Загадочна железна „лента“ во срцето на Прстенестата маглина

0

Прстенестата маглина М57 е една од најпознатите и најфотографираните планетарни маглини на ноќното небо. Откриена е во 1779 година од францускиот астроном Шарл Месије и се наоѓа на околу 2.570 светлосни години од Земјата, во соѕвездието Лира. Речиси два и пол века оваа маглина е предмет на интензивни астрономски истражувања, па затоа се сметаше дека таа веќе нема што ново да открие. Сепак, неодамнешните набљудувања покажаа дека и најдобро проучените објекти сè уште можат да кријат големи изненадувања.

Прстенестата маглина М57, снимена со вселенскиот телескоп Џејмс Веб. Јасно се гледа нејзината класична прстенеста структура.

Во самото срце на маглината астрономите откриле необична, речиси совршено права структура составена од светлечки, јонизирани атоми на железо. Таа изгледа како тесна лента или шипка што го сече центарот на маглината, нешто што никогаш претходно не било забележано во планетарна маглина. Ваква форма е невообичаена и тешко се вклопува во постоечките модели за еволуција на овие објекти.

Прстенестата маглина е резултат на смртта на ѕвезда слична на Сонцето. Кога таква ѕвезда ќе го потроши своето нуклеарно гориво, таа ги исфрла своите надворешни слоеви во вселената, додека јадрото се собира и се претвора во бело џуџе. Исфрлениот материјал со време се осветлува под влијание на силното ултравиолетово зрачење од централното ѕвездено јадро и формира шарена, често симетрична маглина. Поради релативно „тивката“ природа на овој процес, планетарните маглини обично имаат уредни и правилни облици.

Слика од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на Прстенестата маглина

Новата железна лента е откриена со помош на инструментот WEAVE, кој овозможува т.н. интегрална спектроскопија. За разлика од постарите методи, кои анализирале само тесни делови од маглината, WEAVE овозможува истовремено да се добие спектар за целата област. Токму поради тоа, оваа структура останала незабележана толку долго време.

Дополнителната анализа покажала дека лентата не се однесува како млаз материјал исфрлен од централната ѕвезда. Белото џуџе не се наоѓа во центарот на структурата, а движењето на железото не одговара на типичен ѕвезден млаз. Наместо тоа, целата структура се движи во иста насока, што дополнително ја зголемува мистеријата.

Уште поизненадувачки е составот. Проценките покажуваат дека во лентата има маса од јонизирано железо споредлива со повеќе од десет проценти од масата на Земјата. Во маглини, железото обично е „заклучено“ во зрнца прашина, а не слободно и јонизирано. За да се ослободи, потребни се екстремни услови како силни ударни бранови или многу високи температури, а такви услови не се забележани во мирниот центар на Прстенестата маглина.

Означена позиција на железната лента во Прстенестата маглина, добиена од спектроскопските податоци на WEAVE и JWST.

Се разгледувале и поегзотични објаснувања, како на пример распадната планета која била уништена од гравитацијата на ѕвездата. Но вакво сценарио не ги објаснува ниту правилната форма на лентата, ниту отсуството на други елементи како силициум или магнезиум, кои би морале да бидат присутни.

Засега, железната лента во Прстенестата маглина останува отворена научна загатка. Астрономите се надеваат дека со набљудување на други планетарни маглини ќе пронајдат слични структури. Доколку такви објекти се откријат, тие би можеле да понудат клучни информации за процесите што се одвиваат во последните фази од животот на ѕвездите и за сложената хемија на меѓуѕвездениот простор.

Скопско астрономско друштво

Сподели.