Досега имаме пронајдено илјадници планети во нашата галаксија, повеќето со телескопот Кеплер, а ги имаме и забележано самите почетоци од формирањето на планетите – масовни дискови од прашина и гасови околу ѕвезди. Но фазите помеѓу ни беа далеку од познати, процесот кога од мошне ситна прашина се формираат покрупни камчиња коишто во текот на милијарди години се соединуваат во планети.
Сега еден дел од тој клучен процес е забележан: ѕвезда оддалечена 450 светлински години и стара само 2.5 милиони години се чини дека има обемен прстен од овие камчиња кои кружат околу неа. Во нашиот Сончев систем процесот на формирање на планети траел 4.5 милијарди години, што значи оваа ѕвезда, наречена ДГ Таури (DG Tauri), ни нуди поглед во самите почетоци на планетарното создавање. Пронајдоците беа претставени на Државната астрономска средба во Ландиндо (Landundo), во Велс.
„Идејата е дека (камчињата) се соединуваат и формираат астероиди со големина на згради и планини,“ изјави за IFL Science Џејн Гривс од унервизитетот Сент Ендрјус (St Andrews), кој го водеше истражувањето.
Колешка на Гривс, Анита Ричардс од Универзитетот на Манчестер, изјави дека веќе знаеле за млазовите од жешки гасови која ѕвездата ги исфрлала од нејзините полови. „Вообичаено за ѕвезди во рана фаза на формирање.“ Но, додаде дека било „вистинско изненадување да се види и појас од камчиња, со оглед на тоа што имаме само мал дел од податоците кои треба да ги добиеме.“ Се смета дека камчињата се поголеми од еден сантиметар и се протегаат во подрачје широко стотици милиони километри и се во два посебни дела на двете страни од ѕвездата.
Податоците се добиени преку e-MERLIN array, што претставува збир од седум телескопи во Англија сместени во Џордел Бенк во Чешир. Со користење на процес познат како интерферометрија, телескопите се користат како еден голем и помоќен телескоп.
„Неверојатно прецизните детали кои ги добивме со e-MERLIN телескопите се клучот на овој пронајдок,“ изјави Гривс.
Таа назначи дека регионот кои го истражуваат е мал колку орбитата на Јупитер во нашиот Сончев систем. Сепак, ДГ Таури е 2.5 пати поголема од нашето Сонце, така што шансите да се формираат планети во иста местоположба како нашите се многу мали.
Како и да е, откритието е многу важно. Гривс води тим наречен e-MERLIN истражување за Потеклото на камен-темелникот на планетата Земја, или еИПКТПЗ (PEBBLeS), кој што ќе бара такви појаси од камења околу ѕвезди со помош на e-MERLIN и претстоениот Square Kilometer Array. Со пронаоѓање на повеќе ќе дознаеме колку често се формираат планети, а нејзиниот тим се надева дека ќе најде планети како Земјата кои се формираат околу ѕвезда како нашето Сонце. Ова ќе покаже дали планети погодни за живот како нашата се чести или ретки во Вселената.
„Потрагата за планети како Земјата започна“ рече Гривс.
Превод: Стефан Цеков
Извор: IFL Science