Златнокосите ѕвезди се најдоброто место за потрага по живот

0

До денес астрономите имаат октриено околу 4000 планети околу други ѕвезди. Статистички би требало да има околу 100 милијарди планети во нашата галаксија Млечен Пат. Тие се јавуваат во разни големини и со разни карактеристики кои пред откритието на првите егзопланети во средината на 1990тите не биле ни замислени. Најголемата мотивација во потрагата по овие светови е да се октрие „Генеза II“,  планета каде животот има настанато и еволуирано во покомплексни форми од микробите. Најголемото откритие би било она на интелегентен живот надвор од Земјата.

Инографски приказ на типови на ѕвезди и хабитабилни зони. Заслуги: NASA, ESA, and Z. Levy (STScI)

Голем чекор во потрагата по населливи светови е откривањето на соодветни ѕвезди кои можат да го промовираат појавувањето на комплексни организми. Бидејки нашето Сонце го одржува животот на Земјата веќе 4 милијарди години, би претпоставиле дека ѕвездите како него се главни кандидати. Но ѕвездите како него се само 10% од популацијата на Млечниот Пат. Додатно на тоа тие имаат релативно краток животен век. Нашето Сонце е веќе на пола пат од неговиот претпоставен животен век од 10 милијарди години.

Комплексните организми се појавиле на Земјата пред само 500 милиони години. Модерното доба на луѓето постои само колку еден момент на космолошката временска скала – 200,000 години. Иднината на човештвото е непозната. Но она што го знаеме со сигурност е дека Земјата ќе стане ненаселлива за повискои форми на живот за нешто повеќе од 1 милијарда години, кога Сонцето ќе стане потопло и ќе ја исуши нашата планета.

Поради ова ѕвездите малку поладни од нашето Соцне, наречени портокалови џуџиња, се сметаат за подобри домаќини за напреден живот. Тие можат да опстанат стабилни десетици милијарди години. Ова овозможува голема временска рамка за биолошката еволуција да може да изведе безброј експерименти за добивање на робустни форми на живот. И згора на ова за секоја ѕвезда како нашата има три портокалови џуџиња во Млечниот Пат.

Единствената ѕвезда која е позастапена е црвеното џуџе. Но овие мали ѕвезди се премногу енергични. Поради нивната висока магнетна активност ослободуваат 500 пати повеќе радијација во форма на рендгенски зраци и ултравиолетова светлина во однос на Соцнето. Планетите околу овие ѕвезди не би биле дом за организми како нас.

Во потрагата по живот надвор од Земјата, астрономите трагаат по планети кои се во населливата зона на една ѕвезда, понекогаш наречена и „златнокоса зона“ каде температурите дозволуваат постоење на течна вода на површината на планетата.

Нова идеја поддржана од истражувањата направени со Хабл и други телескопи вели дека портокаловите џуџиња се „златнокоси ѕвезди“ (именувани по Златнокоска од сказната „Златнокоска и трите мечки“) – ниту премногу жешки, ниту премногу студени, и пред се, не се преактивни за да можат да бидат домаќини на планети кои подджуваат живот низ долг период на космичко време со својот животен век од 15 до 45 милијарди години.

Според Едвард Гуинан од Виланова Универзитетот во Виланова, Пенсилванија овие тип K ѕвезди се „златна средина помеѓу поретките, посветли краткотрајни ѕвезди како нашето сонце од тип G и побројните црвени џуџиња од типот М. К-тип ѕвездите особено оние потоплите ги имаат најдобрите услови. Аако бараме населливи планети бројноста на К ѕвездите ги зголемува шансите за откривање на живот.“ Според истражувњата на Гуинан планетите околу К-тип портокаловите џуџиња би биле изложени на само една стотина од количеството рендгенски зраци наспроти оние околу магнетно активните М-тип црвени џуџиња.

Има околу 1000 К-тип на ѕвезди на 100 светлосни години од нашето Сонце, кои представуваат главни кандидати за истражување. Во програмата наречена „GoldiloKs“ Гуинан и неговиот колега Скот Енгл работат заедно со додипломци мерејки ја староста, брзината на ротација и интензитетот на рендгенските и ултравиолетовите зраци кај примерок на студени G и К тип на ѕвезди. Во своите набљудувања тие ги користат вселенскиот телескоп Хабл на НАСА, Чандра рендгенската обсерваторија и XMM-Newton сателитот на Европската Вселенска Агенција. Осетливите ултравиолетови набљудувања изведени од Хабл врз радијацијата од водородните атоми се искористени да се испита радијацијата кај примерок од околу 20 портокалови џуџиња. „Хабл е единствениот телескоп кој може да направи вакво набљудување“ вели Гуинан.

Помеѓу поинтересните набљудувани К-тип на ѕвезди кои се домаќини на планети се Кеплер-442, Тау Цети и Епсилон Еридани (последните две беа мета и на проектот Озма од доцните 1950ти – првиот обид да се детектирааат радио трансмисии од вонземски цивилизации.)

„Кеплер-442 е позната поради тоа што е домаќин на една од најдобрите „златнокоси планети“ – Кеплер-442b, карпеста планета која е со двојно поголема маса од Земјата. Кеплер-442 е систем со златнокоса ѕвезда домаќин на златнокоса планета!“ вели Гуинан.

Низ минатите 30 години Гуинан и Енгл заедно со своите студенти имаат набљудувано различни ѕвездени типови. Врз основа на нивните истражувања, имаат воспоставено врски помеѓу ѕвездената старост, степенот на ротација, емисиите на UV и рендгенски зраци и активноста на ѕвездите. Податоците се искористени за истражување на влијанието на високо енергетската радијација врз планетарните атмосфери и можниот живот на нив.

Резултатите беа презентирани на 235тиот состанок на Американското Астрономско Друштво во Хонолулу, Хаваи.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор:phys.org

Сподели.