За присуството на вода на Марс се зборува со векови. Уште со првите телескопи биле откриени поларните капи, а првите астрономи правеле белешки за постоење на канали за кои претпоставувале дека се реки или канали создадени од други суштества.
Маринер 4 беше првото летало кое успешно прелетуваше над Марс. Истражувањата продолжија и во изминатите две декади, роверите Sojourner, Spirit, Opportunity и Curiosity испратија податоци до научниците кои се обидуваат да дознаат нешто повеќе за површината на планетата и да пронајдат докази за постоење вода сега или во минатото.
Откако се спушти на црвената планета во август, 2012 година, роверот Curiosity помина околу 20 километри во кратерот Гејл. Роверот испита околу 400 метри на седиментирани карпи што се наоѓаат во самиот кратер, вклучувајќи карпи за кои се претпоставува дека се 3.7 до 4.1 милијарди години стари, вели Езат Хејдари од Државниот Универзитет Џексон во Џексон, Мисисипи.
Хејдари и неговите колеги ги користеле овие слики од седиментирани карпи за да ги разберат геолошките процеси што се случувале на Марс пред милијарда години.
Во тие 400 метри карпи што ги испитувал роверот, истражувачите идентификувале четири различни типови на депозиција, а Хејдари вели: “Според мене, сите овие различни депозиции вклучувале вода.“
Дел од местото на истражување е всушност еден конгломерат со парчиња големи и до 20 центиметри. Сликите добиени од роверот Curiosity покажуваат гребени прекриени со кружни парчиња камења и слоеви кои достигнуваат височина дури до 4 метри – индикации дека депозицијата е направена од вода.
“Овие гребени се асиметрични. Со други зборови, овие гребени се создадени од еднонасочно движење“, вели Хејдари.
Откако добро ги проучил добиените слики, Хејдари вели дека веднаш помислил на нешто слично што го има на Земјата, поточно во Вашингтон. Гребените на Земјата и на Марс имаат слични карактеристики.
Вршејќи споредба со реките кои постојат тука на Земјата, Хејдари додава дека за да се содадат такви слоеви високи и до 4 метри, водата би требало да биде длабока околу 10-20 метри.
Превод: Христина Милошевска
Извор: phys.org