Астрофизичарите од Универзитетот на Бирмингем открија класа на екстрасоларни планети чии атмосфери се разнесени од нивните ѕвезди домаќини. Истражувањето било направено со користење на податоци од познатиот вселенски телескоп на НАСА, Кеплер.
Според истражувањето, планетите со гасовити атмосфери кои се наоѓаат многу близу до нивните ѕвезди се бомбардирани со високоенергетски зрачења. Поради преголемата блискост до ѕвездите нивните атмосфери се буквално разнесени од страна на силните зрачења. Овие настани се случуваат кај планетите со карпести јадра и гасовити надворешни слоеви.
Научниците користат методи на астросеизмологија за да ги проучат ѕвездите и нивните планети до нивоа на прецизност кои досега не биле постигнати. Се користат мерења на природните резонанци на ѕвездите за да се дознаат нивните карактеристики и внатрешна структура. Со резултатите можеме поубаво да разбереме како системите како нашиот еволуираат со текот на времето.
До сега имавме многу теоретски шпекулации за силните влијанија од ѕвездите кои најверојатно ги разнесуваат атмосферите на блиските планети. Но, сега веќе имаме и докази од опсервациите со кои теориите се докажуваат.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: phys.org