Важен доказ за можен живот на далечна планета

0

Научници од Универзитетот во Кембриџ објавија нови резултати кои укажуваат на можноста за постоење на живот на далечна егзопланета наречена K2-18b. Се работи за планета која орбитира околу ѕвезда слична на црвено џуџе и се наоѓа на оддалеченост од 124 светлосни години од Земјата.

Тимот, користејќи податоци од Вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST), успеал да анализира дел од атмосферата на оваа планета преку светлината што ја пропушта од ѕвездата околу која се движи. Она што го направило ова истражување особено интересно е тоа што научниците пронашле хемиски соединенија кои на Земјата се поврзуваат исклучиво со живи организми.

К2 1

Илустрација на K2-18b, далечен свет кој можеби е дом на живот. Кредит: Cambridge University

Двата хемиски елементи кои ги идентификувале се диметил сулфид (DMS) и диметил дисулфид (DMDS). Овие гасови, на нашата планета, ги произведуваат главно морски микроскопски организми – фитопланктон и бактерии. Нивното присуство во атмосферата на K2-18b е многу значајно, бидејќи досега не се познати небиолошки процеси кои ги создаваат во такви количини, барем не на Земјата.

Планетата K2-18b е околу два и пол пати поголема од Земјата. Се смета дека има густа атмосфера и можеби голем океан на нејзината површина, што ја прави уште попривлечна за научниците кои бараат услови слични на земјините. Една од теориите е дека на планетата нема амонијак во атмосферата, што би можело да се објасни ако постои голем воден океан кој го апсорбира овој гас.

К2 2

Илустрација на споредба помеѓу Земјата и K2-18b.

Сепак, иако овие откритија се ветувачки, научната заедница е претпазлива. Стандардот за потврда на вакви откритија е многу висок. За да може научно да се тврди дека некој сигнал е вистински и значаен, потребно е резултатот да има таканаречена „пет сигма“ сигурност – што значи дека шансите за грешка се помали од еден во милион. Во моментов, резултатите на тимот од Кембриџ достигнуваат ниво на „три сигма“, што значи околу 99,7% веројатност дека сигналот не е случаен, но тоа сè уште не е доволно.

К2 3

Формула на диметил сулфид (DMS)

Поради тоа, истражувачите продолжуваат со дополнителни набљудувања и анализа. Тие исто така работат заедно со други лаборатории за да испитаат дали е возможно овие гасови да се произведуваат и преку небиолошки процеси во услови што би можеле да постојат на егзопланети. Ова е важно бидејќи ако на пример, постои непознат геолошки процес кој произведува DMS или DMDS, тоа би значело дека присуството на овие гасови не мора да биде поврзано со живот.

К2 4

Формула на диметилдисулфид (DMDS)

И покрај различните толкувања, голем дел од научната заедница се согласува дека K2-18b претставува еден од најинтересните кандидати за пронаоѓање на живот надвор од Земјата. Дел од истражувачите сметаат дека планетата можеби има океан, додека други претпоставуваат дека би можело да се работи за мини-гасен џин без цврста површина. Постои и трета теорија која вели дека планетата има океан од стопена карпа, што не би поддржувал живот.

Проблемот е што сите податоци за ваквите далечни светови се добиваат преку анализа на многу слаби и ограничени сигнали – односно преку светлината која минува низ атмосферата на планетата или која се одбива од неа. Секоја информација е добиена индиректно, па затоа секоја интерпретација е предмет на дебата и дополнителна проверка.

К2 5

Светлината што поминува низ атмосферата на егзопланета се анализираат нејзини спетри и така добиваме информација што се наоѓа во атмосферата

Истражувањето е објавено во престижното научно списание The Astrophysical Journal Letters, а научниот интерес за K2-18b сега е поголем од кога било. Телескопот Џејмс Веб продолжува да обезбедува податоци со невидена прецизност, што дава надеж дека наскоро ќе имаме многу појасна слика за оваа егзопланета и сличните светови.

Во моментов, иако не може да се потврди дека на K2-18b навистина постои живот, резултатите претставуваат значаен чекор напред во потрагата по живот во Универзумот. Доколку се потврди дека ваквите гасови навистина имаат биолошко потекло, тоа би значело дека животот не е уникатен за Земјата, туку можеби е чест феномен низ галаксијата.

Иако е рано за конечни заклучоци, K2-18b може да стане првата планета надвор од нашиот Сончев систем што нуди конкретни знаци за можен живот – откритие што би го сменило нашето разбирање за Универзумот и за нашето место во него.

Скопско астрономско друштво

Сподели.