Вселенскиот телескоп Хабл откри фасцинантна и мошне динамична сцена во рамките на IRAS 23077+6707, најголемиот протопланетарен диск досега забележан со телескоп. Овој редок и огромен космички систем, сместен на околу 1.000 светлосни години од Земјата, изгледа како вистински „космички сендвич“ преполн со гас и прашина од кои еден ден може да се родат нови планети.
Дискот има пречник од приближно 644 милијарди километри, што е повеќе од 100 пати поголемо од растојанието меѓу Сонцето и Плутон. Наместо мирна и уредна структура, како што често си ги замислуваме протопланетарните дискови, тука гледаме хаотична и бурна околина, каде материјалот се движи, се судира и постојано се прераспределува.

Текст под слика: Снимка од Хабл во видлива светлина која го прикажува протопланетарниот диск IRAS 23077+6707, поради својот необичен изглед наречен „Сендвичот на Дракула“.
Една од најинтересните особености на овој систем е неговата очигледна несиметричност. Од едната страна се протегаат долги, тенки нишки од гас и прашина кои од далечина паѓаат кон централната млада ѕвезда. Од другата страна, пак, дискот нагло завршува, како некој да „одгризал“ дел од материјалот што би можел да учествува во создавање на планети.
Научниците сè уште се обидуваат да откријат што точно стои зад ваквиот необичен изглед. Можно е дискот да е под влијание на околниот меѓуѕвезден гас, силни ѕвездени ветрови или движењето на самиот систем низ галаксијата. Сите овие фактори можат да создадат вистински космички неред.
Системот го гледаме речиси од раб, што им овозможува на астрономите да ја набљудуваат неговата тродимензионална структура со извонредна јасност. Токму ваквиот агол на гледање ги прави овие снимки особено впечатливи и ретки.
Прекарот „Сендвичот на Дракула“ е инспириран од неговиот „натрупан“ изглед и од необичната приказна зад откритието, поврзана со Трансилванија и Јужна Америка. Името совршено ја доловува идејата за диск преполн со материјал, слоевит и комплексен.
Според проценките, во овој протопланетарен диск има доволно материјал за да се создадат меѓу 10 и 30 планети со големина на Јупитер. Иако формирањето на планети трае милиони години, астрономите ќе можат да следат промени во структурата на системот во многу пократки временски периоди.
Со овие набљудувања, Хабл ни овозможува редок поглед во хаотичните процеси што се одвиваат во „кујната“ на универзумот, таму каде што се подготвуваат состојките за идните планети низ нашата галаксија.
Скопско астрономско друштво


