Ѕвездата која ќе проголта две планети

0

Уметнички приказ на планетата Кеплер-56b, осудена на прoпаст од страна на својата матична ѕвезда која старее. Заслуги: David A. Aguilar (CfA)

За првпат во историјата, астрофизичарите го предвидоа моментот на смртта на две егзопланети во еден систем. Планетите-сестри Кеплер-56b и Keплер-56c ќе бидат проголтани од страна на нивната ѕвезда, и тоа многу наскоро, гледано според астрономските стандарди. Нивниот крај ќе дојде за 130 и 155 милиони години, соодветно.

Матичната ѕвезда, Кеплер-56, станува црвен џин: таа веќе се има зголемено 4 пати од големината на Сонцето, а како што старее ќе се шири сè повеќе. Со зголемувањето, нејзината сила на привлекување ќе се засилува, одвлекувајќи ги планетите навнатре и проголтувајќи ги. Овој систем ни дава увид во иднината на нашиот Сончев Систем – за околу 5 милијарди години, Сонцето исто така ќе стане црвен џин, ќе се прошири нанадвор достигнувајќи огромна пропорција и ќе ги проголта Меркур и Венера. Бидејќи Кеплер-56b и Keплер-56c орбитираат околу нивната ѕвезда на многу помала оддалеченост во споредба со онаа на Меркур околу Сонцето, тие ќе го дочекаат својот крај многу поскоро.

Пред да се случи ова, двете планети ќе бидат изложени на многу силно затоплување од ѕвездата која расте. Тоа ќе ги стопи нивните атмосфери, додека ѕвездената плима ќе ги развлече во форма на јајце пред да ги искрши на парчиња. Единствениот преживеан во системот ќе биде Кеплер-56d – овој гасовит џин завртува околу ѕвездата во период од 3.3 Земјини години, што е безбедна зона за сведочење на неминовната смрт на неговите сестрински планети.

Системот Кеплер-56 е особено познат поради тоа што претставува првиот искосен мултипланетарен систем кој бил откриен. Орбитите на двете внатрешни планети се накривени во однос на екваторот на ѕвездата. Најверојатно е дека искосувањето изнесува 37 или 131 степени, според новото истражување. Повеќето планети во единечен систем, како нашиот, се создаваат од истиот диск на гас и прав како својата ѕвезда, па орбитираат во истата рамнина како ѕвездениот екватор.

Извор: IFL Science

Превод: Марина Димовска

Сподели.