Астероидот што експлодираше на германското небо е редок аубрит

0

На 21 јануари 2024, над германското небо можеше да се забележат остатоците во вид на огнена топка од астероид кој удри во Земјината атмосфера. Непосредно по убавата небесна глетка, ловците на метеорити ја започнале својата потрага по фрагменти од малиот астероид. Потрагата завршила успешно со наоѓање на неколку метеорити и истите биле испратени во лаборатории за понатамошни научни истражувања. Веќе на почетокот на следниот месец институтот СЕТИ (SETI) соопшти дека фрагментите кои ни допатуваа од вселената се од редок вид на аубрит и можно е да потекнуваат од планетата Меркур.

аубрит 1

Еден од пронајдените метеорити од астероидот што експлодираше на небото над Германија на 21 јануари 2024 година. Credits: Natural History Museum of Berlin/ SETI.

Поголемиот број од метеоритите кои ја погодиле Земјата имаат тенка црна надворешна кора, за разлика од аубритите кои главно имаат проѕирна стаклена кора. Оваа карактеристика на аубритите ги прави овие метеорити тешки за пронаоѓање – од далеку изгледаат како обични камења. Но ова е точно само од далеку, од блиску се забележува дека станува збор за камен од вселената.

Научниците од Природонаучниот музеј во Берлин испитале еден од метеоритите со микросонда со електронски зрак, која е недеструктивна алатка што го одредува хемискиот состав на малите количини цврсти материјали. Тие откриле дека минералогијата и хемискиот состав е оној на аубрит. Потоа, го доставиле својот резултат до Меѓународната комисија за номенклатура на Метеоритското друштво на 2 февруари 2024 година. По испитувањето на метеоритот друштвото ја потврди нивната класификација.

аубрит 2

Ловците на метеорити во полињата западно од Берлин со нивниот пронајдок. Credits Cevin Dettlaff/ Natural History Museum of Berlin

Името Аубрит доаѓа од француското село Aubrés каде што за прв пат во 1836 година е пронајден ваков метеорит. До сега се пронајдени материјали од аурбити од само 11 забележани метеори на светско ниво.

Сања Павлова

Извор: earthsky.org

Сподели.