Тим астрономи направи најостра досега фотографија од неочекуваниот меѓуѕвезден комета 3I/ATLAS, користејќи ја прецизната оптика на вселенскиот телескоп на НАСА и ЕКА – „Хабл“.

„Најострата досега фотографија од меѓуѕвездениот комета 3I/ATLAS, снимена од вселенскиот телескоп ‘Хабл’. На снимката се гледа облак од прашина и навестување на опашка, додека јадрото останува скриено од директен поглед.“
Овие набљудувања им овозможуваат на научниците попрецизно да ја проценат големината на цврстото, ледено јадро на кометата. Според новите податоци, горната граница на дијаметарот е околу 5,6 километри, но можно е јадрото да биде и мало како 320 метри. Иако „Хабл“ постави потесни граници во однос на претходните проценки од Земјата, цврстото срце на кометата сè уште не може директно да се види, дури ни со овој телескоп. Очекувањата се дека дополнителни податоци од други опсерватории, меѓу кои и вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (НАСА/ЕКА/ККА), ќе помогнат да се добие подобро знаење за хемискиот состав и структурата на 3I/ATLAS.
На фотографиите, „Хабл“ забележа и облак од прашина што се издигнува од сончевата страна на кометата, како и навестување на прашлива опашка што се протега зад јадрото. Брзината на губење прашина е слична на онаа кај комети кои првпат се забележуваат на околу 480 милиони километри од Сонцето – однесување типично за комети кои потекнуваат од внатрешноста на нашиот Сончев Систем.
Клучната разлика е што овој пат имаме гостин кој доаѓа од некој друг планетарен систем, далеку во нашата галаксија.
3I/ATLAS патува низ Сончевиот Систем со брзина од околу 210.000 километри на час – највисока забележана брзина за објект што нè посетил. Овој неверојатен залет укажува дека кометата талкала низ меѓуѕвездениот простор милијарди години. Гравитациските „прашки“ од безброј ѕвезди и маглини низ кои поминала ја забрзале сè повеќе, зголемувајќи ја нејзината брзина со текот на времето.
Кометата беше откриена на 1 јули 2025 година од системот ATLAS (Asteroid Terrestrial-impact Last Alert System), на оддалеченост од 675 милиони километри од Сонцето. Според прогнозите, ќе остане видлива со земјински телескопи до септември, по што ќе премине премногу блиску до Сонцето за да се набљудува. Се очекува повторно да стане видлива на другата страна од Сонцето во почетокот на декември.
Извор: https://esahubble.org/news/heic2509/
Скопско Астрономско Друштво