Закочен развој: Хабл пронајде прастара галаксија блиску до нас

0

Слика 1: [горе десно] – Ова е слика од галаксијата NGC 1277, сликана со телескопот Хабл. Галаксијата е една и единствена бидејќи се смета за примерок од галаксиите во многу раниот универзум. Галаксијата е составена само од остарени ѕвезди, кои се создадени пред 10 милијарди години. Но за разлика од другите галаксии во блискиот регион од универзумот, оваа галаксија не произвела нови ѕвезди. Астрономите на овие галаксии им го даваат прекарот „црвени и здрвени“ (red and dead) бидејќи ѕвездите стареат и нема нови генерации на ѕвезди. Показателот кон „закочениот развој“ на галаксијата е во древните глобуларни јата кои се собираат околу неа. Црвеникавите јата се најсилниот доказ дека галаксијата одамна престанала да создава нови ѕвезди. Во спротивно присутни би биле и многу сини глобуларни јата, кои што во најголем дел ги нема. Ваквиот недостаток на сини глобуларни јата значи дека NGC 1277 никогаш не продолжила да расте со проголтување на помали галаксии. [Позадина] – Галаксијата живее во близина на центарот на јатото Персеиди, кое содржи над 1000 галаксии и се наоѓа на 240 милиони години од Земјата. NGC 1277 се движи низ јатото толку брзо, со брзина од 3,2 милиони километри на час, што не може да се спои со други галаксии за да собере други ѕвезди или да собере гас за да започне со формација на ѕвезди. Освен тоа, во близина на центарот на галактичкото јато интергалактичкиот гас е толку жежок што не може да се олади за да се кондензира и да формира ѕвезди. Заслуги: НАСА, ЕСА, М. Бизли (Канарски институт за астрофизика – Instituto de Astrofísica de Canarias) и П. Кехушма

Астрономите го пратија вселенскиот телескоп Хабл на НАСА на мисија од видот на Индијана Џонс за да ја открие „прастарата галаксија“ во нашиот космички двор.

Овој многу редок и чуден збир на ѕвезди останал воглавно непроменет во последните 10 милијарди години и претставува нов и вреден прозорец кон потеклото и развитокот на галаксиите пред милијарди години.

Галаксијата наречена NGC 1277 одамна го започнала својот живот и тоа мошне експлозивно, раѓајќи ѕвезди 1000 пати побрзо отколку нашиот Млечен Пат денес. Но одеднаш таа се стишила, а многуте млади ѕвезди остареле и станувале се поцрвени и поцрвени.

Иако Хабл има видено вакви „црвени и здрвени“ галаксии во раниот универзум, ниедна не била најдена толку близу до нас, барем не за сигурно. Кога раните галаксии се толку далечни, тие се само црвени точки на Хабловите небесни слики во длабочина, но NGC 1277 ни нуди единствена можност да видиме една од нив одблизу, лице во лице. „Можеме да ги истражиме ваквите почетни галаксии подетално и со тоа да ја испитаме состојбата на раниот универзум,“ вели Игнацио Трухиљо од Канарскиот астрофизички институт при Универзитетот на Ла Лагуна, Шпанија.

Истражувачите дознаа дека прастарата галаксија има двојно повеќе ѕвезди од Млечниот Пат, но е физички четири пати помала од нашата галаксија. Тоа значи дека NGC 1277 е во состојба на „закочен развој.“ Можеби и таа започнала како еден компактен објект како и повеќето други галаксии, но не успеала да собере повеќе материјал за да се зголеми и за да формира величествена спирална галаксија.

Според истражувачите, очекувано е отприлика една од 1000 масивни галаксии да биде ваква галаксија. Тие не се изненадени од нејзиното постоење, туку само согледуваат дека била на вистинското место во вистинското време за да се развие или поточно, да не се развие на начинот на којшто се развила.

Показателот кон „закочениот развој“ на галаксијата е во древните глобуларни јата кои се собираат околу неа. Масивните галаксии обично имаат и ѕвездени јата сиромашни со метали (кои наизглед се сини) и такви кои се богати со метали (кои изгледаат црвени). Се верува дека црвените јата се формираат во исто време со галаксијата, додека сините јата се внесуваат подоцна, кога галаксијата проголтува помали сателит-галаксии. Но NGC 1277 речиси и да нема сини глобуларни јата. „Ги проучувам глобуларните јата во галаксиите веќе долго време и ова е прв пат да видам нешто вакво,“ вели Мајкл Бизли, исто така од Канарскиот астрофизички институт.

Црвеникавите јата се најсилниот доказ дека галаксијата одамна престанала да создава нови ѕвезди. Но ваквиот недостаток на сини глобуларни јата сугерира дека NGC 1277 никогаш не продолжила да расте со проголтување на помали галаксии.

Од друга страна нашиот Млечен Пат содржи приближно 180 сини и црвени глобуларни јата. Ова делумно се должи на тоа што нашиот Млечен Пат продолжува да јаде галаксии кои премногу ќе му се приближат во нашата Локална група од неколку помали галаксии.

За разлика од ова NGC 1277 се наоѓа во значително поинаква околина. Галаксијата живее во близина на центарот на јатото Персеиди кое содржи над 1000 галаксии и се наоѓа на 240 милиони години од Земјата. Но NGC 1277 се движи низ јатото толку брзо, со брзина од 3,2 милиони километри на час, што не може да се спои со други галаксии за да собере други ѕвезди или да собере гас за да започне со формација на ѕвезди. Освен тоа во близина на центарот на галактичкото јато, интергалактичкиот гас е толку жежок што не може да се олади за да се кондензира и да формира ѕвезди.

Тимот започна да бара галаксии во „закочен развој“ во Слоуновиот дигитален преглед на небото (Sloan Digital Sky Survey) и најде 50 кандидати за масивни компактни галаксии. Користејќи слична техника, но на различен примерок, NGC беше идентификувана како единствена по тоа што има централна црна дупка која е многу помасивна од предвидената големина за толкава галаксија. Ова ја зајакнува теоријата дека супермасивната црна дупка и густиот предел на галаксијата растеле заедно, но популацијата на ѕвезди во галаксијата престанало да се зголемува бидејќи немало доволно надворешен материјал.

„Отпрвин не верував во хипотезата за древни галаксии, но на крај бев изненаден бидејќи сепак во астрономијата не се случува толку често да го најдеш тоа што го очекуваш,“ додаде Бизли. „Обично универзумот секогаш изнаоѓа повеќе изненадувања отколку што можеме да замислиме.“

Тимот треба да прегледа уште 10 други галаксии-кандидати, секоја со различен степен на „застој во развојот.“

Претстојниот вселенски телескоп Џејмс Веб при НАСА, за кој е планирано да се лансира во 2019, ќе им дозволи на астрономите да ги измерат движењата на глобуларните јата во NGC 1277. Ова ќе ја даде првата можност да се измери колку темна материја се содржи во прастарата галаксија.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: Phys.org

Сподели.