Зошто оваа комета има форма на патка?

0
Зошто оваа комета има форма на патка?

Заслуги: ESA/Rosetta/NAVCAM, CC BY-SA IGO 3.0

Минатата година, мисијата Розета (Rosetta) предводена од ЕСА ја промени историјата со тоа што стана првото вселенско летало кое орбитира околу комета и постави сонда на нејзината површина. Роботската сонда ги помина последниве 12 месеци орбитирајќи околу кометата официјално именувана 67P/Чурумов-Герасименко, испраќајќи извонредни слики и невидени научни податоци од различни височини. Кометата 67P изгледаше како типична краткопериодична комета кога првпат беше избрана како цел на Розета, но откако леталото се приближи, веднаш беше видливо дека кометата е сè освен типична.

Кометите се парчиња од карпи и лед, на кои има значителни количества на испарливи материјали кои сублимираат кога се загреани. Поради нивната слаба гравитација, кометата не може да ги држи овие сублимирани гасови, и тие бегаат во вселената формирајќи атмосфера (исто така наречена кома) и опашка. Кометите биле подложни на минимално загревање (космолошки гледано) и нивниот хемиски состав се смета за примордијален и практично непроменет низ нивниот животен век.

Знаеме дека кометата 67P содржи испарливи материјали како јаглерод моноксид и молекуларен азот. Исто така, знаеме дека кометата наликува на гумена патка бидејќи е составена од два лобуси – помала „глава“ и поголемо „тело“, поврзани од тенок врат. Под претпоставка дека претставуваат остатоци од раните денови на Сончевиот систем, кога се формирале планетите, кометите се во суштина временски капсули кои може да ни кажат многу за условите во периодот кога биле формирани. Во раните денови на Сончевиот систем, кометите и други планетарни тела меѓусебно се судирале, константно формирајќи и преобликувајќи светови и притоа оставајќи отпад. Со таков кршлив врат, шансите дека кометата 67P би преживеала непроменета милијарди години се мали, така што мора да постои друго објаснување.

Покрај уникатната форма, активноста на кометата 67P е уште еден извор на интрига за научниците. Нов труд нуди објаснување за двете прашања.

Зошто оваа комета има форма на патка?

Локации на брзи температурни промени на кометата 67P. Заслуги: V. Alí-Lagoa, M. Delbo, and G. Libourel / Astrophysical Letters

Пред пристигнувањето на Розета, научниците опширно ги проучувале термалните мапи на кометата за да утврдат најдобра локација за спуштање на лендерот. Потребно било да најдат област со максимална сончева осветленост, но со  минимална активност. Во нивната потрага, тимот забележал дека најтоплите региони биле на лобусите – по една топла точка на двата. Но, биле изненадени од фактот дека активноста во овие региони била најмала. Поголема активност имало околу вратот на кометата.

За истражувањето, тројца научници користеле термофизички модели за да испитаат како формата на кометата влијае врз површинската температура на различни региони. Тимот користел ротирачки модел на комета да ги измери термалните промени како што регионите биле изложувани на сончева светлина, а потоа фрлени во сенка. Нивните резултати покажале дека регионите на вратот искусиле најекстремни промени во температурата, до 30 Келвини во минута, што одговара на областите каде било забележано исфрлање на гасови.

Во нивниот труд, авторите објаснуваат: „Нашата работа предлага дека овие брзи промени во температура се поврзани со раната активност на кометата, и поставивме хипотеза дека се случува ерозија поврзана со термално напукнување на регионите на вратот поради овие брзи температурни варијации. Ова објаснува зашто вратот содржи одредена количина на мраз.“

Термални промени може да водат до напукнување на површината, така што подраматични промени резултираат во побрзо напукнување. Кога површината на кометата напукнува, потповршинските испарливи материјали може да бидат откриени, што води до сублимација и уште поголемо напукнување, особено кога кометата се приближува до Сонцето. Ако ова е вистина, значи дека било кој мал кратер би можел да еволуира во врат како што гледаме на кометата 67P, по изминување на доволен временски период.

Авторите предлагаат дека овој процес може да е чест на мали тела низ Сончевиот систем. Со проучување на овие енигматични ледени светови и процесите кои што ги обликуваат истите, научниците се надеваат дека подобро ќе го разберат настанокот и еволуцијата на кометите, и конечно на Сончевиот систем.

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFL Science

Сподели.