Кометата С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС (Tsuchinshan-ATLAS) повторно ќе се појави на нашето небо во наредните недели.

0

Дали кометата А3 може да стане уште една Голема Комета или барем да достигне сјајност за да може да се види со голо око? Ќе дознаеме во есента 2024. Набљудувачите на комети се надеваат на големи нешта од кометата С/2023 А3 во есента 2024.

Можеби сте забележале дека по првичната експлозија на супернова, за тоа како таа може да стане “комета на векот” и сите предвидувања дека е предодредена да “свети на нашето ноќно небо посветло од Месечината”, работите се прилично тивки околу кометата С/2023 А3.

Факти за кометата С/2023 А3

А3 1

Фотографија од кометата С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС, фатена на 24 февруари 2023 од Филип Романов. Кредити: @romanov_filipp

Кометата С/2023 А3 е забележана во февруари 2023 година, за време на истражување на небото спроведено од АТЛАС – систем за последно предупредување за астероиден удар на Земјата, користејќи го рефлекторниот телескоп 0,5-m f/2 Шмидт, кој оперира во опсерваторијата Сатерланд во Јужна Африка.

Тогаш, тоа беше неинспиративна 18та магнитудна точка на фотографија и ѝ беше дадено исто толку неинспиративно име A10SVYR.

Кога нејзината орбита се пресметала, било забележано дека кометата веќе претходно била забележана од страна на Опсерваторијата Пурпурна планина во Кина на 9 јануари 2023 година, кога имала магнитуда од 18,7.

Набљудувањата откриле дека A10SVYR има кратка опашка, па затоа била означена како комета и по долгогодишната конвенција за именување, ѝ било дадено име во чест на двајца нејзини откривачи: С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС. Зошто предизвикала толкава возбуда, кога кометите се откриваат секојдневно?

Бидејќи пресметувањето на бројките, покажале дека орбитата на кометата А3, ќе ја донесе доволно близу до Сонцето и Земјата во септември/октромври 2024 година. Имаше добра шанса да биде видлива со голо око и имаше потенцијал – ако се беше како што треба – да биде силна и светла, видлива со голо око, комета.

А3 2

Кометата С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС фотографирана од Хозе Ј. Чамбо од Валес, Валенсија, Шпанија на 8 мај 2024 година во 21:53 UTC. Кредити: José J. Chambó (www.cometografia.es)

За жал, како што е често случај со астрономските приказни, некои од медиумите додадоа два и два и добија 100 и набрзо социјалните медиуми почнаа да тонат под тежината на објавите и приказните, очекувајќи го пристигнувањето на најспектакуларната комета, после Хејл – Боп, која го красеше небото пред многу години. Секако, ние бевме претпазливи да не им поверуваме на лагите.

Од самиот почеток, јасно е кажано дека кометата нема сигурна гаранција дека ќе се појави на небото и не би можеле да ја предвидиме визуелната појава на кометата на есенското небо во 2024 година, додека не се направат детални и точни набљудувања од страна на искусни астрономи. А токму тоа се случуваше во текот на изминатата година.

А3 3

Локација на кометата С/2023 А3 во октомври. Кликни за да се прошири. Кредити: Пит Лоуренс

Најнови вести

 Кометата С/2023 А3 всушност не е исчезната и спротивно на неодамнешни извештаи, кои сугерираат дека кометата С/2023 А3 е осудена на пропаст, таа не покажува никакви знаци на распаѓање. Кометата С/2023 А3 пред неколку недели се изгубила од видикот на набљудувачите, кога стигнала премногу блиску до Сонцето за да се види од северната или јужната хемисфера. Тоа оставило на набљудувачите да спојат раце, надевајќи се дека ќе продолжи да ѝ се зголемува сјајот.

 

Била видлиа за неколку сателити кои ја следат активноста на и околу Сонцето, но не во многу детали, само неколку пиксели. Затоа, набљудувачите на комети низ целиот свет со нетрпение го чекаат нејзиното повторно појавување на небото.

Од пресметувањето на орбитата на кометата и нејзината патека низ небото, знаевме дека набљудувачите од јужната хемисфера ќе бидат првите кои ќе имаат можност повторно да ја видат кометата, околу средината на септември.

А3 4

График кој ја покажува локацијата на кометата С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС во октомври, ноември и декември 2024 година. Кликни за да се прошири. Кредити; Пит Лоуренс

Но, имаме добри вести – кометата е забележана на јужната хемисфера и изгледа дека е во добро здравје. Утрото на 11 септември 2024 година, ветеран набљудувач на комети Тери Лавџој ја фотографирал кометата на небото од Велингтон Поинт, Австралија. На неговиот куп од 30 х 1.3 експозиции од секунда, направени со 135мм објектив, кометата може јасно да се види, иако е само 14 степени од Сонцето. Тој ја проценил магнитудата на кометата на околу +5.5.

Еден ден подоцна, друг ветеран набљудувач и фотограф Мајкл Матиацо ја фотографирал кометата, исто на австралиско утринско небо и ја проценил магнитудата да биде малку посветла, можеби околу 5.2. Дали ова значи дека е време да се возбудуваме за кометата? Па и не баш…

 

Ова само значи, како што и се надевавме, дека за време на нејзиното отсуството од нашето небо кометата А3 продолжила да се развива како што беше предвидено. Исто така, укажува на тоа дека навистина ќе биде видлива со голо око во октомври, Сепак, сеуште е невозможно да се предвиди колку би била сјајна, па затоа е важно да не се понесуваме многу.

Во наредните денови, многу повеќе набљудувачи од јужната хемисфера ќе ја следат кометата додека се оддалечува од Сонцето и се искачува на нивното утринско небо. Нивните слики и набљудувања ќе ни помогнат да предвидиме како ќе изгледа.

Набљудувачите на средните северни латитуди ќе мора да чекаат до крајот на месецот за да имаат шанса да ја видат, а дури и тогаш ќе биде многу тешко и предизвикувачки да се види, бидејќи ќе биде ниско на исток пред изгрејсонце. Ако кометата има долга опашка, постои можност да ја видиме таа опашка како се издига на небото, дури и пред самата комета да изгрее, но тоа е многу мала шанса.

А3 5

Кометата С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС од јужната хемисфера, фотографирана на 1 август 2024, 17:49 UTC од Хозе Ј. Чамбо. Кредити: José J. Chambó (www.cometografia.es)

Па, што сега?

 Се што можеме да направиме е да почекаме да видиме што ќе се случи. Гледајќи во космичката кристална топка, постојат три идни сценарија.

Најдоброто сценарио е кометата да биде умна, да го зголемува својот сјај и да се развива како што се приближува до Сонцето.

Потоа, ако го преживее својот пат околу нашата ѕвезда, може да стане светла комета која ќе може да се види со голо око на вечерното небо од почетокот на октомври, со опашка долга 20 степени, а можеби и шилеста противопашка како Аренд-Роланд.

Феноменот познат како “распрскување напред” може да ѝ ја зголеми сјајноста, до точка каде што, во најдобар случај, ќе сјае на првата магнитуда,  што ќе ја направи очигледна и лесна за наоѓање на небото, дури и за не-астрономи.

А3 6

Дијаграм кој ја покажува орбиталната патека на кометата С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС

Меѓутоа, во најлошото сценарио, кометата А3 може да се распадне кружејќи околу Сонцето, оставајќи само облак од прашина зад себе, одземајќи ни ја глетката на многу атрактивна комета на нашето небо.

Ова моментално изгледа помалку веројатно, но, би било неразумно целосно да ја отфрлиме оваа можност. Во средината на овие две сценарија, постои уште едно, во кое кометата А3 не прави ништо посебно или неочекувано.

Таа го преживува својот пат околу Сонцето, но потоа, наместо да ја разоткрие својата долга опашка и да стане сјајна до првата магнитуда, кометата добива кратка опашка и достигнува до трета или дури и четврта магнитуда.

Во ова сценарио, А3 и понатаму ќе биде доволно светла за да биде видлива со голо око и дефинитивно ќе ја уживаат астрономи аматери користејќи двогледи, телескопи и камери, но, како и повеќето комети, така и оваа нема да биде очигледна за не-астрономите.

А3 7

Кометата С/2023 А3 фотографирана од Хозе Ј. Чамбо од фармата Хакос, Намибија, 26 јуни 2024, 18:03 UTC.

Кое и сценарио да се случи, најдобро е да ја игнорираме и да заборавиме на кометата на некое време, бидејќи едноставно не знаеме со сигурност што ќе направи.

А3 8

Фотографија од С/2023 А3 од Кендал, Камбрија, Велика Британија, 25 април 2024. Опрема: камера Canon 700D DSLR, 300mm iOptron Sky Tracker објектив. Исечена од обработен куп од 30х30 ISO 800 слики. Кредит: Стјуарт Аткинсон.

Ако стане доволно сјајна за да се препознае лесно на небото би било прекрасно, но дури и ако е пребледа за да се види добро без двоглед, сепак ќе биде добредојдена и фасцинантна гостинка на нашето небо. Па, сега ќе почекаме… Друго не можеме ништо да направиме. Сепак, како и сите други комети, така и А3 ќе го направи тоа што го прави.

Зошто сите зборуваат за С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС?

А3 9

Кометата Хејл-Боп фотографирана од Алан Хејл, Клаудкрофт, Њу Мексико, 1996. Кредити: Алан Хејл

Можеби се сеќавате колку беше убава кометата Хејл-Боп во 1997 година. Дури и да не сте ја виделе, ако ѝ го спомнете името на некој астрономски настан, ќе видите многу насмевки на лицата на луѓето, потсетувајќи се на убави сеќавања од набљудувањето на нејзините двојни опашки насликани на пролетното небо.

Но, секој кој предвидува дека А3 ќе биде уште една Хејл-Боп комета е многу неразумен. Сеуште е многу рано да се знае што ќе направи и колку ќе биде сјајна.

А3 10

Кометата Хејл-Боп фотографирана од Линда Дејвидсон, од езерото Дистрикт, 29 март 1997. Кредити: Линда Дејвидсон.

Што знаеме за С/2023 А3 Цучиншан-АТЛАС

 Првите податоци сугерираат дека кометата С/2023 А3 завршува орбита на секои 80 000 години. До крајот на септември 2024 година, ќе биде утрински објект, можеби со сјајност до +0.6 магнитуда, но појавувајќи се непосредно пред изгрејсонце. Кометата С/2023 А3 ќе го достигне својот перихел – најблиската точка до Сонцето во својата орбита – на 28 септември 2024 година. Најдобро ќе може да се види кога ќе почне да се појавува на вечерното небо, околу 10 октомври.

Дотогаш ќе биде малку избледена, но се предвидува дека ќе биде сјајна до +0.8 магнитуда и ќе биде ниско на запад, непосредно по зајдисонце. Се надеваме дека дотогаш ќе ѝ порасне опашка, но не можеме да сметаме со сигурност на тоа. До средината на октомври, кометата ќе биде објект од прва магнитуда, заоѓајќи речиси три часа по Сонцето.

Може да биде доволно видлива преку двоглед или дури и со голо око кон крајот на септември 2024 година, кога ќе биде објект пред зората, многу ниско на исток пред изгрејсонце. Ќе има ли опашка до тогаш? Не знаеме. Сѐ зависи од тоа колку е стара и колку е активна кометата, а експертите сеуште го откриваат тоа.

На почетокот на октомври 2024 година, кометата ќе ни избега од вид, кога ќе помине близу до Сонцето гледано од Земјата.

А3 11

Кометата С/2021 Ѕ1 ИСОН, фотографирана на 19 ноември 2013 од Лоренс Дан, Саутхемптон, Њу Форест, Велика Британија.

Ако кометата го преживее својот пат околу Сонцето, главниот период на набљудување од северната хемисфера ќе започне по 11 или 12 октомври 2024 година. Потоа кометата почнува да се движи нагоре во вечерното небо, видлива по зајдисонце, се повисоко и полесно да се види секоја вечер.

А3 12

Кометата ИСОН од Симон Вилсон, Бејквел, Велика Британија. Опрема: Takahashi FSQ85, Atik 460ex, Skywatcher NEQ6 pro mount.

Колку сјајна ќе биде С/2023 А3?

 Колку сјајна ќе биде кометата во средината на октомври 2024? Некои експерти сугерираат дека може да достигне прва или дури и нулта магнитуда, каде што би била видлива со голо око. Други велат дека ќе имаме среќа ако е трета магнитуда, што би ја направила уште една Е3 комета, а не Хејл-Боп, видлива само за луѓето со двогледи. Едноставно, не знаеме.

Иако ова звучи малку нејасно, едноставно така е. Кометите се тешко предвидливи и имаат навика да не ги исполнуваат нашите очекувања. Кометата е далеку, далеку од нас и не прави нешто многу.

Но, како што се приближува и како што се повеќе и повеќе луѓе ја гледаат и фотографираат, ќе имаме подобра идеја за тоа што ќе прави кога ќе се приближи, а потоа и ќе помине покрај нас до крајот на 2024 година. Продолжи да не следиш, ќе те информираме!

Превод: Маца Николова

Извор: skyatnightmagazine.com

Сподели.