Закони за движење на небесните тела

0

Движењето на планетите било набљудувано уште многу одамна. Древните Грци, за прв пат, во VI – V век п.н.е. започнале да користат теориски модели за објаснување на движењето на небесните тела. Видливото (привидно) вртење на небесната сфера, како и видливото (привидно) движење на небесните тела оставале впечаток дека Земјата е центар на Вселената и дека се се врти околу неа. Согласно учењето на старите грци, небесните тела биле распоредени по сфери кои вртеле околу неподвижната Земја. Најблиску била сферата на Месечината, а потоа следеле сферите на Меркур, Венера, Сонце и на останатите, видливи со око, планети: Марс, Јупитер и Сатурн. Најодалечена од Земјата била т.н. “сфера на неподвижни “звезди”. Ваквото учење било во основата на т.н. геоцентричен систем на светот и било до совршенство разработено од александрискиот астроном Птолемеј во II век од н.е.

Во XVI век познатиот полски астроном Никола Коперник (1473-1543) го создал новиот систем на светот. Согласно овој систем, во центарот на светот не била Земјата, туку Сонцето околу кое вртат сите планети и сферата на неподвижни звезди. Ваквиот систем е познат под името хелиоцентричен систем на светот. Коперник сметал дека планетите се движат по кружни патеки околу Сонцето и дека Меркур и Венера се поблиску до Сонцето отколку Земјата бидејќи на небото се гледат блиску до Сонцето за разлика од останатите планети кои се видливи во текот на ноќта кога Сонцето се наоѓа длабоко под хоризонтот. Коперник прв ги определил релативните растојанија меѓу планетите и Сонцето, како и периодите на обиколка на планетите околу Сонцето. Идеата на Коперник за хелиоцентричниот систем на светот долго време не била прифатена од страна на научниците и била строго забранета од страна на црквата. Германскиот астроном и математичар Јохан Кеплер (1571-1630, десно) во 17 век предложил математички релации за опишување на движењето на небесните тела. Тоа беа, воедно, и првите закони за движење на небесните тела. За формулирање на овие закони, во голема мера, е заслужен данскиот астроном Тихо Брахе (1546-1601). До тогаш сите набљудувања на небото се правеле инцидентно, без некој ред. Затоа и таквите набљудувања немале некоја научна вредност.

Тихо Брахе, во својата опсерваторија “небесна палата” поклонета од данскиот крал, континуирано ги набљудувал и забележувал положбите на Месечината и на познатите во тоа време планети во долг временски период (од 1576 до 1597 година). Во негово време се уште се водела дебата која од теориите: геоцентричната или хелиоцентричната е точна. Тој верувал дека споредувањето на експерименталните податоци со предложените теории ќе укаже која од нив е точна. Оваа идеја, да се набљудуваат појавите, да се бележат податоците и да се верува дека така добиените податоци ќе дадат одговор која од теориите е точна, била клуч на модерната наука и почеток на вистинското разбирање на Природата. Тихо Брахе застапувал една модифицирана геоцентрична теорија: планетите се движат околу Сонцето, а сите тие заедно се движат околу Земјата.

Податоците собрани од страна на Тихо Брахе завршиле во рацете на неговиот асистент Јохан Кеплер. Тој се обидел, по метод на проба и грешка, да добие равенки на движење на планетите околу Сонцето. На почеток тој дошол до погрешен резултат, а тоа било дека планетите се движат околу Сонцето по кружни патеки но дека Сонцето не се наоѓа во центарот. Големото разидување помеѓу неговите пресметки и експерименталните податоци на Брахе применети за планетата Марс, укажале дека ваквиот заклучок не е точен. На тој начин, Кеплер, благодарение на прецизните експериментални набљудувања на Брахе, можел да стигне до своите три закони за движење на планетите околу Сонцето.

Сподели.