Егзопланета помала од Земјата откриена околу најблиската соло ѕвезда до нас

0

“Барнард Б е една од ретките познати егзопланети со маса помала од онаа на Земјата.” Астрономите открија планета која орбитира околу најблиската соло ѕвезда до нашиот Сончев систем, позната како ѕвезда Барнард. Новооткриената егзопланета има околу половина од масата на Венера, што ја класифицира како ‘помала Земја.’

На егзопланетата Барнард Б и е потребно нешто повеќе од три земјини денови да направи орбита околу нејзината матична ѕвезда – црвено џуџе, која е лоцирана на околу шест светлосни години оддалечена од нас. Тоа е затоа што Барнард Б е околу 2.9 милиони километри оддалечена од ѕвездата Барнард. Иако ова звучи како огромно растојание, тоа е само околу 5% од растојанието помеѓу Сонцето и неговата најблиска планета, Меркур.

“Барнард Б е една од ретките познати егзопланети со маса помала од онаа на Земјата. Меѓутоа, планетата е преблиску до нејзината матична ѕвезда, поблиску од зоната погодна за живеење” – вели во соопштение предводникот на тимот Џонај Гонзалес Хернандез, од Институтот за астрофизика на Канарските острови во Шпанија. “Дури и ако ѕвездата е околу 2500 степени поладна од нашето Сонце, таа е премногу жешка за да има течна вода на нејзината површина.”

бернард

Дијаграм кој ги покажува најблиските ѕвезди до Сончевиот систем. Иако ѕвездите од Центаури се поблиску, Барнардовата ѕвезда е најблиската соло ѕвезда до Сонцето. Кредити: IEEC/Science-Wave – Guillem Ramisa

Гонзалес Хернандез и неговите колеги ја откриле Барнард Б со помош на Многу Големиот Tелескоп (Very Large Telescope (VLT)), низа од четири телескопи сместени на планината Серо Паранал во пустината Атакама во северно Чиле.

Егзопланетата се открила преку ситна “вибрација” што ja предизвикува при движењето на својата црвена џуџеста ѕвезда додека орбитира околу таа ѕвезда, влечејќи ја со гравитација. Ова откривање беше можно благодарение на инструментот на VLT наречен “Ешелски спектрограф за карпести егзопланети и стабилни спектроскопски набљудувања” или ESPRESSO. Првичното откривање потоа беше потврдено со користење на податоци од ловецот на егзопланети со радијална брзина со висока прецизност (HARPS).

Здраво комшии!

 Барнардовата ѕвезда не е најблиската ѕвезда до Сончевиот систем, таа чест им припаѓа на ѕвездите Алфа Кентеур, Проксима Кентеур, Кентеур А и Кентеур Б. Разликата помеѓу овие ѕвезди и Барнардовата ѕвезда, е во тоа што тие се дел од мулти-ѕвезден систем, додека Барнардовата ѕвезда лета сама, исто како Сонцето.

Близината на Барнардовата ѕвезда до нашата планета ја прави главна мета во потрага по карпести планети слични на Земјата. Дополнително, егзопланетите со мала маса се полесни за откривање околу црвени џуџиња, како што е Барнардовата ѕвезда, кои исто така се најчестите ѕвезди во Млечниот Пат.

Температурата на површината на Барнардовата ѕвезда е околу 2800 степени целзиусови во споредба со температурата на површината на Сонцето од 5600 степени целзиусови. Црвеното џуџе е 80% помало од Сонцето.

Меѓутоа, постои уште една важна разлика помеѓу Барнард и Сонцето. Се смета дека ова црвено џуџе е помалку богато со метали, име кое астрономите го даваат на елементи потешки од водород и хелиум. Се смета дека ѕвездите сиромашни со метали се во неповолна позиција во формирање на планети во орбитите околу нив.

Тоа не го спречило Гонзалес Хернандез и тимот да го исчистат регионот околу Барнард Б за сигнали од можни егзопланети. Тимот беше особено заинтересиран за карпестите светови во зоната погодна за живеење околу оваа блиска ѕвезда.

Оваа област, позната и како ‘Хабитабилна зона’, е посебна затоа што тоа е областа околу ѕвездата која не е ни премногу жешка, ниту пак премногу ладна, за да дозволи течна вода да постои во планетата која орбитира околу неа, без да зоврие или замрзне.

“Иако ни беше потребно долго време, бевме уверени дека ќе најдеме нешто” – вели Гонзалес Хернандез. Истиот тим, исто така, пронашол и три потенцијални егзопланети околу ѕвездата Барнард, кои се обидуваат да ги потврдат со ESPRESSO.

“Сега треба да продолжиме да ја набљудуваме оваа ѕвезда за да ги потврдиме другите кандидати”, рече во соопштението член на тимот – Алехандро Суарез Маскарењо, истражувач во Институтот за астрофизика на Канарските острови. “Откривањето на оваа планета, заедно со другите претходни откритија како Проксима Б и Д, покажува дека нашиот космички двор е полн со планети со мала маса.”

Истражувањето на тиммот беше објавено во вторник, 1 октомври, во списанието Astronomy & Astrophysics.

Превод: Маца Николова

Извор: space.com

Сподели.