НАСА планира да постави нуклеарен реактор на Месечината

0

НАСА, заедно со Министерството за енергетика на САД, повторно ја потврди својата намера да развие нуклеарен реактор со фисија кој би работел на површината на Месечината. Целта на овој проект е да се обезбеди сигурен и постојан извор на електрична енергија за идните лунарни мисии, особено за подолги престои на астронаути и за научни бази.

Уметничка визија за нуклеарен фисионен извор на енергија поставен на површината на Месечината.

За разлика од сончевите панели, кои зависат од осветлувањето и се бескорисни за време на долгите лунарни ноќи што траат околу 14 земјини денови, нуклеарниот реактор може да обезбеди континуирана енергија со години. Според актуелните планови, системот би требало да произведува најмалку 40 киловати електрична енергија, што е доволно за напојување на околу 30 домаќинства на Земјата, непрекинато, во период од една деценија.

Изградбата на ваков реактор претставува огромен инженерски предизвик. Дури и на Земјата, нуклеарните централи бараат сложени системи за ладење и заштита. На Месечината условите се многу поекстремни. Таму речиси и да нема атмосфера, а гравитацијата е шест пати послаба од земјината. Ова значи дека класичните системи за ладење со вода и пареа не можат да се користат.

Концепт приказ на лунарна база напојувана со нуклеарен реактор, со Земјата во позадина.

Научниците разгледуваат алтернативни решенија, како ладење преку цврсти материјали или користење течни метали кои подобро ја спроведуваат топлината. Сепак, секое од овие решенија носи дополнителни технички сложености и бара долготрајно тестирање.

Друг сериозен проблем е лунарната прашина. Таа е многу фина, остра и електростатички наелектризирана од сончевото зрачење. Поради тоа лесно се лепи за сè, од вселенски одела до научна опрема, и може да предизвика абење или дефекти. Секој уред на Месечината, вклучително и нуклеарниот реактор, мора да биде дизајниран така што прашината нема да го наруши неговото функционирање.

Дополнително, неопходна е силна заштита од радијација за да се обезбеди безбедноста на астронаутите кои ќе работат во близина на реакторот. Сето ова мора да биде исклучително сигурно, бидејќи поправките и одржувањето на Месечината се многу ограничени.

Иако основниот дизајн на реакторот веќе е завршен, неговото претворање во летачки и оперативен систем ќе потрае. Развојот е бавен и внимателен процес, обликуван не само од инженерските предизвици, туку и од финансирањето и строгите безбедносни регулативи.

Нуклеарниот реактор на Месечината засега останува долгорочна цел, но доколку се реализира, тој би можел да стане клучен чекор кон постојано човечко присуство надвор од Земјата и нова ера на истражување на Сончевиот систем.

Скопско астрономско друштво

Сподели.