Вселенска сонда со антиматериски погон би можела да отпатува до Алфа Кентаури за само 40 години

0
Satellite-final-art-1200x874

Уметнички приказ на вселенско летало со антиматериски погон. Заслуга: Steven Howe/Hbar Technologies, LLC

Сонот за меѓуѕвездено патување наскоро може да стане реалност, според физичарите Џералд Џексон и Стивен Хоу, кои работеле на измислување на антиматериски погон повеќе од 10 години.

Според научниците, антиматериски придвижувано едро би можело да однесе сонда со маса од 10 килограми до најблискиот ѕвезден систем, Алфа Кентаури, за само 40 години, користејќи само 17 грами антиводород. Големото едро тешко 100 килограми, со дијаметар од 5 метри, е направено од јаглеродни влакна и е обложено со осиромашен ураниум.

Антиматеријата би била сместена во сондата. Кога антиводородот ќе дојде во допир со едрото, ураниумот претрпува фисија. Главните продукти на оваа фисија се два атома со приближно иста големина и со огромни брзини, но различни насоки. Едниот атом ќе се судри со едрото и ќе го придвижи напред, додека другиот атом ќе се изгуби во вселената. Со помош на овој метод, научниците сметаат дека сондата би можела да постигне брзини од околу 10% од брзината на светлината и би можела да дојде до работ на нашиот Сончев Систем за само 10 години.

Еден од најголемите проблеми кои треба да се разрешат е складирањето на антиматеријата. Антиматеријата е огледална верзија на нормалната материја, од која ние сме направени. Антиматериските честички, како позитронот и антипротонот, имаат иста маса како електронот и протонот, но спротивен полнеж. Кога материска и антиматериска честичка ќе дојдат во контакт тие меѓусебно се уништуваат и се претвораат во чиста енергија. Сè уште не е јасно зошто Универзумот е направен од материја, а не од антиматерија.

Оваа идеја првпат беше предложена во 2003-та година на „Particle Accelerator“ конференцијата, но не беше реализирана поради недостаток на средства. Па Џексон и Хоу, под името на нивната компанија „Hbar Technologies“, планираат да направат Kickstarter-кампања следниот месец која ќе им овозможи да создадат концепт и уред кој ќе може да го измери потисокот на овој систем. Тие се надеваат дека ќе соберат 200.000 долари, со кои би можеле да ја финансираат следната фаза од истражувањето.

„Масовното финансирање можеби е добар начин да се покаже интересот во овој проект кога би дошло време да се најдат покрупни инвеститори или владина поддршка,“ изјавил Џексон за Форбс. „Тогаш, би ни биле потребни финансиски средства од редот на 100 милиони долари за да се направи мал прототип.“

Превод: Бобан Панов

Извор: IFL Science

Сподели.