Бетлгез е црвен суперџин од спектрален тип M, лоциран во соѕвездието Орион и на растојание од околу 550 светлосни години. Таа е една од најблиските масивни ѕвезди во доцна еволутивна фаза и претставува важен објект за проучување на динамиката на атмосфери кај суперџинови. Долгогодишните фотометриски и спектроскопски набљудувања покажуваат дека Бетлгез има комплексна и променлива атмосфера, со повеќе периодични варијации во сјајот.
Набљудувањата откриваат две доминантни временски скали на варијабилност. Краткиот период, од околу 400 дена, е поврзан со радијални и нерадијални пулсации на ѕвездата. Подолгиот период, од приближно 2.100 дена, долго време немаше јасно физичко објаснување. Една од водечките хипотези беше дека овој циклус е резултат на гравитациско и хидродинамичко влијание од близок, слаб придружник.

Илустрација на малата придружна ѕвезда Siwarha која орбитира низ проширената атмосфера на Бетлгез и создава трага од збиен гас.
Резултатите од речиси осум години набљудувања, добиени со Вселенскиот телескоп Хабл, опсерваторијата Fred Lawrence Whipple во Аризона и опсерваторијата Roque de los Muchachos на Канарските Острови, обезбедија директни докази за постоењето на придружникот. Наместо класично затемнување, присуството на втората ѕвезда се детектира преку т.н. „будна трага“ – регион со зголемена густина на гас во атмосферата на Бетлгез.
Овој ефект се забележува преку промени во ултравиолетовиот спектар, особено кај емисионите линии на јонизирано железо. Кога придружникот, официјално именуван Siwarha, се наоѓа пред дискот на Бетлгез, се регистрира засилена емисија. По неговото минување зад ѕвездата, гасната опашка што ја остава зад себе почнува делумно да ја апсорбира таа светлина, што резултира со намалување на интензитетот на спектралниот сигнал.

Промени во ултравиолетовиот спектар на Бетлгез во зависност од положбата на придружникот во орбитата.
Периодот на овие спектрални промени изнесува околу 2.109 дена, што одговара на долгиот циклус на фотометриска варијабилност. Со ова се добива конзистентно објаснување дека присуството на придружникот директно влијае врз атмосферата и набљудливите својства на Бетлгез.
Откритието има значајни импликации за разбирањето на еволуцијата на масивните ѕвезди. Интеракцијата меѓу суперџин и близок придружник може да влијае врз губењето на маса, геометријата на ѕвездената атмосфера и условите што претходат на експлозија како супернова. Бетлгез, како релативно близок објект, претставува уникатна можност за детално следење на овие процеси.
Siwarha моментално се наоѓа зад Бетлгез и повторно ќе биде поволно позиционирана за детекција кон средината на 2027 година, кога се очекуваат нови спектроскопски мерења.
Скопско астрономско друштво


