Броење ѕвездени дамки

0

Како преку една егзопланета откривме дека нашето Сонце е нормална ѕвезда

Малите темни региони на Сонцето со векови им помагаат на научниците да ја проучуваат нашата најблиска ѕвезда. Гледањето сончеви дамки е лесно кога се набљудува Сонцето, но идентификувањето на дамки кај ѕвездите слични на Сонцето и оддалечени светлосни години од нас може да биде предизвик. Сега, астрономите искористија егзопланета во орбита за барање ѕвездени дамки. Тие открија дека нашето Сонце воопшто не е посебно, што е вест која научниците сакаа да ја слушнат бидејќи тие веќе долго време ги моделираат ѕвездите преку нашето Сонце.

s1

На нашето Сонце често можеме да забележиме дамки. Тие се потемни и релативно поладни области поврзани со магнетното поле на нашата ѕвезда. Иако е лесно да ги забележиме дамките на Сонцето, многу потешко е да најдеме дамки дури и на најблиските ѕвезди. Заслуги: NASA/SDO

Распределбата на дамките на Сонцето е израз на процесите што се случуваат во внатрешноста на ѕвездата. Тие ги прават видливи магнетните полиња закотвени длабоко под површината на Сонцето,“ вели Брет Морис, петгодишен студент на докторски студии при Универзитетот во Вашингтон, преку е-мејл. Морис работеше со тим од астрономи кои ги користеа набљудувањата и мерењата на дамките на далечната ѕвезда HAT-P-11, направени со вселенскиот телескоп Кеплер на НАСА. Преку пресметување на локацијата и активностите на ѕвездените дамки, научниците заклучија дека оваа ѕвезда се однесува како и Сонцето.

„Астрономите се обидуваат да ги разберат сончевите дамки и нивната распределба на површината на Сонцето уште кога за прв пат почнавме да водиме евиденција за дамките. Па секогаш кога правиме некои претпоставки за другите ѕвезди, претпоставуваме дека тие ќе се однесуваат како Сонцето бидејќи тоа е единствената ѕвезда која ја познаваме одблизу,“ вели Морис.

Вселенскиот телескоп Кеплер постојано бара планети преку мерење на намалувањето на осветленоста на ѕвездите кое се јавува кога егзопланетите ќе преминат помеѓу самата ѕвезда и телескопот. Но, истовремено егзопланетите можат да ни помогнат да откриеме ѕвездени дамки. Кога егзопланетата преминува пред светол дел од ѕвездата, повеќе светлина сјае во споредба кога истата преминува пред темен дел како што се ѕвездените дамки.

„За привидното намалување на осветленоста знаеме дека е резултат на присуство на некоја егзопланета. Но истото може да се искористи и за мерење на промената на осветленоста на ѕвездената површина.“

s2

Уметнички приказ на егзопланетата HAT-P-11b во вид на силуета додека кружи околу своето Сонце. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Астрономите и претходно мереле дамки на далечните ѕвезди. Преку други методи може да се проучува севкупната магнетна активност или да се одреди површината на неколку големи ѕвезди. Сепак, според Морис, потешко е да се набљудуваат помалите, поладни и постари ѕвезди.

„HAT-P-11 е средновековна ѕвезда со 80% од масата на Сонцето. Таа би претставувала релативно тешка цел за истражување на нејзините активности доколку не постоеја егзопланетите околу неа,“ вели тој.

Со искористувањето на егзопланета, истражувачите можеа да целат кон мали дамки кои инаку не би можеле да ги видат.

Во прилог на истражувачите доаѓа и фактот дека овие егзопланети орбитираат над половите на ѕвездата, а не над екваторот. Кеплер детектираше егзопланета со големина на Нептун која преминала неколку пати над различни широчини над ѕвездата. Преку ваквото движење на егзопланетата, научниците можеа да ја откријат активноста низ поголем дел од површината наместо само над една лента. Како резултат на големата набљудувана површина, истражувачите открија каде ѕвездените дамки се најчести. Низ четиригодишните набљудувања, тимот од астрономи откри дека ѕвездените дамки се групираат слично како и кај Сонцето. Просечната големина на дамките од еден до друг крај беше 40 000 километри, што е околу 3 пати повеќе од Земјата. Најголемата измерена дамка се протега 170 000 километри од еден до друг крај – малку повеќе од Јупитер и слична по големина како и најголемата сончева дамка.

Со оглед на тоа дека гасовитиот џин орбитира поблиску од растојанието на кое орбитира Земјата околу Сонцето, набљудувањето на дамките би било малку поразлично на егзопланета без тврда површина.

s3

Активниот Регион 1520, составен од низа сончеви дамки кои се распределени на површина со 320 000 километри од еден до друг крај. Истиот беше забележан на Сонцето на 7-ми Јули 2012 година. Заслуги: Alan Friedman и NASA Goddard Space Flight Center

„Доколку се наоѓате на жешката дневна страна на егзопланетата HAT-P-11b и погледнете нагоре кон ѕвездата, нејзиниот дијаметар на небото би изнесувал 8 степени. Тоа е 15 пати повеќе од Полната Месечина набљудувана од Земјата,“ вели Морис. „Најголемата дамка би била двојно поголема од Полната Месечина. Уште повеќе, набљудувајќи со голо око може да се забележат и структури во ѕвездените дамки, како што е светлата надворешна област наречена пенумбра и централната темна област наречена умбра.“

„Само имајте си очила за набљудување и костим за заштита од екстремна топлина при себе,“ додава тој.

По многу години од користењето на Сонцето како „стандардна“ ѕвезда, астрономите конечно ќе можат да бидат сигурни дека нивните истражувања не биле водени во погрешна насока.

„На некој начин, на сите ни олесна дека ѕвездите со слична големина на Сонцето имаат и слични активности,“ вели Морис. „Сега можеме со поголема самодоверба да претпоставиме дека ѕвездите се однесуваат како Сонцето.“

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: astronomy.com

Сподели.