Дали дa тргнеме во потрага по вонземјани? Колкав е ризикот?

0
Дали да тргнеме во потрага по вонземјани?

На сликата е прикажан бакарниот диск обложен со злато кој носи специјално одбрани слики и звуци за да го прикажат животот и културата на Земјата. Заслуги: AP Photo/NASA

Астрономите имаат своја верзија на дилемата на обичен човек на Валентајн: „Дали да чекам повик од одредена личност, или да ѝ се јавам и да ризикувам да бидам повреден?“

Во нивната верзија се работи за живот, наместо за љубов. Со децении астрономите седеа до нивните телескопи и чекаа, но залудно. Сега некои сакаат да ги насочат најдобрите радари и ласери кон небото и да им кажат на најблиските неколку светови: „Овде сме, јавете се!“

Некои научници, меѓу кои и Стивен Хокинг (Stephen Hawking), велат дека тоа е лудост, бидејќи наместо нежни и слатки вонземјани можеме да најдеме освојувачи на планети како оние од „Ден на независноста“ (Independence Day).

„Но, активното барање може да биде и единствениот начин да се стапи во контакт со вонземска интелигенција“ – вели Даглас Вакош (Douglas A. Vakoch) од институтот SETI, кој ја поддржува идејата за потрага по живот.

Од друга страна, основачот на Space X, Елон Маск (Elon Musk) и ловецот на планети, Џеф Марси (Geoff Marcy) покренаа петиција против праќање на вакви пораки, потенцирајќи дека е невозможно да се знае дали резултатите ќе бидат прекрасни, со големи придобивки за човештвото, или катастрофални.

Радио телескопот Аресибо (Arecibo) во Порторико. Заслуги: AP Photo/Seth Shostak, SETI Institute

Идејата на Вакош е да пратиме пораки преку радари и преку ласери, иако всушност нашата планета емитира радио и ТВ сигнали низ Универзумот веќе 70 години. Впрочем, можеби во овој момент на некоја далечна планета ја гледаат последната епизода од комедијата „Ја сакам Луси“ (I Love Lucy).

Досега имаше неколку обиди со мал потенцијал за успех, како пуштањето на песната на Битлси – „Across the Universe“ да лута низ Космосот… потоа Војаџер 1 со пораката на Карл Саган, леталото New Horizon во иднина итн.. Сега се размислува за проект кој ќе има подршка од повеќе институции и порака со која сите ќе се согласат.

Но, астрофизичарот и авторот на научна фантастика, Дејвид Брин (David Brin) е еден од погласните против покана за вонземјани на нашата планета. Колку и да е мал ризикот, тој не би ги изложувал на баш никаква опасност своите правнуци, сè додека се зборува на база на шпекулации дека сè ќе биде најдобро. „Зошто да бидеме сигурни дека нема да се случи реприза на Кортез и Ацтеките?“ Потребна е обемна и трпелива етичка и научна дискусија. Потребни се факти. И, оттргнување и на најмалите сомнежи, а не нивно подгревање.

Додека тие расправаа на конференцијата, 84-годишниот Френк Дрејк (Frank Drake) седеше тивко, во сенка. Дрејк, пионер во потрагата по вонземски живот, ја има создадено т.н. Дрејкова формула, која служи за процена на шансите за постоење на вонземски живот на одредено место. Пред повеќе од 40 години Дрејк и Саган беа тие кои ја пратија првата порака. Пратена е од опсерваторијата Аресибо (Arecibo) во Порторико и беше насочена кон ѕвездениот кластер Messier 13. Ќе требаат 25.000 години за да стигне таму. Можноста за успех е бескрајно мала, поради времето потребно да се добие евентуален одговор и поради фактот дека просечниот век на една цивилизација е 10 000 години.

„Па, зошто го направивме тоа? Љубопитност.“ – вели Дрејк. И не е важно дали ќе бидеме тука за да го дочекаме одговорот.

„Имаме пораки од античките Грци, Римјаните, Сократ е цело време со нас, долго откако си заминале оние кои ги создале. Сè уште се бесценети“ – вели Дрејк. „Создаваме археологија за иднината.“

Превод: Милан Велков

Извор: Phys.org

Сподели.