Патување во Темната Страна на Земјата

0

Преку летување во Австралија, овие набљудувачи уживаа во прекрасните глетки од најдраматичните вселенски објекти.

js1

Ноќното небо во Нов Зеланд и Австралија. Мир на југот – млада месечина заедно со сјајната планета Венера во кадар. Сликата е направена во природниот резерват Аркарула со експозиција од 2.5 секунди. Заслуги: Јуриј Старе и Збигњу Зембети

Австралија е можеби првото место што ни паѓа на памет кога зборуваме за небото над јужната хемисфера. Овој континент изобилува со места во кои сѐ уште е зачувана природната темнина на ноќното небо. Во Европа и САД, речиси е невозможно да најдете толку темни места. За да се постигне вистинска темнина, потребно е да нема околни населби или светлински извори воопшто во радиус од 300 километри. Покрај ова, постои и уште една состојка која ја прави Австралија уникатно место за аматерските астрономи. На само 100 до 200 километри во внатрешноста на Австралија има огромни топли области, што значи дека временските статистики се во полза на аматерските астрономи. Накратко кажано, патниците се наоѓаат не само во темно место под јужното небо, туку и гледаат релативно добро.

Природниот резерват Аркарула

За време на пролетта во 2016 година под северната хемисфера, Јуриј Старе и Збигњу Зембети ја посетија областа Аутбек во Австралија. Тие го одбраа природниот резерват Аркарула бидејќи за време на кратка посета во 2011 година, Збигњу бил маѓепсан од една мала околна населба. Природниот резерват Аркарула се наоѓа во северниот дел од националниот парк Ренџери Икара-Флиндерс, околу 700 километри северно од Аделајд – главниот град на Јужна Австралија. За да се стигне до тука, добро е да поседувате теренско возило бидејќи последните 150 километри од патувањето долго 700 километри, се земјен пат. Во близина има и мала писта, па возможно е да дојдете и со некое мало воздушно превозно средство. Покрај превозот, дополнителен предизвик е и снабдувањето со електрична енергија, која се произведува само со еден мал генератор. Од друга страна, токму ограничената електрична енергија ја прави оваа област темна и погодна за набљудување.

js2

Земете теренско возило и прошетајте се низ природниот резерват Аркарула. Појдете на север од градот Аделајд и возете сѐ додека има пат, а потоа продолжете така уште два часа по земјен пат. Заслуги: www.freevectormaps.com

Аркарула е популарен избор и за ентузијастите на off-road моторспортови и љубителите на природата и дивите животни. Всушност, Аркарула е туристичко засолниште за транс-австралиските патници кои често остануваат неколку дена пред да продолжат со своето патување низ континентот. И бидејќи сопственикот Даг Спринг е страствен аматерски астроном, природниот резерват има три целосно опремени опсерватории за посетители. Во две од нив имаат моторизиран 14 инчен Шмит-Касагрен телескоп, а во третата има 16 инчен Go To Добсонски, 12 инчен Добсонски и Meade ETX-125 телескопи и два моторизирани 20×100 двогледи.

js3

Пустината Виста. Природниот резерват Аркарула се наоѓа на ридовите на Флиндерс Ренџери – околу 700 километри северно од Аделајд. Заслуги: Јуриј Старе

Јуриј Старе е астрофотограф и за време на патувањето тој располагаше со HEQ-5 монтажа за телескоп, две DSLR фотоапарати, бројни леќи и еден 80 милиметарски апохроматски телескоп. За патувањето Збигњу зема два 2 инчни окулари: 31 милиметарски Неглер и 17 милиметарски Етос за монтирање на 16 инчниот Добсонски телескоп. Тој зема и две DSLR фотоапарати со широк видик и со функција за следење што астрономите ги користеа првенствено за тајмлапси.

Со оглед на тоа дека Австралија се наоѓа на јужната хемисфера, месецот Јули е зимски месец и се карактеризира со долги ноќи. Астрономската ноќ започнува околу 7 часот и трае се до 6 часот наутро со што се овозможува извонредна видливост на Млечниот Пат. Во Јужна Австралија, зимите се одликуваат со пријатни температури. За време на патувањето, дневната температура беше 20 степени Целзиусови, а навечер едвај паѓаше до нула степени Целзиусови. Јуриј и Збигњу поминаа 17 дена во Аркарула, од кои 13 ноќи го набљудуваа небото. Една вечер дури и врнеше дожд, но следното утро како воопшто да немаше траги од дожд.

Тука е многу темно

Погледот на Млечниот Пат во зима на географска широчина од -30 степени воодушевува. Центарот на галаксијата е точно во зенитот. Приказните за кои можеби сте слушнале дека Млечниот Пат е доволно светол за да предизвика сенка не се само мит. Ова лесно се покажува со едноставно кревање на рака над некоја површина. Во Аркарула, едноставно кажано, воопшто не постојат никакви знаци за светлинско загадување и тоа при слики со широк видик (кај камери со 180 степени fisheye леќи). Исто така, транспарентноста на небото беше одлична и овозможуваше гледање на ѕвезди се до самиот хоризонт. Со користење на Мерач за Квалитет на Небо (англ. Sky Quality Meter – SQM) беше потврдена екстремна темнина на ноќното небо со осветлување од 21,92 магнитуди на квадратен лачен степен во моментот на заоѓање на Млечниот Пат (како за споредба, Хауард Беинч измери 21,76 со SQM со широк видик на Ѕвезденото Здружение на Орегон во 2017 година). Во моментите кога Млечниот Пат се наоѓаше во зенитот, беше измерена осветленост од 21,55 што е резултат на природната разлика во осветленоста предизвикана од центарот на нашата галаксија во зенитот.

js4

Прекрасното ноќно небо од едно извидничко место на јужната хемисфера. Без светлинско загадување, Млечниот Пат јасно се гледа, како што е покажано на оваа слика од небото над Аркарула, сликана во 180 степенски широк поглед со fisheye леќи.

Гледајќи во небото со голо око, јасно е дека „бочно“ ја набљудувате спирална галаксија од нејзината внатрешност. На почетокот од ноќите Јуриј и Збигњу уживаа во зодијачка светлина на запад, која постепено потонуваше во длабоката темнина, пред повторно да се појави на исток во раните утрински часови од самракот. Да напоменеме и дека за само два часа возење може да се стигне до географската широчина на Мелбурн од каде понекогаш може да се забележат аурори.

js5

Згуснување на облаците. Глобуларното јато NGC 6723 (малку горе и малку десно од центарот на сликата) се наоѓа на само 30 000 светлосни години покрај драматичната комбинација од маглините NGC 6726, NGC 6727, NGC 6728 и IC 4812 во соѕвездието Јужна Круна.

Иако Аркарула е сушен предел, се формираше роса на оптичката опрема на крајот од ноќта. За астрономите ова претставуваше проблем, посебно кога беа во прашање долгите тајмлапси со широко поле кои беа планирани. За среќа, Јуриј и Збигњу дојдоа подготвени и имаа грејачи за роса на располагање кои ги користеа за долгите фотографски сесии. Освен овие видови на фотографии, кај другите набљудувања или експозиции росата воопшто не претставуваше проблем.

Гледајќи во небото со голо око, јасно е дека „бочно“ ја набљудувате спирална галаксија

js6

Ѕвездена Раскошност. Иако е видлива и од потоплите северни предели, добро е да дојдете на јужната хемисфера и да се восхитите од раскошната комбинација на маглини Ро Офијчи. Јуриј го сликаше овој прекрасен регион во кој се формираат ѕвезди преку 24 фотографии со експозиција од 2 минути и 12 фотографии со експозиција од 5 минути користејќи DSLR камера со леќи од 200mm на f/4.

Погледот преку телескоп на Омега Кентаури, што е големо колку и полната месечина, е восхитувачки.

js7

Исплатливо патување. Маглината Ета Каринае е на врвот од листите за најпосакувани објекти кај речиси секој аматерски астроном, но поради позиционирањето под агол од -60 степени, северните набљудувачи мораат да патуваат за да ја видат. Оваа прекрасна слика е направена од 40 фотографии со експозиција од 5 минути користејќи DSLR камера прикачена на 80mm апохроматски рефрактор.

Неколку на север, неколку на југ

Јуриј и Збигњу направија многу сериозни астрофотографии со 80 милиметарски APO, фокусирајќи се на астрономски објекти кои се тешко видливи или невозможни за сликање од северните географски широчини. Пред патувањето, тие си направија листа од 20 најпосакувани објекти за сликање. Иако од Европа и Северна Америка може да се види дел од јужното небо, полесно е да се фотографираат објекти близу зенитот, отколку објекти на 10 или 20 степени од хоризонтот, па затоа во листата на Јуриј и Збигњу има неколку објекти видливи и од северната хемисфера.

Еден од тие објекти е комбинацијата од маглини Ро Офијчи која не може успешно да се фотографира од северната хемисфера. Од Аркарула, оваа слика може се направи релативно лесно со само два часа експозиција. Истото важи и за Омега Кентаури, кое Јуриј и Збигњу лесно го виделе пред неколку години од Канарските Острови. Од Аркарула тоа беше уште повисоко и посветло, што значи премногу лесно за сликање.

Јуриј и Збигњу имаа можност да споредат две од најсветлите глобуларни јата со M13 во соѕвездието Херкул, кое од Европа се смета за „релативно светло.“ Едноставно кажано, заклучокот од споредбата беше јасен. Дури и на хартија Омега Кентаури и 47 Таканај се далеку посветли и поголеми, но кога оваа разлика ќе ја видите со свои очи, Ви станува толку очигледно за колку голема разлика во осветленоста се работи. Погледот преку телескоп на Омега Кентаури, што е големо колку и полната месечина, е восхитувачки и кај Јуриј и Збигњу остави долготраен впечаток.

Тие посветија време и на некои други објекти од јужното небо како Кентаур А (галаксија позната по својата активност во спектарот на радио електромагнетни бранови), јатото Кутија за Накит (NGC 4755) и маглината Ета Каринае со својата жолта ѕвезда. Еден очигледен објект беше Големиот Магелански Облак. Неговата внатрешна структура е толку деликатна и комплицирана што разгледувањето низ галаксијата со 16 инчен телескоп и окулар со широко поле предизвикува огромно задоволство и воодушевување.

Сепак, на врвот од листата на Јуриј и Збигњу, како најинтересни се издвојуваа Омега Кентаури, Кентаур А и 47 Таканај. Не е изненадување што два од овие објекти се глобуларни јата. Всушност, за фотогеничноста на овие огромни „купови“ од ѕвезди многу допринесува набљудувањето со телескоп од една навистина темна локација и може да се каже дека изгледаат слично како и слики со долга експозиција. Од друга страна, Кентаур А изгледа исто како и во другите популарни слики, што е навистина ретко кога е во прашање набљудувањето на галаксии преку телескоп.

Покрај избраните јужните објекти, Јуриј и Збигњу ги набљудуваа и објектите од соѕвездијата Стрелец и Скорпија близу до зенитот во месеците Јули и Август од Аркарула. Вообичаено, за овие објекти, кога се набљудуваат од Европа, потребен е двоглед, но од Аркарула тие се видливи и со голо око. На крајот од ноќите, познатото зимско соѕвездие Орион и неговата маглина M42 можеа да се најдат на височина која е невозможна при набљудување од Европа или континенталниот дел на САД. Покрај ова, погодните временски услови во Аркарула им овозможија да можат да ја видат оваа маглина во бои.

Една вечер, Јуриј и Збигњу се обидоа да набљудуваат еден од потешките објекти од северната хемисфера, познатата маглина Хеликс (NGC 7293). Тие ја лоцираа со помош на 16 инчен и 31 милиметри окулар. Сепак, тие беа малку збунети бидејќи со зголемување од 50 пати и релативно широко поле на набљудување од 1,6 степени, маглината се прикажуваше премногу голема како за една планетарна маглина, Па очекуваната форма на „око“ изгледаше како да нема шуплина. Откако го сменија окуларот со Етос 17mm, маглината Хеликс ја доби својата позната убавина.

Истата вечер, Јуриј и Збигњу се обидоа да набљудуваат и уште еден објект кој едвај може да се види на географска широчина од 50 степени на север, каде се наоѓа на само 7 степени над хоризонтот. Се работи за познатата галаксија Голем Скулптор (NGC 253), исто така позната и како галаксија Сребрена Монета. Од Аркарула, истата се наоѓаше речиси во зенитот. Астрономите уживаа во прекрасниот поглед преку 16 инчниот Добсонски телескоп во окуларот Етос 17mm. Истото можеше да се каже и за галаксијата Семе од Млечна Трева (NGC 247).

Се поставува прашањето, кои објекти не можат да се видат од Аркарула? Без размислување, може да се набројат само три такви објекти: двете галаксии-придружнички на Големата Мечка, M81 и M21 и галаксијата Андромеда (M31). Галаксијата Андромеда може да се види од Аркарула, но таа е премногу близу до хоризонтот, додека од северната хемисфера, таа е прекрасен објект за набљудување со двоглед близу зенитот во месеците од август до октомври. Изгледа дека јужното небо има многу повеќе објекти за набљудување кои ги нуди на астрономите. Друга карактеристика со која се одликува јужното небо е тоа што подобро се гледа целиот облик на Млечниот Пат за време на зимските месеци во Австралија.

Секако, Збигњу и Јуриј не го заборавија и Сатурн кој се наоѓаше близу зенитот во соѕвездието Скорпија. Преку 16 инчниот Добсонски телескоп, прстенестата планета изгледаше поостро од било кога. Јасно се гледаа седумте појаси на „површината“ на планетата во боја. Едноставниот Добсонски телескоп беше доволен, без да има потреба од скапиот 15cm APO.

По 17 дена од чисто астрономско уживање, Јуриј и Збигњу се вратија во Аделајд, а потоа се качија на авион назад кон Европа. Тие беа неизмерно задоволни од својот астро-одмор на Јужната Хемисфера и беа сигурни дека еден ден повторно ќе се вратат во Австралиската дивина под темното небо.

js8

Двојна забава. Големиот и Малиот Магелански Облак се дел од Локалната Група и орбитираат околу нашата галаксија Млечен Пат. Одвоени на 21 степен на небото, тие се видливи и со голо око. Со телескоп може да се види и нивната внатрешна структура., но и бројни други објекти од длабоката вселена.

Јуриј Старе е искусен астрофотограф кој управува со софтверска компанија за GIS системи во Словенија. Исто така, тој е и активист за Меѓународната Асоцијација за Темно Небо. Збигњу Зембети е професор на Универзитетот за Технологија Ополе во Полска, каде тој спроведува истражувања во градежништвото и геофизиката. Како долгогодишен аматерски астроном, тој користи 20 инчен Добсонски телескоп за визуелни набљудувања. Секогаш кога е возможно, тој патува на некои далечни локации за да го набљудува темниот небесен свод.

Дел од астрофотографиите сликани од Јуриј Старе можете да ги погледенте на линкот https://is.gd/AustraliaObserving

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: http://www.nxtbook.com/nxtbooks/newtrack/st_201805/index.php#/62

Sky&Telescope  May 2018

Сподели.