Водата во Сончевиот систем датира пред нашето Сонце

0
Водата во Сончевиот систем датира пред нашето Сонце

Илустрација на нашиот Сончев систем низ времето, која го опфаќа периодот пред создавањето на Сонцето па сè до создавањето на планетите. Заслуги: Бил Секстон, NSF/AUI/NRAO

Водата претставува најзначајниот елемент за настанокот на живот на нашата планета, а исто така значајна е и при пресметувањето на можноста за живот кај други планети. Идентификувањето на првичниот извор на Земјината вода е клучно за разбирањето на настанувањето на средини кои се поволни за живот, како и колкава е веројатноста да бидат најдени на други локации. Нов труд направен од тим, во кој учествува Конел Александар, открил дека поголемото количество на вода во нашиот Сончев систем најверојатно потекнува од мразови кои се формирале во меѓуѕвездениот простор. Нивниот труд е објавен во списанието Science.

Вода може да се најде насекаде низ нашиот Сончев систем. Водата не се наоѓа само на нашата планета и може да биде забележана кај ледените комети, месечините во нашиот Сончев систем, како и кај скриените сливови на Меркур. Дополнително, водата е забележана и кај примероците на минерали од метеоритите, Месечината и Марс.

Впечатливо, астероидите и кометите, како примитивни објекти, претставуваат природни „временски означувачи“ на состојбата во времето на раниот Сочнев систем. Мразот на овие објекти може да им покаже на научниците за составот кој го опкружувал Сонцето по неговото создавање, чие потекло досега било непознато. Во неговите почетоци, Сонцето било опкружено од протопланетарен диск, таканеречената Сончева маглина, од која подоцна настанале планетите. Сепак, останало непознато дали мразот кој бил во овој диск потекнувал од самиот молекуларен облак на Сонцето, од кое и тоа самото е создадено, или пак оваа меѓуѕвездена вода била уништена и одново формирана преку хемиските реакции во Сончевата маглина.

„Зошто е ова важно? Доколку водата во раниот Сончев систем била првично наследена како мраз од меѓуѕвездениот простор, тогаш навистина е веројатно дека слични мразови, заедно со пребиотичка органска материја која ја содржат, ги има во изобилие кај повеќето, ако не и кај сите, протопланетарни дискови околу ѕвезди кои се формираат,“ објаснува Алекандар. „Но, долколку водата од раниот Сончев систем главно била резултат на хемиско процесирање за време на создавањето на Сонцето, тогаш постои веројатност дека изобилството од вода значајно варира при формирањето на планетарните системи, што очигледно дава имликации за потенцијалот за појавувањето на живот кај други локации.“

Гледајќи го соодносот меѓу водородот и неговиот тежок изотоп деутериум, може да им помогне на научниците со изучувањето на потеклото на Земјената вода. Во ова изучување, споредбата на деутериум со водород, постигната со симулација на модел од соодносот најден кај метеоритите, Земјината вода во океаните и кометите, кажува на научниците дека дел од водата во нашиот Сончев систем има потекло од меѓуѕвездениот простор и претходи на создавањето на нашето Сонце. Слика од брегот на Калифорнија. Заслуги: Carnegie Institution for Science President Matthew Scott

При изучувањето на историјата на мразовите на Сончевиот систем, тимот, предводен од Илседор Кливс од Универзитот во Мичиген, се фокусирал на водород и неговиот потежок изотоп деутериум. Изотопи претставуваат атоми од истиот елемент, но истите имаат ист број на протони, а различен број на неутрони. Разликата во масата меѓу изотопите резултира во суптилни разлики кај однесувањето за време на хемиските реакции. Како резултат на ова, односот на водородот со деутериумот кај молекулите на вода може да им ги укаже на научниците состојбите во кои молекулите се формираат.

Како за пример, меѓуѕвездената вода – мраз има висок однос на деутериум кон водород, поради ниските температури во кои се формира. Досега беше непознато колку од количеството на деутериум се отстранува за време на хемиското процесирање при создавањето на Сонцето, или колку од водата – мраз богата со деутериум можела да биде создадена од самиот Сончев систем.

Од таа причина тимот создал модели кои симулираат протопланетарни дискови кај кои целиот деутериум од меѓуѕвездениот простор е веќе елиминиран од хемиско процесирање и системот мора одново да почне со произведување на мраз со деутериум за период од милион години. Ова е направено со цел да се забележи дали системот ќе го постигне соодносот на деутериум и водород кој е пронајден кај примероците од метеорити, океанската вода, како и кај кометите. Тие дознале дека симулацијата не може да го оствари тоа, што укажува дека барем одредено количество од водата во нашиот Сончев систем има потекло од меѓуѕвездениот простор и истата претходи на создавањето на Сонцето.

„Нашите пронајдоци покажуваат дека значаен дел од водата во нашиот Сончев систем е постара од нашето Сонце, што укажува дека изобилие на органски богати мразови, најверојатно може да се најдат кај сите млади планетарни системи,“ вели Александар.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: phys.org

Сподели.