Закривувањето во структурата на Млечниот Пат е последица на галактички судир

0

Кога повеќето од нас го замислуваат Млечниот Пат, галаксијата која го содржи нашето Сонце и стотици милијарди други ѕвезди, замислуваме централна маса опколена од рамен диск на ѕвезди кои се вртат околу неа. Но, повеќето астрономи знаат дека наместо симетрична, структурата на дискот е закривена. Притоа закривените рабови константно се движат долж надворешниот раб на галаксијата.

„Ако некогаш сте виделе публика на стадион како прави бран, многу е слично на тој концепт“ вели Шинлун Ченг, постипломец по астрономија на Универзитетот на Вирџинија при Колеџот и постдипломската шткола за уметности и науки. „Секој член на публиката станува и потоа седнува во точно време и редослед со цел да се добие бран кој патува долж стадионот. Тоа е токму тоа што го прават ѕвездите во нашата галаксија. Само што во овој случај, како што бранот патува долж дискот на галаксијата, самиот диск ротира околу центарот на галаксијата. Кај аналогијата со стадионот би било како да самиот стадион исто така ротира.“

м п

Графичка претстава на закривените рабови на Млечниот Пат (Заслуга: Шинлун Ченг)

Причината зад ова закривување е тема на дебата. Некои истражувачи сугерираат дека феноменот е резултат на нестабилноста на самата галаксија, додека други велат дека тоа е остаток од судир со друга галаксија во далечното минато.

Неодамнешна статија објавен во Астрофизичкиот журнал од страна на Ченг, кој ги проучува движењата на ѕвездите, заедно со колегите Борха Ангуиано и Стив Мајевски можеби ќе и стави крај на дебатата.

Користејќи податоци од вселенската обсерваторија Гаја, лансирана во 2013 година од страна на Европската вселенска агенција со цел мерење на позициите и далечините на милијарди ѕвезди, како и инрацрвениот спектрограф APOGEE развиен од самиот универзитет, со цел одредување на хемискиот состав и движење на ѕвездите, астрономите ги имале алатките за набљудувања на ѕвездите на Млечниот Пат со досега невидено ниво на прецизност.

„Комбинирајќи ги информациите од APOGEE со оние од Гаја почнуваме да разбираме како различните компоненти во галаксијата се движат“ вели Ангуиано, кој е заинтересиран и за движењата на овие компоненти покрај феномените кои оригинално довеле до нивното движење.

„Возможно е да ги карактеризираме овие движења со голема точност поради прецизноста и статистичката робустност на големиот каталог на ѕвезди добиен со сателитот Гаја“ објаснува Мајевски. „Во меѓувреме нашата голема датабаза на ѕвездени хемии добиена со APOGEE ни дава уникатна можност за проценка на ѕвездената старост. Ова ни овозможува да истражиме како ѕвездите од различни доба учествуваат во закривувањето, а со тоа и да увидиме кога настанало. Знаејќи го ова ќе ни даде претстава за тоа како настанало.“

м81

Спиралната галаксија М81, која е налик во големина и облик на Млечниот Пат (Заслуга: NASA)

Користејќи ги овие податоци, Ченг и неговите колеги развиле модел кој ги карактеризира параметрите на галактичкото закриввуање – каде започнува во надворешниот диск, колку брзо се движи и каков е неговиот облик. Моделот исто така им помогнал да одлучат дека закривувањето не е производ на самата интерна маса на Млечниот Пат. Наместо тоа, тоа е остаток од гравитационото влијание врз дискот од страна на сателит галаксија која поминала многу близу пред околу три милијарди години. Можен кандидат е џуџестата сфероидна галаксија Стрелец (Sagittarius).

„Се уште можеме да го видиме тресењето на дискот на нашата галаксија како псоледица на овој настан“ вели Ангуиано.

Податоците прибрани од страна на тимот со новите алатки кои им се достапни на астрономите можеби се само почетокот во нов бран на откритија за нашиот универзум и неговото настанување.

„Влегуваме во доба на астрономијата, особено галактичката астрономија, во која го мериме движењето на ѕвездите со таква прецизност што можеме да ги мапираме нивните минати орбитални патеки за да разбереме како на нив влијаеле различни настани и како приближувањето на други галаксии близу нашата имало влијание врз ѕвездите кои се раѓале“ вели Ангуиано. „Ова ниво на прецизност ни отвара нова врата во разбирањето на минатото на нашата галаксија и тоа како таа била составена.“

Статијата „Истражување на галактичкото закривување низ асиметриите во кинематиката на галактичкиот диск“ од Ченг и неговите колеги била објавена во декемвриското издание на Астрофизичкиот журнал (Astrophysical Journal).

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: www.phys.org

Сподели.