Ѕвезда која умира раѓа црна дупка

0

Астрономите гледале како масивна ѕвезда во умирање е веројатно повторно родена како црна дупка. Телескопот LBT (Large Binocular Telescope), заедно со Хабл и Спитцер на НАСА ги набљудувале остатоците од поразената ѕвезда, за да откријат дека исчезнала од видик. Таа „згасна“ тивко, наместо со експлозија.

Ѕвезда која умира раѓа црна дупка

Овој пар фотографии во видливиот и близу-инфрацрвениот спектар, направени од Вселенскиот телескоп Хабл, ја покажуваат џиновската ѕвезда N6946-BH1 пред и после исчезнувањето од видик преку имплодирање во црна дупка. Левата слика ја покажува ѕвездата со маса од 25 Сончеви маси како што изгледала во 2007 година. Во 2009, ѕвездата го зголемува својот сјај и станува преку 1 милион пати посјајна од нашето Сонце во рок од неколку месеци. Но тогаш, се чини дека исчезнува, како што може да се види на сликата десно од 2015 година. Мала количина на инфрацрвена светлина била забележана на местото каде што била ѕвездата. Ова зрачење веројатно доаѓа од прашина која паѓа во црната дупка. Црната дупка е лоцирана во спиралната галаксија NGC 6946 на 22 милиони светлински години оддалеченост од нас. Заслуга: NASA, ESA, and C. Kochanek (OSU)

Ѕвездата која што беше 25 пати помасивна од нашето Сонце, требаше да експлодира во многу сјајна супернова. Наместо тоа, згасна и зад себе остави црна дупка. Ваков пример во блиска галаксија може да објасни зашто астрономите ретко гледаат супернови од најмасивните ѕвезди.

Околу 30 проценти од ваквите ѕвезди може тивко да колабираат во црни дупки – нема потреба од супернова.

Типичното мислење е дека ѕвезда може да формира црна дупка само после супернова. Доколку се формира црна дупка без фазата на супернова, ова може да објасни зошто не гледаме супернови од најмасивните ѕвезди.

Меѓу галаксиите во кои што биле вршени набљудувања е галаксијата NGC 6946, спирална галаксија на околу 22 милиони светлински години од нас, наречена „Галаксија Огномет“ поради честите појави на супернови во неа. Почнувајќи во 2009, една одредена ѕвезда, наречена N6946-BH1, започна слабо да го зголемува сјајот. До 2015, се чини дека згасна од нејзиното постоење.

После потрагата на LBT по „пропаднати“ супернови, астрономите ги насочија Хабл и Спитцер да видат дали ѕвездата е сѐ уште таму, но само затемнета. Тие исто така го искористиле Спитцер да бара инфрацрвено зрачење кое би потекнало од местото. Тоа би било знак дека ѕвездата сѐ уште постои, но можеби е сокриена зад облак од прашина.

Сите тестови биле негативни. Ѕвездата не е повеќе таму. Преку внимателен процес на елиминација, истражувалите заклучиле дека ѕвездата би морала да стане црна дупка. Многу е рано да се знае со сигурност колку често ѕвездите доживуваат „масивно пропаѓање“, но Скот Адамс, поранешен студент на Охајо кој неодамна доби докторат за неговата работа, беше во можност да направи прелиминарна проценка.

„N6946-BH1 е единствената пропадната супернова што сме ја пронашле во првите седум години од нашето истражување. Во рамките на овој период, се случија шест нормални супернови во рамките на галаксиите кои ги набљудувавме, што укажува дека 10 до 30 проценти од ѕвездите го завршуваат својот живот како пропаднати супернови,“ вели тој.

„Ова е само мал дел што би го објаснил проблемот што нè мотивираше да го започнеме истражувањето, што всушност е малиот број на набљудувани супернови во однос на тоа колку би требало да се случуваат доколку сите масивни ѕвезди умираат на овој начин.“

Ѕвезда која умира раѓа црна дупка

Ѕвездата осудена на пропаст, наречена N6946-BH1, беше 25 пати помасивна од нашето Сонце. Започна слабо да го зголемува својот сјај во 2009 година. Но, во 2015 се чини како да згасна. Преку внимателен процес на елиминација, базирани на набљудувања, истражувачите заклучија дека ѕвездата станала црна дупка. Ова би можело да е судбината за екстремно масивните ѕвезди во Универзумот. Заслуги: NASA, ESA, and P. Jeffries (STScI)

„Нема некаква смисла,“ вели Станек, професор по астрономија на Охајо, „масивна ѕвезда да може да подлежи на супернова – процес во кој го отфрла поголемиот дел од надворешните слоеви, и сепак да има доволно преостаната маса да формира црна дупка со големина споредлива со оние кои што LIGO ги детектираше. Многу полесно би било да се создаде многу масивна црна дупка ако воопшто не постои супернова,“ заклучува тој.

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.