За две години би можеле да знаеме дали Проксима б има атмосфера погодна за живот

0

Иако неодамна откриената планета Проксима б (Proxima b), сместена во, за нас најблискиот ѕвезден систем, Алфа Кентаур, засега не е возможно да се регистрира со директно набљудување, научниците се уверени дека во рок од две години ќе откријат дали на планетата има атмосфера погодна за живот.

Станува збор за карпеста планета со големина отприлика како на Земјата, која се наоѓа во населивата зона на Проксима Кентаури, црвена џуџеста планета во најблискиот ѕвезден систем до нас. Планетата од нас е оддалечена 4,2 светлински години, со особено краток период на ротација околу својата матична ѕвезда, само, 11.2 дена, па комбинацијата на огромната оддалеченост и сјајот од Проксима Кентаури оневозможува директен поглед на Проксима б.

Сепак, за одговор на прашањето дали има Проксима б атмосфера или не, не е неопходно директно набљудување, тврдат Ави Лоеб и Лора Кридберг (Avi Loeb & Laura Kriedberg) од Универзитетот Харвард. Тие се уверени дека решението на наведената загатка може да го даде наследникот на Хабл, вселенскиот телескоп Џејмс Веб (James Webb Space Telescope), чие лансирање е најавено за 2018 година.

„Наведената работа би можела да се оствари само со еден ден набљудување“ открива Лоеб, астрофизичар при Универзитетот Харвард. „Благодарение на светлината која ја примаме, можеме да се запрашаме дали тој свет е безживотна карпа. Ако не е, тогаш таму би можело да постои океан, како важен предуслов за постоење на живот“ изјавил Лоеб.

Сепак, научниците ги загрижува фактот што планетата е многу блиску до ѕвездата што може да значи дека е плимно врзана, како што нашата Месечина е врзана за Земјата. Во тој случај едната страна од Проксима б секогаш би била свртена кон ѕвездата, додека другата страна секогаш би била темна и ладна. Во случај на постоење на атмосфера, би постоела можност за живот на планетата, и тоа во граничното подрачје помеѓу ноќта и денот, благодарение на циркулацијата на топлината внатре во атмосферата. Постоењето на атмосфера би спречило испарување на водата од површината надвор во Вселената.

„Во основа, се запрашавме како би изгледала плимно врзана Земјата кога би ја ставиле во близина на Проксима Кентаури. Облаците, ветерот и водата го отежнуваат одговорот на ова прашање. На Земјата најмалку третина од топлината ја пренесуваат океаните и атмосферата“ изјавил Лоеб. Затоа тој смета дека е можно да се набљудува во инфрацрвениот дел од спектарот. Имено, откако ѕвездата ќе ја загрее карпестата планета, таа ја апсорбира сончевата светлина и ја емитира во Вселената како инфрацрвена светлина. Џејмс Веб е дизајниран со цел да набљудува во инфрацрвениот дел од спектарот, и тоа специфични бранови должини.

„Кога гледаме кон Месечината, таа поминува низ различни фази од Сончево осветлување. Ако замислите планета којашто кружи околу ѕвезда, ќе видите различни фази од планетата. Позади ѕвездата би ја виделе дневната страна. Пред ѕвездата би ја виделе ноќната страна од планетата. Додека Проксима б кружи околу ѕвездата од 11.2 денови, би воочиле промени во температурата односно „боите“ на планетата“ изјавил Лоеб.

Според моделот кој го осмислиле Лоеб и Кридберг, постоење на атмосфера на Проксима б би имало за последица редистрибуција на топлината од дневната на ноќната страна од планетата, а ако набљудувањата потврдат дека тоа не се случува, тогаш со голема сигурнот може да се каже дека планетата е безживотна.

Засега останува да го дочекаме лансирањето на телескопот James Webb.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Znanost

Сподели.