Вонземјани можеби веќе ја истражиле галаксијата и ја посетиле Земјата

0

Според едно ново истражување, Млечниот Пат би можел да изобилува со меѓуѕвездени вонземски цивилизации, но ние не го знаеме тоа бидејќи нѐ немаат посетено 10 милиони години.

Истражувањето кое беше објавено минатиот месец во „The Astronomical Journal“ вели дека интелигентен вонземски живот би можел да ја истражува галаксијата и да го користи движењето на ѕвездените системи со цел да ги олесни меѓуѕвездените скокови.

aliens

Извор: Grandfailure/iStock

Истражувањето е одговор на прашањето познато како Ферми Парадоксот, кој прашува зошто сѐ уште немаме детектирано знаци од вонземска интелигенција.

Парадоксот прв пат бил поставен од страна на физичарот Енрико Ферми кој прашал: „Каде се сите?“

Ферми ја доведува во прашање изводливоста на патувањето помеѓу ѕвездите, но од тогаш, прашањето го претставува сомнежот за самото постоење на вонземски живот.

Астрофизичарот Мајкл Харт формално го искористил прашањето во неговото истражување од 1975 каде што навел дека имало доволно време за интелигентен живот да го колонизира Млечниот Пат од неговото формирање пред 13.6 милијарда години до сега, но сепак ние немаме стапено во никаков контакт со нив. Така Харт заклучил дека не постои друга напредна цивилизација во нашата галаксија.

Новото истражување нуди нова перспектива на прашањето: Можеби вонземјаните само користат време и се однесуваат стратешки.

Ѕвездите (и планетите околу нив) орбитираат околу центарот на галаксијајта по различни патеки со различни брзини. Со тек на нивното движење тие повремено поминуваат една покрај друга. Па така, според главниот автор на студијата Џонатан Карол-Неленбек, вонземјаните можеби чекаат нивната следна дестинација да се доближи до нив. Во тој случај на цивилизациите би им требало повеќе време за да ги освојат ѕвездите и можеби сѐ уште не дошле до нас, или пак ја посетиле Земјата пред настанокот на човештвото.

Нова идеја за меѓуѕвездено патување

Истражувачите се обидувале да дадат одговор на Ферми Парадоксот на неколку начини.

Некои студии ја испитувале можноста сите вонземски форми на живот да се формираат во океаните под површината на планетите. Други пак претпоставувале дека цивилизациите можеби исчезнале пред да бидат во можност да остварат какво било меѓуesвездено патување. Постои и хипотеза која вели дека другите општества од Млечниот Пат решиле да не стапат во контакт со нас од истите причини поради кои ние не стапуваме во контакт со одредени домородни племиња.

Истражување од Оксфорд Универзитетот од 2018 вели дека има шанса 2-од-5 дека сме сами во галаксијата и 1-од-3 дека сме сами во космосот.

Но авторите на најновото истражување посочуваат дека ниту едно од претходните истражувања не земало во предвид еден од клучните атрибути на нашата галаксија: Дека таа се движи. Ѕвездите орбитираат околу центарот на галаксијата на ист начин како што планетите орбитираат околу ѕвездите. Нашиот соларен систем прави орбита околу галаксијата за 230 милиони години.

Доколку цивилизација се појави во некој ѕвезден систем далеку од останатите (како што е нашиот), тие би можеле да го скратат своето патување доколку чекаат нивната орбитална патека да ги донесе поблизу до друг населен ѕвезден систем или до систем со населива планета. Кога веќе се наоѓаат во новиот систем, тие повторно ќе чекаат да го направат следниот скок кога пак ќе се наоѓаат на некое оптимално растојание. И така натаму. Во ова сценарио.

Млечниот Пат би можел да изобилува со населени ѕвездени системи

За да го истражат ова сценарио истражувачите користеле нумерички модели со цел да го симулираат ширењето на една цивилизација низ галаксијата. Тие земале во предвид најразлични можности за близина на хипотетичката цивилизација до новите ѕвездени системи, опсегот и брзината на нејзините меѓуѕвездени сонди и стапката на лансирање на тие сонди.

Тимот не правел обиди да ја претпостави мотивацијата или политиката на вонземјаните, тенденција кои некои астрономи ја гледаат како замка во другите решенија на Ферми Парадоксот. Сепак, дел од проблемот со моделирањето на ширењето на вонземски цивилизации низ галаксијата е што користиме само една основа за податоците: самите ние. Односно сите предвидувања се базирани на човечкото однесување. Но дур и со ова ограничување, истражувачите откриле дека Млечниот Пат би можел да е исполнет со населени ѕвездени системи за кои ние не знаеме.

До сега се откриени околу 4000 планети надвор од нашиот Сончев Систем и на ниту една од нив нема знаци за живот. Сепак, во Млечниот Пат постојат најмалку 100 милијарди планети и многу повеќе планети. Постои истражување кое предвидува дека барем 10 милијарди планети би можеле да бидат налик на Земјата.

Вонземјаните можеби ја посетиле Земјата во минатото

Друг клучен елемент во дебатите околу вонземскиот живот е тоа што Харт го нарекол „Факт А“: Во моментот на Земјата нема меѓуѕвездени посетители и нема доказ дека имало такви посети во минатото. Но авторите на новата студија велат дека тоа не мора да значи дека тие навистина не биле овде.

Доколку вонземска цивилизација дошла на Земјата пред милиони години (Земјата е стара 4.5 милијарда години), можно е дека денес нема зачувано било каков доказ од таа посета. Воедно возможно е и вонземјаните да поминале покрај Земјата по настанокот на човештвото но едноставно решиле дека не се заинтерсирани за посета. Тимот ова го нарекува „Аурора Ефект“, според новелата Аурора од Ким Стенли Робинсон.

Воедно треба да се земе во предвид дека можеби вонземјаните не сакаат да посетат планета на која веќе постои живот.

Калкулациите во истражувањето ги земале во предвид сите овие фактори, односно претпоставиле дека вонземските цивилизации би населиле само дел од световите кои ги посетуваат. Сепак резултатите покажале дека доколку постои доволен број на населиви светови, вонземјани лесно би се рашириле низ галаксијата до сега.

Научниците велат дека не треба да бидеме обесхрабрени од досегашната перцепирана тишина од универзумот. Тоа не значи дека сме сами, туку само дека населивите планети веројатно се ретки и тешко пристапни.

Во следните неколку години нашите можности за откривање и набљудување на планети ќе се зголемат драматично со лансирањето на нови телескопи во вселената, како што е Џејмс Веб Вселенскиот Телескоп.

Се разбира, она што навистина ќе ја подобри способноста на научниците да проценат веројатноста дека сме сами во универзумот, би биле повеќе податоци за брзината или опсегот на меѓуѕвездените сонди како и некои подобри претпоставки колку време би можела да опстои една хипотетска вонземска цивилизација.

Превод: Даница Ѓорѓевска

Извор: https://www.sciencealert.com/

Сподели.