Доколку постои едно нешто кое Сончевиот Систем го има во изобилство, тоа би биле камењата.
Мали камења, големи камења, суви камења, замрзнати камења. Камења како и другите камења. Се работи за систем од камења и ние живееме во него. Но и покрај нивната распространетост, тешко е да се набљудуваат вселенските камења. Тие се мали, темни и во сенката на поголемите и посветли објекти.
Нашите технологии стануваат се помоќни и помоќни кога е во прашање набљудувањето. Тие ни овозможија да погледнеме кон најголемите камења во Сончевиот Систем кои не се планети и тоа со најмногу детали до сега. Преку Многу Големиот Телескоп (анг. Very Large Telescope – VLT) на Европската Јужна Опсерваторија, интернационален тим од астрономи наслика 42 од најголемите објекти во астероидскиот појас помеѓу Марс и Јупитер.
„До сега, само трите главни големи астероиди Церес, Веста и Лутетија се фотографирани со висока резолуција како резултат на тоа што беа посетени од мисиите Зора и Розета на НАСА и Европската Вселенска Агенција, соодветно,“ вели астрономот Пјер Вернаца од Лабораторијата за Астрофизика во Марсел (фр. Laboratoire d’Astrophysique de Marseille) во Франција.
„Нашите набљудувања од Европската Јужна Опсерваторија резултираа со остри слики од многу повеќе објекти, вкупно 42.“
Пред неколку месеци, научниците излегоа со најдобрите слики до сега од неправилниот астероид Клеопатра со форма на коска. Според податоците, двете месечини на Клеопатра можеби се формирале од прашина исфрлена од астероидот.
Најновото истражување е сеопфатно и се фокусира на колективните својства на овие објекти, наместо на индивидуалните карактеристики. Истото содржи 3Д податоци преку кои може да се претстави обликот и масата на мистериозните астероиди. Во општ случај, астероидите може да припаднат во две групи: астероиди кои се речиси сферични и астероиди кои се издолжени. Клеопатра претставува екстремен пример на издолжен астероид.
Дополнително, оваа поделба не се заснова на големината. На пример, Церес е најголемиот објект од истражувањето и тој е релативно правилен, додека Веста, вториот по големина објект кој е дел од истражувањето, има неправилен облик. Флора и Адеона, со големини од 146 и 144 километри соодветно се прилично округли. Силвија, со големина од 274 километри, е издолжена.
Со новите 3Д податоци, истражувачите имаат информации и за волуменот на овие 42 објекти. Па доколку ги знаеме масата и волуменот на објектите, лесно можеме да ја пресметаме и нивната густина, а со тоа и да направиме некои претпоставки за составот на астероидите. Од пресметките лесно може да се забележи дека се работи за прилично голем опсег на густини.
Како за споредба ќе ја земеме густината на Земјата која изнесува 5.51 грами на кубен центиметар. Најмалата густина кај астероидите од истражувањето е 1.3 грами на кубен центиметар, што е слично со густината на јагленот. Тоа веројатно значи дека се работи за порозен состав каде јаглеродот преовладува. Најгустите астероиди од истражувањето се Психа и Калиопи со густини од 3.9 и 4.4 грами на центиметар кубен соодветно, што е повеќе од густината на дијамантите и наговестува дека се работи за композиција од тврди камења и железо.
Истражувачите сметаат дека од разликата во густините може да се направи претпоставка дека астероидскиот појас настанал во различни области од Сончевиот систем, а потоа астероидите некако се преместиле помеѓу Марс и Јупитер.
„Ова истражување силно ја подржува теоријата за суштинска миграција на овие тела по нивното формирање,“ вели астрономот Јосеф Хануш од Универзитетот Чарлс во Чешка.
„Накратко, варијациите во составот на астероидите може да се објасни доколку претпоставиме дека астероидите се формирале низ повеќе оддалечени области во Сончевиот Систем.“
Сепак, постојат многу работи кои сѐ уште не ги знаеме. Располагаме со примероци од астероиди на Земјата во вид на фрагменти кои се скршиле и завршиле на Земјата како метеорити. Врз база на нив, имаме изведено одредени заклучоци за составот на вселенските камења.
Дополнително, не можеме да ги набљудуваме помалите астероиди во големи детали и затоа работиме со ограничено множество на податоци. Откако ќе имаме пристап и до овие информации, ќе можеме прецизно да одредиме на кои астероиди да испратиме вселенски летала. За оваа цел, тимот од истражувачи се надева на Екстремно Големиот Телескоп кој е во изработка и треба да започне со работа во следните неколку години.
„Набљудувањето на главниот астероидски појас преку Екстремно Големиот Телескоп ќе ни овозможи да проучуваме објекти со дијаметри од 35 до 80 километри, во зависност од нивната локација и кратери со приближна големина од 10 до 25 километри,“ вели Вернаца.
„Доколку имаме инструмент сличен на SPHERE како дел од Екстремно Големиот Телескоп, ќе можеме да набљудуваме слични објекти од далечниот Кујперов Појас. Ова значи дека ќе можеме да ја проучиме геолошката историја на многу поголемо множество од мали тела, набљудувајќи од Земјата.“
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: sciencealert.com