Време за космичка ужина

0
Облак од прав наречен G2 се доближува до Стрелец А* (Sagittarius A*), црната дупка во центарот на нашата галаксија. Симулацијата го прикажува начинот на кој е можно облакот да биде развлечен и растргнат.

Облак од прав наречен G2 се доближува до Стрелец А* (Sagittarius A*), црната дупка во центарот на нашата галаксија. Симулацијата го прикажува начинот на кој е можно облакот да биде развлечен и растргнат.

Црните дупки често се прикажувани како ненаситни јадачи чија извонредна гравитација делува како едносмерна мембрана: всмукуваат сè, па и светлината, а речиси ништо не се враќа назад. Сега, за првпат ќе биде можно астрономите да набљудуваат како џиновска црна дупка се гости со космичка ужина. Во март или април се очекува облакот од гас G2 кој ита кон центарот на Млечниот Пат да се сретне со Стрелец А* (Sagittarius A*), црна дупка која се наоѓа на 26 000 светлински години од Земјата (нормално, настанот кој го очекуваме со нетрпение се случил пред 26 000 години). Облакот е три пати поголем од Земјата – мал залак за црната дупка, која има маса од четири милиони Сонца. Астрономите се прашуваат: дали, и со која брзина гасот ќе се сретне со црната дупка? Дали таа ќе го исфрли во вид на одлив или млаз? Сите се возбудени за овој настан.

Доколку црната дупка гризне голем залак од облакот, процесот на варење може да трае многу месеци, па и години, а би можело да се очекува и огномет – загревањето до милијарди степени по спиралниот пат навнатре би можел да го натера гасот да исфрли последен здив радијација, во опсег од радио-бранови до Х-зраци. Но, дури и тоа да не биде толку спектакуларно, научниците ќе добијат важни информации кои ќе ги донесат чекор понапред во разбирањето на црните дупки.

Се очекува акцијата да се одвива во два дела. Првата фаза, само недели по најголемото доближување на облакот, веќе развлечен во форма на шпагета поради гравитацијата, се очекува да започне некаде околу 31-ви март. Тогаш, G2 ќе биде доволно близу до надворешниот раб на дискот од материја кој се верува дека ја опкружува и храни црната дупка. Можно е ударниот бран да создаде Х-зраци и радио-бранови кои ќе можат да бидат детектирани со помош на телескопи. Доколку, пак, облакот содржи ѕвезда во центарот, како што некои научници веруваат, би можел да настане многу посилен шок и да се создаде повеќе светлина.

Доколку на облакот му е потребно релативно кратко време за да го помине спиралниот пат навнатре, тоа би укажало на голема вискозност на дискот на црната дупка. Подолго време, од неколку децении, би значело дека дискот има помала вискозност, како водата, што би му дозволило на гасот да кружи многу пати околу црната дупка пред да ѝ се препушти. Други податоци за природата на црната дупка се очекува да дојдат следната година, со помош на телескопот Хоризонт на настани (Event Horizon Telescope), што би требало да го објасни халото од невсмукана светлина кое ѝ ја дава рамката на Стрелец А*. Поместувања од предвидената форма на ова хало би ни укажало на потребата од ревизија на Ајнштајновата теорија на гравитација. Во 2018-та, пак, светла ѕвезда наречена S0-2 понатаму ќе ја подложи оваа теорија на тест, доаѓајќи значително поблизу до Стрелец А* отколку што тоа ќе го направи облакот од гас во најголемото доближување. Орбитата и светлината на оваа ѕвезда ќе открие дали Ајнштајновите равенки точно ја опишуваат гравитацијата во близина на супермасивна црна дупка.

Извор: The New York Times

Превод: Марина Димовска

Сподели.