Мисиите Касини и Војаџер предлагаат нова слика на заемното дејство на Сонцето со галаксијата

0

Нови податоци од Касини мисијата на НАСА, заедно со двете вселенски летала Војаџер и Истражувачот на Меѓуѕвездените граници, или IBEX, кој исто така е од НАСА, покажуваат кон тоа дека нашето Сонце и планетите се опкружени со огромен заоблен систем од Сончевото магнетно поле, доведувајќи го во прашање другиот поглед врз Сончевите магнетни полиња – долга кометовидна опашка која се влече позади Сонцето.

Мисиите Касини и Војаџер предлагаат нова слика на заемодејството на Сонцето со галаксијата

Нови податоци од мисиите на НАСА – Касини, Војаџер и Истражувачот на меѓуѕвездените граници (IBEX), покажуваат дека хелиосферата, меурот на Сончевото влијание кој го опкружува внатрешниот Сончев Систем, е можеби и многу покомпактна и заоблена од тоа што се мислеше претходно. Сликата лево покажува компактен модел на хелиосферата, поддржан од овие најнови податоци, додека сликата десно покажува поинаков модел со продолжена опашка. Главната разлика е тоа што во новиот модел недостига кометовидна опашка на едната страна на хелиосферата. Оваа опашка е покажана на стариот модел со светло сина боја. Заслуги: Диалинас итн. (лево); НАСА (десно)

Сонцето ослободува постојан тек од магнетен Сончев материјал, наречен Сончев ветар, кој ја исполнува внатрешноста на Сончевиот Систем, протегајќи се далеку позади орбитата на Нептун. Овој Сончев ветар создава меур, со дијаметар од околу 37 милијарди километри (23 милијарди милји), наречен хелиосфера. Целиот Сончев Систем, вклучувајќи ја и хелиосферата, се движи низ меѓуѕвездениот простор. Доминантната слика на хелиосферата беше кометовидна, со заоблена глава и продолжена опашка. Но, нови податоци кои покриваат цел 11-годишен циклус на Сончева активност, покажуваат дека тоа можеби и не е така: хелиосферата е можеби заоблена на двата краја, правејќи ја нејзината форма речиси топчеста. Истражувањето во кое се изложени овие резултати беше објавено во Nature Astronomy на 24 Април 2017 година.

„Наместо продолжена, кометовидна опашка, оваа грубо меуреста форма е резултат на јаките меѓуѕвездени магнетни полиња, многу посилни отколку што отпрвин се очекуваше, споени со фактот дека односот меѓу притисокот на честичките и магнетниот притисок внатре во хелиосферата е висок.“ вели Костас Диалинас, вселенски научник во Атинската Академија во Грција и главен автор на истражувањето.

Инструмент на Касини, кој го истражува системот на Сатурн преку една деценија, им даде на научниците клучни показатели за формата на долгиот дел на хелиосферата, често нарекуван и хелиоопашка. Кога наелектризирани честички од внатрешниот Сончев Систем ќе ја достигнат границата на хелиосферата, тие понекогаш преминуваат низ низа размени на полнежи со ненаелектризирани атоми на гас од меѓуѕвездениот простор, исфрлајќи и повторно добивајќи електрони додека патуваат низ овој огромен граничен простор. Некои од овие честички се повлечени назад во внатрешноста на Сончевиот Систем како брзи ненаелектризирани атоми, кои можат да бидат измерени од Касини.

Мисиите Касини и Војаџер предлагаат нова слика на заемодејството на Сонцето со галаксијата

Многу други ѕвезди покажуваат опашки кои се влечат по нив како опашки од комети, поддржувајќи ја идејата дека нашиот Сончев систем има една иста таква опашка. Но, нови докази од Касини, Војаџер и IBEX мисиите на НАСА покажуваат дека делот од Сончевиот систем кој заостанува (се влече) можеби и не е истегнат во долга опашка. Од горе лево, прикажаните ѕвезди се ЛЛ Орионис (LLOrionis), Мира (Mira) и БЗ Кам (BZ Cam). Заслуги: НАСА/ХВТ (Хабл Вселенски Телескоп)/Р.Касалењо/ГАЛЕКС

„Касиниевиот инструмент беше дизајниран да ги сними јоните заробени во магнетосферата на Сатурн,“ вели Том Кримигис, водач на одделот за инструменти при Војаџер и Касини мисиите на НАСА, базирани во Лабораторијата за применета физика при Џонс Хопкинс универзитетот во Лаурел, Мериленд, и еден од авторите на истражувањето. „Никогаш не ни помисливме дека ќе го видиме она што го гледаме и дека ќе имаме можност да ги снимиме границите на хелиосферата.“

Бидејќи овие честички се движат со мал дел од брзината на светлината, нивните патувања од Сонцето до работ на хелосферата и назад траат со години. Па кога бројот на честички кои доаѓаат од Сонцето ќе се намали, обично како резултат на неговиот 11-годишен активен циклус, потребни се години пред тоа да биде отсликано во количеството на неутрални (ненаелектризирани) атоми кои се исфрлени назад во Сончевиот Систем.

Касиниевите нови мерења на овие неутрални атоми откри нешто неочекувано – честичките кои доаѓаат од опашката на хелиосферата ги отсликуваат промените во Сончевиот циклус речиси со иста брзина како и оние честички кои доаѓаат од предниот дел на хелиосферата

„Ако „опашката“ на хелиосферата е истегната како на комета, би очекувале шаблоните на соларните циклуси да се појават многу подоцна во измерените неутрални атоми“ вели Кримигис.

Мисиите Касини и Војаџер предлагаат нова слика на заемодејството на Сонцето со галаксијата

Нови податоци од Касини, Војаџер и IBEX мисиите на НАСА покажуваат дека хелиосферата, меурот на Сончевото магнетно влијание кој ја опкружува внатрешноста на Сончевиот Систем, е можеби многу покомпактна отколку што се мислеше претходно. Оваа илустрација покажува компактен модел на хелиосферата, поддржан од овие најнови податоци. Главната разлика меѓу овој и претходни модели е во тоа што новиот модел нема долга опашка која се влече позади едната страна на хелиосферата. Заслуги: Диалинас, итн.

Но, бидејќи шаблоните кои ги предизвикува Сончевата активност се покажуваат исто толку брзо во честички од опашката и во честички од предниот дел, тоа наведува дека опашката е отприлика на истата далечина како и предниот дел. Ова значи дека долгата, кометовидна опашка што научниците ја имаат предвидено можеби не ни постои – туку хелиосферата е можеби речиси топчеста и симетрична.

Можноста за заоблена хелиосфера ја создаваат комбинација фактори. Податоци од Војаџер 1 покажуваат дека меѓуѕвезденото магнетно поле по хелиосферата е посилно од што научниците претходно мислеа, што значи дека истото може да влијае на Сончевиот ветар на работ на хелиосферата и да ја збие опашката на хелиосферата.

Структурата на хелиосферата игра значајна улога во начинот на кој честичките од меѓуѕвездениот простор, наречени космички зраци, достигнуваат до внатрешниот Сончев систем, каде што се Земјата и другите планети.

„Овие податоци, со кои Војаџер 1 и 2, Касини и IBEX ја снабдија научната јавност, се мошне значајни за проучување на далечните краеви до кои достига Сончевиот ветар,“ кажа Арик Поснер, програмски научник за Војаџер и IBEX при седиштето на НАСА во Вашингтон, кој не беше вклучен во ова истражување. „Како што продолжуваме да собираме податоци од рабовите на хелиосферата, тие ќе ни помогнат подобро да ја разбереме меѓуѕвездената граница која помага во заштитата на Земјината животна средина од штетни космички зраци.“

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: Phys

Сподели.