Проект за мапирање темна енергија на јужното небо далеку ги надмина своите параметри. Излегува дека Испитувањето за темна енергија (Dark Energy Survey) е добро и за откривање мали далечни објекти, позади Нептун.
Во првите четири години од собирање податоци, астрономите успеаја да идентификуваат 316 помали планети, од кои 139 се сосема нови.
Откритијата беа остварени по интензивен преглед на податоците, користејќи нови методи кои би можеле да помогнат во наоѓањето уште мали планети во далечните краеви на Сончевиот систем, велат научниците. Тие можат да помогнат дури и во потрагата по мистериозната деветта планета, за која се мисли дека демне во мракот.
Самото Испитување за темна енергија е официјално завршено. Траеше од август 2013 до јануари 2019, собирајќи податоци од петиполгодишни инфрацрвени и речиси инфрацрвени набљудувања на јужното небо. Тоа проучуваше низа објекти и феномени, како супернови и галактички јата, во обид да го пресмета забрзувањето на ширењето на универзумот, за кое се мисли дека е под влијание на тема енергија.
Но големата ширина, длабочина и прецизност на испитувањето се искористија и за нешто друго: забележување далечни мали планети, категорија на објекти која вклучува речиси се што не е планета или комета: од астероиди до џуџести планети.
Знаеме дека има грстови вакви тела надвор од орбитата на Нептун, на далечина од околу 4,5 милијарди километри од Сонцето – 30 пати повеќе од далечината меѓу Земјата и Сонцето (т.е. 30 АЕ, или астрономски единици).
Но овие транс-нептунски објекти (ТНО) тешко се забележуваат. Многу се мали и далечни, а местото каде што се наоѓаат е прилично темно, така што нема многу светлина која можат да ја одбијат.
Тука може да се најде при рака нешто што може да детално да набљудува големи подрачја од небото.
„Бројот на ТНО кои можете да ги најдете зависи од тоа колкав дел од небото гледате и што е најбледото нешто што можете да го најдете,“ објасни физичарот и астроном Гери Бернстајн оф Универзитетот на Пенсилванија.
Бидејќи ТНО се движат поразлично од галаксии и остатоци од супернови тимот мораше да открие начин да ги поврати тие движења од податоците на Испитувањето за темна енергија. Тие започнаа со 7 милијарди точки над заднинската врева на податоците кои би можеле да бидат забележани објекти.
Потоа тимот исклучи точки кои биле на истото место неколку ноќи по ред, што значело дека истите не се движат како ТНО. Следниот чекор беше да се идентификуваат групирани објекти зад а се открие како истите се движат. Сите овие чекори дадоа листа од околу 400 кандидати кои се појавиле преку барем шест ноќи, и кои потоа мораа да бидат заверени.
Прво, тимот разви метод на редење слики кој ги изостри сликите за да појасни дали точките се ТНО или грешки.
Потоа, ги искористија нивните техники за да најдат познати ТНО и со тоа да ја утврдат веродостојноста на тие методи. Ваквата внимателна и макотрпна работа на крај се исплати. Тимот идентификува 316 ТНО, од кои 139 никогаш претходно не беа објавени, со далечини од Сонцето во опсег од 30 до 90 АЕ.
А движењата на седум од новите објекти се екстремни ТНО, со приближна орбитална далечина (или половична голема оска) поголема од 150 астрономски единици. (За споредба, Плутон орбитира на просечна далечина од околу 40 астрономски единици.) Ако можат да бидат потврдени, овие ТНО ќе бидат едни од најдалечните објекти од Сончевиот систем кои ги имаме видено.
Севкупно, овие 139 нови објекти додаваат големо парче на датотеката од околу 3000 познати ТНО, така што ова е многу ефективен начин да идентификуваат ваквите необјасниви вселенски карпи.
Истражувачите пак ќе ги поминат овие методи низ истите чекори. Тимот ги поправи параметрите за забележување, и истите ќе ги примени на целосните податоци од петте и пол години на Испитувањето за темна енергија; променетите методи би можеле да покажат уште стотици нови ТНО.
Со малку среќа би можеле да наидат и на докази за деветтата планета, големо тело за кое се мисли дека орбитира на далечина од околу 200 АЕ. Начинот на кој некои од ТНО кружат околу Сонцето предлага дека нешто големо влијае гравитационо врз нивната орбита – но засега хипотетичката планета е надвор од нашиот видокруг.
„Има многу идеи за џиновски планети кои некогаш биле во Сончевиот систем а веќе не се, или далечни и масивни планети кои се многу бледи за да можеме да ги видиме,“ рече Бернстајн.
„Правењето на каталогот е забавниот дел полн со откритија. Кога ќе го создадете овој ресурс можете да го споредите тоа што сте го нашле со тоа што сте требале да го најдете според нечија теорија.“
Истражувањето е објавено во Astrophysical Journal Supplement Series.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор:www.sciencealert.com