Нови податоци добиени со ГРАИЛ мисијата на НАСА откриваат дека регионот Процеларум (Procellarum) на блиската страна на Месечината, гигантски басен често нарекуван како “човекот на Месечината”, не е создаден од удар на голем астероид, туку од големо излевање на магма длабоко во внатрешноста на Месечината.
Процеларум регион е грубо кружен, вулкански терен со дијаметар од некои 1800 милји, во ширина речиси како САД. Една хипотеза сугерира дека бил формиран од страна на силен удар, во кој случај тоа би било најголемиот басен создаден на тој начин на Месечината. Последователни астероидни судири го препокриле регионот со помали, но сепак големи басени.
Сега научниците од МИТ, Факултетот за рударство во Колорадо и други институции, создадоа карта со висока резолуција на Процеларум и сфатија дека нејзината граница не е кружна, туку полигонална, составена од остри агли кои не би можеле да се создадат при удар со голем астероид. Наместо тоа, научниците веруваат дека аголната линија е создадена од страна на големо напукнување на затегнатата Месечева кора која го задржала топлиот материјал кој се излевал од длабоката внатрешност.
Марија Зубер, професор по геофизика на E.A. Грисволд и потпретседател за истражување на МИТ, вели дека со создавањето на пукнатините, се формирал „водоводен систем“ во кората на Месечината, преку кој магмата би можела да избива на површината. Така магмата би ги полнела помалите басени во регионот, создавајќи го она што денес го гледаме како темни дамки на блиската страна на Месечината, појава која беше инспирација за популарното име „човекот на Месечината.“
„Многу работи во науката се навистина комплицирани, но јас секогаш сакав да одговорам на едноставните прашања,“ вели Зубер која е главен истражувач за ГРАИЛ (Гравитациско закрепнување и внатрешна лабораторија – Gravity Recovery and Interior Laboratory) мисијата. „Колку луѓе ја гледаат Месечината и се прашуват што ја создава сликата која ја гледаме, дозволете ми да ви кажам – јас сакав да го најдам одговорот на тоа прашање!“
Тимот го мапираше регионот Процеларум користејќи податоци добиени од ГРАИЛ, сондите близначки кои орбитираа околу Месечината од јануари до декември 2012 година. Научниците го мереа растојанието помеѓу сондите додека тие се бркаа околу Месечината. Како што водечката сонда минуваше низ регион со помала густина, таа накратко забавуваше, фатена од страна на гравитациското влијание од регионот. Додека сондите кружеа околу Месечината, растојанијата помеѓу нив се зголемуваа и намалуваа во зависност од различните гравитациски влијанија кои беа во директна поврзаност со внатрешните Месечеви разлики во масата на соодветниот регион.
Од променливото растојанието помеѓу сондите, Зубер и нејзиниот тим ја определуваат силата на гравитација по површината на Месечината, создавајќи многу детална карта, која потоа се искористи за да се утврди каде лунарната кора е густа, а каде ретка.
Од овој мапирање истражувачите забележаа дека гребенот на Процеларум е составен од рабови кои се под агол од 120 степени. Тоа што ударите од астероид имаат тенденција да произведуваат кружни или елиптични кратери, вели Зубер, дополнително го поддржува фактот дека аголната форма на Процеларум не би можела да биде резултат на таков удар.
Наместо тоа, тимот истражуваше алтернативно сценарио: Некое време по формирањето и ладењето на Месечината, голема количина на стопен материјал се излеал од Месечевата внатрешност, во пределот каде денес се наоѓа Процеларум. Драстичната разликата во температурата помеѓу магмата и околната кора предизвикала површината да се собере со текот на времето, создавајќи модел на канали кои овозможиле создавање на систем преку кој стопениот материјал се искачувал на површината.
За да ја тестираат хипотезата, истражувачите моделирале гравитациски сигнал во регионот како да содржел вулкански упади, магма што се излевала од под површината на Месечината и со текот на времето се ладела и кристализирала. Резултатот од симулација одговарал на гравитацискиот сигнал снимен од страна на ГРАИЛ, поддржувајќи ја идеата дека Процеларум бил создаден од излевање на магма, а не од удар на астероид.
„Како таквото излевање се случило останува мистерија,“ вели Зубер. „Тоа би можело да се должи на радиоактивното распаѓање на елементите кои создаваат топлина во длабоките внатрешни слоеви. Или, разбирливо, многу ран голем удар кој би го предизвикал таквото излевање. Но, што се однесува до второво, сите докази за такво нешто се во потполност избришани. Луѓето кои сметаа дека целиот овој ран вулканизам е поврзан со гигантски удар треба да се вратат малку назад и да размислат малку повеќе за тоа. “
Превод: Боро Костевски
Извор: Phys.org