Двајца астронаути излегоа на „прошетка“ надвор од Меѓународната Вселенска станица (МВС) во текот на вчерашниот ден, со цел да ја завршат надградбата на електричното снабдување на станицата. Тие ги завршија сите поставени цели за половина од предвиденото време, пред да извршат и низа дополнителни задачи. Целиот процес беше емитуван во живо.
Напладне (11:22 часот GMT) на 13-ти јануари, Шејн Кимброу (Shane Kimbrough), астронаут од НАСА и командир на Вселенската станица, заедно со Томас Пескет (Thomas Pesquet) од Европската Вселенска Агенција (ESA) излезе од станицата, 40 минути порано од предвиденото време. Беше пресметано дека вселенската прошетка ќе трае 6.5 часа, но со оглед на тоа што тимот брзо помина низ примарните задачи, тие беа извршени за само 3.5 часа. Земајќи ги предвид брзината и ефикасноста во работењето, тешко можеше да се забележи дека се работи за првата вселенска прошетка на Пескет. Ова беше четврта прошетка во кариерата на Кимброу.
Вчерашната мисија беше второ и последно излегување во Вселената во процесот на електрична надградба на Вселенската станица, кој започна со роботска работа во декември. Во текот на две вселенски прошетки, астронаутите работеа на замена на никел-водородните батерии стари девет години, со шест нови литиум-јонски батерии. Пред да дојде до ова, Канадска роботска рака наречена Декстре (Dextre) ги премести новите батерии од товарното летало HTV-6, кое пристигна во декември, во нивните места во Вградената Електронска Монтажа (Integrated Electronics Assembly – IEA), од каде астронаутите можеа да ги поврзат со електричната мрежа. Роботската работа ги поштеди астронаутите од носење на батериите наоколу, скратувајќи им го времето кое треба да го поминат надвор од Вселенската станица. Три од старите батерии ќе бидат согорени во Земјината атмосфера заедно со товарното летало, а останатите ќе бидат складирани во IEA. Целата мисија беше наречена „вистинска кореографија помеѓу роботиката и човештвото.“
Со новата надградба, литиум-јонските батерии ќе работат со поголема ефикасност и ќе траат подолго. Соларните панели на Вселенската станица ги полнат батериите, а астронаутите зависат од таа енергија кога МВС поминува низ ноќната страна на Земјата, каде Сонцето не ги осветлува панелите.
Излегувањата во Вселената се доста физички напорни, па важно е да се испланираат што е можно повеќе активности во кратко време. Работејќи со неверојатна брзина, Кимброу и Пескет ги завршија и дополнителните активности, останувајќи со многу слободно време. Тие извршија неколку подесувања на делови на МВС и подготовки за следни излегувања во Вселената.
Вселенската прошетка заврши во 18:20 часот. Кимброу досега бил излезен во Вселената во вкупно време од 25 часа и 22 минути. Иако за Пескет ова беше прва вселенска прошетка, тој направи процесот да изгледа многу едноставно!
Превод: Марина Димовска
Извор: Space