Истражување предлага дека крајот на Неандерталците е поврзан со разменувањето на Земјините магнетни полови

0

Настан од пред 42000 години заедно со пад на сончева активност потенцијално катастрофален, велат истражувачите

magnet1

Кога половите ќе се разменат, магнетното поле на Земјата значително ослабува, изложувајќи ја планетата на космичка радијација. Заслуги: Elen11/Getty Images/iStockphoto

Разменувањето на Земјините магнетни полови, заедно со падот во сончевата активност пред околу 42000 години, би можело да создаде апокалиптични околности кои би имале улога во значајни настани, од изумирањето на мегафауна до крајот на Неандерталците, велат истражувачите.

Земјиното магнетно поле дејствува како штит против штетна космичка радијација, но кога половите се разменуваат, што се има случено многу пати во минатото, штитот значително ослабува и ја остава планетата изложена на високоенергетски честички.

Една привремена размена на половите, позната како екскурзијата на Лашампс, се случила пред 42000 години и траела околу 1000 години. Претходни истражувања немаат пронајдено многу докази дека настанот имал значително влијание на планетата, можеби бидејќи не биле фокусирани на времето во кое половите се разменувале, велат истражувачите.

Сега научниците велат дека размената, заедно со период на ниска сончева активност, би можела да биде причината за голем број на климатски и еколошки феномени со драматични последици. „Веројатно би личело како апокалипса,“ вели професор Крис Тарни од Универзитетот на Нов Јужен Велс (УНЈВ) кој е коавтор на истражувањето.

Како „Адамсовиот настан“ можеби помогнал во истребувањето на Неандерталците. Заслуги: Гардиан/УНЈВ Сиднеј

Заедничкото име на тимот за овој настан е „Адамсовиот настан“, во чест на Даглас Адамс, авторот на Автостоперскиот водич низ галаксијата во кој бројот 42 е „одговорот на конечното прашање за животот, универзумот и се“.

Пишувајќи за списанието Science, Тарни и неговите колеги опишуваат како извршиле анализи со радиоактивен јаглерод на прстените на древни каури дрва сочувани во мочуриштата на Нов Зеланд, од кои некои се постари од 42000 години.

Ова им дозволило да го следат растот на нивоа на јаглерод-14 во атмосферата, произведен од растечките количини на високоенергетска космичка радијација стигната до Земјата при екскурзијата Лашампс, низ времето. Со тоа тие успеале да ги датираат атмосферските промени подетално од што било можно со претходните записи, како минералните наслаги.

Потоа тие испитале бројни записи и материјали од целиот свет, вклучувајќи од езерски и ледени јадра, и пронашле дека мноштво значајни еколошки промени се случиле во истото време со максималните нивоа на јаглерод-14.

„Го гледаме овој огромен раст на ледениот покрив преку Северна Америка… гледаме значајни промени во тропските дождовни појаси во западниот Тихи Океан во ова време, а потоа и ветровити појаси во јужниот океан и сушење во Австралија,“ вели Тарни.

Истражувачите користеле и модел да испитаат како хемискиот состав на атмосферата би можел да се промени ако магнетното поле на Земјата го снемало и ако имало продолжен период на намалена сончева активност, што уште повеќе би ја намалило заштитата на Земјата против космичка радијација. Записите од ледени јадра предлагаат дека ваквите намалувања во сончевата активност, познати како „големите сончеви минимуми“, се случувале во истото време со екскурзијата Лашампс.

Резултатите откриваат дека атмосферските промени би можеле да придонесат кон огромни промени во климата, електрични бури и распространета шарена аурора.

Покрај промените во животната средина што потенцијално го забрзуваат растот на ледените плочи и придонесуваат кон истребувањето на австралиската мегафауна, тимот предлага дека тие исто така би можеле да бидат поврзани со појава на отпечатоци од дланки од црвен окер, сугестијата е дека луѓето можеби го користеле пигментот како крема за сончање за заштита од зголемено ниво на ултравиолетово зрачење што ја погодувало Земјата како резултат на осиромашување на озонот.

Тие исто така предлагаат дека порастот во употребата на пештери од страна на нашите предци околу ова време, како и порастот во пештерска уметност, би можел да биде резултат на фактот дека подземните простори нудат засолниште од тешките услови. Ситуацијата исто така би можела да придонесе кон зголемена конкуренција, со тоа придонесувајќи кон крајот на Неандерталците, вели Тарни.

 Како апокалипса“: научниците го истражуваат превртувањето на Земјините магнетни полови. Заслуги: Гардиан/УНЈВ Сиднеј

Магнетното поле на Земјата има ослабено околу 9% во текот на последните 170 години, и истражувачите велат дека би можеле да добиеме уште една размена. Ваква ситуација би можела да има драматичен ефект, делумно со уништување на електрични и сателитски мрежи.

Ричард Хорн, директор за вселена, време и атмосфера во Британското антарктичко истражување, кој не е дел од истражувањето, вели дека хемиските промени во горниот дел на атмосферата предвидени од истражувањето се поистоветуваат со мерките од истражувачката станица Хали на Антарктикот за време на силни, но краткотрајни настани во кои енергетски честички биле испуштени од сонцето.

Но, дали ефектите врз животната средина би можеле да бидат толку сериозни како што предвидува тимот? „Можеби не толку екстремно, но те тера да размислиш“, рече Хорн, истакнувајќи дека е малку веројатно магнетното поле на Земјата да исчезне целосно.

Сепак, д-р Андерс Свенсон од Универзитетот во Копенхаген, вели дека ледените јадра од Гренланд и Антарктикот не покажуваат докази за какви било драматични климатски промени околу времето на екскурзијата Лашампс, но тоа не значи дека истата немала никакво влијание. „Промените во озонската обвивка и влијанието на зголеменото УВ зрачење врз луѓето не е нешто што може да се потврди или отфрли од ледените јадра“, рече тој.

Крис Стрингер, кој го проучува човечкото потекло во Природонаучниот музеј во Лондон, рече дека трудот е важен. Тој рече дека поголемата употреба на пештери како засолниште е веродостојна, но дека поврзаноста со порастот на пештерската уметност е понеубедлива бидејќи слики од прасиња навидум се произведувале во Сулавеси, Индонезија долго време пред екскурзијата Лашампс.

„Авторите исто така ја поврзуваат екскурзијата со физичкото истребување на Неандерталците пред околу 40000 години и мислам дека тоа секако би можело да придонесе кон нивното пропаѓање“, рече тој. „Но, тие преживеале подолго и се движеле пошироко од Европа, и имаме многу лошо познавање на времето на нивното конечно исчезнување низ делови на Азија“.

Д-р Ричард Стаф, истражувач на кватернарна геохронологија на Универзитетот во Глазгов, рече дека студијата е возбудлива и истакна дека истата би можела да доведе до понатамошно истражување на влијанијата врз животната средина и еволуцијата на други, поголеми драматични падови на силата на магнетното поле на Земјата поодамна.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: theguardian.com

Сподели.