Зошто на другата страна од Месечината нема „мориња“?

0

Откако Советската сонда „Луна 3“ во 1959 г. ја сними темната страна на Месечината, една од најголемите енигми денес е прашањето зошто таа хемисфера нема карактеристични темни дамки на површината, познати како мориња? По многу години истражувања, одговорот е: кората на Месечината е многу подебела на спротивната страна, бидејќи морињата на поблиската страна настанале како продукт од базалтната лава која ги исполнила ударните кратери. Лавата никогаш не успеала да стигне до површината на другата полутопка. Но, сепак, одговорот не е комплетен, бидејќи не објаснува зошто кората е подебела на другата страна.

До денес се предлагани бројни теории кои би ја објасниле ова дихотомија, од кои некои навистина се доста егзотични. На пример, сугерирано е дека Месечината некогаш имала огромни ударни кратери, кои ја формирале Mare Procellarum и Аткеновиот басен на Јужниот пол, кои можеби влијале на таа разлика или пак, станува збор за нешто сосема друго.

Меѓутоа, неодамна се појави теорија дека Земјата би можела да претставува објаснување на мистеријата поврзана со дебелата кора на Месечината. Од многу научни трудови може да се види дека Месечината најверојатно настанала пред околу 4.5 милијарди години, како резултат на судирот на еден огромно тело со големина на Марс, наречен Теиа, со прото-Земјата. Факт e дека примитивната Месечина се вртела на многу помала оддалеченост од нашата планета отколку денес, со што температурата на нашата планета имала главна улога во нејзиното формирање. Токму пред ударот кој довел до појавата на Месечината, температурата на површината на Земјата изнесувала 8.000 Келвини, а по неколку илјади години се намалила на 2.500 Келвини.

Зошто на другата страна од Месечината нема „мориња“?

Разликата помеѓу видливата и „онаа другата“ страна на Месечината е во недостатокот од мориња. Додека за речиси 31.2% површината на поблиската страна е покриена од мориња, на поодалечната страна има само 1% (http://ottawa-rasc.ca/).

Ако Месечината настанала многу блиску до Земјата, тоа значи дека плимската врска помеѓу двете тела е воспоставена многу одамна. Ако е така, тоа значи дека истата хемисфера е свртена одамна кон нас (Оската на Месечината се променила многу малку од тогаш).

Дебелината на кората на Месечината, според податоците на сондата ГРАИЛ на НАСА. На видливата страна, кората е дебела 20 – 40 километри, додека на другата страна е 3 – 70 километри. Заслуги: НАСА

Еден од важечките модели на внатрешноста на Месечината. Извор: http://ase.tufts.edu/

Процесот на формирање на Месечината се одвивал многу брзо, во период од 1 до 100 години. Термичкиот градиент предизвикан со зрачењето која го емитувала Земјата влијаел на акреционите процеси, а нешто подоцна и на формирањето на кората и протоатмосферата на Месечината. Значи, поодалечената страна безбедна од топлината на Земјата била во состојба да развие подебела кора од таа на видливата страна (се верува дека околу 80% од Месечевата кора е формирана во период од илјада до десет илјади години по Големиот Прскот, додека Земјата сè уште многу зрачела).

Присуството на Земјата, исто така, влијаело и на нешто поразличниот хемиски состав на темната страна, бидејќи некои супстанции кондензирале на таа хемисфера. Поради тоа, на темната страна веројатно постои поголема концентрација на калциум оксид и диалуминиум триоксид, помеѓу останатите соединенија и минерали. Меѓутоа, никој досега директно не ја испитувал површината од подалечната страна. Без сомневање, еден од приоритетите на планетарните научници ќе биде сондата за собирање на примероци од таа мистериозна хемисфера. Доколку се сака да се потврди дали ова хипотеза е вистината,еден ден човекот треба да се спушти и на другата страна на Месечината.

Превод: Петар Ивановски

Извор: Астрономски Магазин

Сподели.