко. Супернова од тип Ia започнува во двоен (или можеби и троен) ѕвезден систем, бидејќи мора да постои нешто од кое белото џуџе ќе акумулира доволно маса за да експлодира. Затоа, новите модели предложуваат начини за тип Ia експлозија како резултат на маса помала од Чандрасекаровата, која всушност се случува далеку почесто. Анализите покажуваат дека ширината на кривата на светлина е директно пропорционална на вкупната маса вклучена во експлозијата, што го објаснува опсегот на различни маси на суперновите од тип Ia. Ова значи дека за суперновата чија светлина брзо опаѓа, нејзиниот претходник имал маса далеку помала од Чандрасекаровата, а сепак претставува нормална супернова од тип Ia, чија светлина може со сигурност да се стандардизира за да одговара на останатите супернови од оваа група. Истото важи и за суперновите чии претходници ја достигнале или ја надминале Чандрасекаровата маса. Причина за експлозија на оние кои ја надминале оваа маса се претпоставува дека е насилен судир на две бели џуџиња. Се очекува овие откритија да доведат до натамошно подобрување на мерењето космички оддалечености, како и нурнување во далечната историја на Универзумот.

Извор: Phys.org

Превод: Марина Димовска

Сподели.