Зошто малите издржливи водни мечки можеби ќе бидат првите меѓуѕвездени патници?

0

Луѓето се се подготвуваат да го рашират животот надвор од нашиот Сончев Систем, во Космосот. Но, првите живи суштества кои ќе го направат тоа патување нема да бидат самите луѓе, ниту пак некои животни кои им се познати на повеќето. Наместо тоа, научниците планираат да пратат мали, дебелки, бледолики водни мечки, или тардигради, на првото патешествие на живо суштество зад Оортовиот облак во меѓуѕвездениот простор.

Зошто малите издржливи тардигради можеби ќе бидат првите меѓуѕвездени патници?

Водна мечка во Вселената? Заслуги: Dotted Yeti/Shutterstock

Зошто тардигради? Овие осумножни водни мечки се претерано издржливи за непријатностите на Универзумот. Вриењето не ги убива, ниту пак ни ескремниот притисок или температура. Според изстражување објавено на 14-ти јули во „Списанието за научни извештаи“ се вели дека дури ниту удар од астероид, ниту блиска експлозија на супернова, или меѓуѕвезден излив на гама радијација, може  да ги убие.

Издржливоста, комбинирана со нивните мали димензии (1 милиметар) ги прави идеални кандидати за првото патување надвор од Сончевиот Систем. Овие мали прасиња, заедно со C. elegans, вид на нематод, се финалисти за сурфање врз ласери со брзина блиска до онаа на светлината со помош на многу тенки ласерски едра кон работ на Сончевиот Систем. Овие ласерски едра се плод на програмата Starlight (ѕвездена светлина) на НАСА чија цел е користење на фотоните како средство за туркање на мали објекти, со брзини кои се екстремни фракции од онаа на светлината, кон соседните ѕвезди.

Способноста на тардиградите да се склопчат и соберат во мали топчиња при екстремни услови на дехидратација и ниски температури им овозможува да ги преживеат овие услови и повторно да се рехидрираат (или да ги стопат телесните течности) при доаѓање во средина со поволни услови, како ништо да не се случило. Со ова се овозможува периодично „успивање“ и повторно будење на тардиградите во делови од патувањето, зависно условите, со цел да се  набљудува нивното однесување.

C. elegans, од друга страна, е добар кандидат поради веќе постоечкото огромно богатсво на податоци за нивната генетика и однесување. Со малку помалку од 1000 клетки во целото тело, тие се едноставен организам за проучување, кој и покрај својата мала димензија може да ја набљудува околината, да учи од неа и да се прилагоди соодветно. Исто како и тардиградите, може да се замрзнат и оживеат.

Секако, од голема помош е нивната големина во нивното пакување на минијатурни вселенски бродови за првото патување на Земскиот живот низ ѕвездите. Иако плановите се сè уште флуидни, рускиот филантроп и основач на програмата Breakthrough Starshot, Јури Милнер, вели дека првото меѓуѕвездено патување може да се случи за 20 до 25 години од сега. Една од предложените дестинации е и најблискиот ѕвезден систем – Алфа Кентаури.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Live Science

Сподели.