Првото лансирање на астронаут од страна на SpaceX поставува нови стандарди за стил

0

Првите астронаути лансирани од странa на SpaceX поставуваат нови стандарди за стил со своите вселенски костими, Tesla автомобили  и елегантен вселенски брод во бела боја со црни декорации.

Изборот на боите бил направен од страна на Елон Маск, човекот зад SpaceX и Tesla кој е голем фан на научната фантастика.  На астронаутите од НАСА Даг Харли и Боб Бенкен им се допаѓа новиот изглед. Тие ќе пристигнат на лансирачката рампа во Tesla X електричен автомобил.

ББ

Астронаут на НАСА и Space X, Боб Бенкен

„Навистина е извонредно, и мислам дека најдобриот доказ за тоа е што мојот десет годишен син мисли дека сега сум кул“ вели Харли за Associated Press. „SpaceX не се штеделе околу изгледот на капсулата“ вели тој. „Внатрешните делови, дисплејите и се останато во возилото е исто така изработено со истата посветенсот до перфекција“.

Вистинскиот тест е во среда кога Харли и Бенкен ќе се качат на SpaceX Dragon (Змеј) капсулата монтирана на SpaceX Falcon 9 (Сокол 9) ракета по што, доколку опремата и времето дозволи, ќе се вивнат во вселената. Ова ќе биде првото лансирање на астронаути од вселенскиот центар Кенеди на НАСА по последниот лет со шатл во 2011.

дх

Астронаут на НАСА и Space X, Даг Харли

Ова ќе биде и првиот обид од приватна компанија да прати астронаути во орбита. Досега само владите на Русија, САД и Кина успеале да го направат тоа.

Според SpaceX историското лансирање заслужува да изгледа добро. Маск ја именувал својата ракета по Millennium Falcon (Милениумскиот Сокол) од Star Wars. Името на капсулата доаѓа пак од  „Puff the Magic Dragon“ (Паф, волшебниот змеј), шега од страна на Маск насочена кон оние кои се сомневале во него кога ја создал SpaceX во 2002.

SpaceX сами ги дизајнирале и направиле костимите кои се со специфична големина за астронаутите. Безбедноста била на прво место. Добриот изглед бил на блиско второ.

астронаути

„Важно е костимите да се удобни но и инспиративни“ вели Бенџи Рид од SpaceX, еден од директорите на мисијата. „Над се наменети се да го заштитат екипажот“.

Големите, портокалови костими за полетување и враќање од вселената кои ги носеа астронаутите кои летаа со шатлите имаа своја сопствена атракција, според Бенкен, кој исто како Харли ги има носено на своите две предходни мисии. Филмовите како „Армагедон“ и „Space Cowboys“ (Вселенски каубојци) го земаа портокаловиот изглед секој пат кога актерите „се обидуваа да се преправат дека се астронаути“.

На денот на лансирањето Харли и Бенкен ќе се подготват во ремоделираните соби на екипажот во Кенеди вселенскиот центар, кој е во функција уште од двоекипажните мисии Gemini (Близнаци) од средината на 1960тите. Техничари од SpaceX ќе им помогнат на астронаутите да влезат во нивните едноделни двослојни костими.

драгон

Драгон капсула

Харли и Бенкен ќе излезат од истите двојни врати користени на 16 јули 1969 од страна на екипажот на Аполо 11. Оперативната зграда денес го носи името на Армстронг.

За разлика од традиционалното астрокомбе, тие ќе се качат на задното седиште на Tesla X за 14 километарското возење до лансирачкиот комплекс 39А, истиот користен од мисиите на Месечината и повеќето екипажи на шатлите. Пред влезот во Tesla автомобилот ќе се видат со своите сопруги и млади синови за последен пат пред летот.

Исто така по три декади се враќа и логото на НАСА со брановидните, футуристички црвени букви каде буквата А е во облик на врв на ракета. Ова лого се наоѓа на AstroTesla-та, Falcon, па дури и на костимите на астронаутите заедно со оригиналното сино округло лого на НАСА.

Бело-костумираните Харли и Бенкен ќе се качат од белата Tesla во белиот Dragon на подеднакво белата Falcon 9.

„Ќе биде вистинско шоу“ ветува Рид.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: www.phys.org

Сподели.