Ѕвездените нови – главен извор на литиум во Универзумот

0

Литиумот, најлесниот цврст елемент, се создава преку астрофизички феномен, но неговото потекло беше несфатливо. Неодамна, група истражувачи забележале огромни количини на берилиум-7, нестабилен елемент што се распаѓа во литиум за 53,2 дена, во новата Сагитари 2015 N.2 (Sagitarii 2015 N.2), што укажува дека новите се главен извор на литиум во галаксијата.

Практично секој хемиски елемент има астрономско потекло. Лесните елементи биле формирани помеѓу 10-тата секунда и 20-тата минута по Големиот Прскот, вклучувајќи водород (75%), хелиум (25%) и многу мала количина на литиум и берилиум.

Останатите хемиски елементи се формирани во ѕвездите, преку фузија на други елементи во ѕвезденото јадро, што започнува со фузија на водород во хелиум, и продолжува со создавање на сѐ потешки елементи до формирањето на железо. Други процеси, како супернова експлозии или реакции во атмосферите на огромните ѕвезди, произведуваат злато, олово и бакар и други елементи. Тие елементи биле рециклирани во нови ѕвезди и планети сѐ до денес.

Лука Изо, истражувач на Институтот за Астрофизика во Андалузија, вели, „Кај литиумот постои проблем: Знаеме дека 25% од постоечкиот литиум доаѓа од премордијална нуклеосинтеза, но не можевме да го откриеме потеклото на останатите 75%.“

Решение на енигмата за литиумот

Решението на енигмата за потеклото на литиумот, според истражувањето, лежи во ѕвездените експлозии – нови, експлозивен феномен што се случува во бинарни ѕвездени системи каде една од ѕвездите е бело џуџе. Белото џуџе може да вовлече материјал од неговата придружна ѕвезда и да формира површински слој од водород, кој при достигнување на одредена густина ќе предизвика нова, што може да ја зголеми сјајноста на ѕвездата до 100 илјади пати. По неколку недели, системот се стабилизира и процесот почнува одново.

Ѕвездените нови - главен извор на литиум во Универзумот

Уметнички концепт на бинарен систем сличен на оној од кој потекнува Новата Сагитари 2015 N.2. Заслуги: David A. Hardy y PPARC

Истражувачите ја проучувале новата Сагитари 1015 N.2 (позната и како V5668 Sgr), која беше детектирана на 15 март, 2015, и видлива повеќе од 80 денови. Набљудувањата направени со UVES инструментот на Very Large Telescope (ЕSO) телескопот во тек на 24 дена, овозможиле за првпат да се следи еволуција на берилиум-7 сигнал во нова и да се пресмета присутната количина. „Берилиум-7 е нестабилен елемент кој се распаѓа во литиум за 53,2 дена, така што неговото присуство е непогрешлив показател за постоењето на литиум,“ вели Кристина Тон, истражувач во Институтот за Астрофизика во Андалузија. Постоењето на берилиум-7 претходно било документирано во друга нова, но мерењата на количината на литиум создадени од новата Сагитари 1015 N.2 се изненадувачки. „Зборуваме за количина на литиум која е 10 пати поголема од онаа во Сонцето,“ вели Лука Изо. „Имајќи ги овие количини на ум, две слични нови годишно би биле доволни за целото количество на литиум во Млечниот Пат. Новите се чинат како главен извор на литиум во Универзумот,“ заклучува тој.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.