3Д анимација – Како е да се биде во супернова?

0

Астрономите погледнаа во срцето на супернова и открија точки каде што се собрани гасови и прашини кои опкружуваат остатоци на експлодирана ѕвезда. Објектот во прашање е Супернова 1987А и, додека сликата им е позната на многумина, досега го немаме видено овој објект во три димензии.

3Д реконструкцијата беше возможна благодарение на Големата Милиметарска/Субмилиметарска Низа во Атакама (ALMA). Поврзано истражување на суперновата откри неочекуван хемиски состав во регионот. Новото истражување открива каде се наоѓаат тие новооформени молекули.

Кога оваа супернова експлодирала пред повеќе од 30 години, астрономите знаеле многу помалку за тоа како овие настани ја изменувале Вселената и како жешките и осветлени остатоци од експлодирана ѕвезда евентуално се ладат и формираат нови молекули. Благодарение на ALMA можеме конечно да видиме ладна ѕвездена прашина при формација, давајќи ни информации за самата ѕвезда од која настанала суперновата и како овие експлозии ги произведуваат градбените блокови на планетите.

Суперновите се клучни за формирање на нови ѕвезди и планети. Кога на ѕвезда која е отприлика десетпати помасивна од Сонцето ќе ѝ снема гориво за нуклеарна фузија, таа колабира самата на себе. Енергијата испуштена во колабирањето ја разнесува ѕвездата и остава густ објект кај нејзиното јадро.

3Д анимација - Како е да се биде во супернова?

Супернова 1987А реконструирана во 3Д според податоци од Хабл и ALMA. ALMA (ESO/NAOJ/NRAO); R. INDEBETOUW; NASA/ESA HUBBLE

Експлозијата е исто така способна да создава тешки елементи, и тие елементи се мешаат со водород, за да креираат нови ѕвезди. Овие тешки елементи влијаат на големината и должината на животот на новата ѕвезда и има влијание на галаксијата како целина.

Причината за денешниот изглед на некои галаксии е во голем дел определно од суперновите кои се случиле во нив. Иако помалку од 10% од ѕвезди стануваат супернови, тие се сепак клучни во еволуцијата на галаксиите.

Супернова 1987А е најблиската експлозија набљудувана во последните 400 години, но не е во нашата галаксија – таа е во Големиот Магелански Облак, најголемата сателитска галаксија на Млечниот Пат, оддалечена 163.000 светлински години. Тоа е еден од најпроучуваните остатоци од супернови и сè уште има мистерии.

Идни истражувања надежно ќе дадат одговор на поголеми прашања. Како се распоредени новопронајдените молекули? Каков објект е во средината на суперновата? Пулсар или неутронска ѕвезда? Потребни се повеќе податоци и со некоја надеж ALMA ќе ги добие.

Превод: Јован Милосковски

Извор: IFL Science

Сподели.